Аероклуб „Скопје“ влетува во нови ветрови

Според грчката митологија во дамнешно време живеел Икар, на латински Icarus, кој заедно со неговиот татко Дедал, Daedalus, заедно планирале да избегаат од заточеништво од островот Крит. Таткото Дедал бил вешт занаетчија и бил познат по тоа што го измислил Лавиринтот, уметноста му била пасија и водејќи се од идејата за бегство од Крит успеал да направи крилја за летање направени од восок и птичји пердуви. Младиот Икар, понесен од истата идеја, решил да ги стави крилјата на себе и да избега од Крит. Таткото Дедал го предупредил синот да не лета премногу ниско за да морето не ги натопи пердувите ниту пак, високо затоа што сонцето може да го стопи восокот со кој биле залепени пердувите.

  Икар го игнорирал предупредувањето на татко си и летал премногу високо, толку високо што топлината од сонцето почнала да го топи восокот. Пердувите се одлепиле а крилјата со кои летал Икар станале не функционални и затоа тој паднал во морето.

Восочните крилја на Дедал, од Jacob Peter фото:  Gowymuseodelprado.es

  Желбата да се лета како птица го натерала човекот да измислува многу направи од кои единствена, која се покажала како функционална е летало во форма на авион, ракета, хеликоптер и балон. Во денешно време постојат и нови форми на летала кои овозможуваат краткотрајни задоволства во воздухот а такви се параглајдер, падобран и во најново време т.н. џет човек, jetman, како и варијации од тој начин на летање.

  Авионите се користат за разни намени, рекламирање во воздух е една од тие а всушност значи влечење на реклама, банер или лого прикачена за некој авион кој лета во воздухот. Овој тип на рекламирање се користи за таргетирање на маса на луѓе, односно голем број на луѓе кои се наоѓаат на едно место и имаат можност да ја видат рекламата во воздух.
  Без разлика дали се лета со авион или хеликоптер нивната примена во земјоделието е огромна во високо развиените држави. Имено, тие се користат за заштита на земјоделски култури, хортикултури и шуми а се прскаат со течности кои ги заштитуваат растенијата и нивните плодови. Со прелетување на одредени земјоделски површини се испушта хемиска супстанца која учествува во превенирање и заштита од инсекти, глодари и разни микроорганизми кои штетно би влијаеле на земјоделските производи.  
  Летањето со авион, едрилица или хеликоптер е специфична работа и бара посебен вид едукација и тренинг. Обично на истата локација каде се полетува и слетува овие клубови обезбедуваат едукација за добивање дозволи, лиценци за летање од различен тип. Потребен е секако пилот инструктор кој ќе ја води едукацијата како и одреден број на часови поминати во воздух за да се добие соодветна летачка дозвола, лиценца од меѓународен карактер.
  Каква е ситуацијата во Македонија, дали постои можност за спортско летање? Освен аеродромите во Скопје и Охрид, кои служат за патнички и карго сообраќај во околината на главниот град постои спортски аеродром Стенковец чија писта се користи од спортскиот клуб „Скопје“. Формиран е пред повеќе од 90 години и до денес клубот поминал повеќе трансформации. Во разговор со двајца членови на клубот г-дин Горан Качев и г-дин Дејан Саздовски дознаваме за активностите и состојбите во клуб „Скопје“

  Игор Манев: Кога е формиран клубот и во каква сопственост е, државна или приватна?

  Горан Качев: Аеро клубот „Скопје“ е основан 1923г. што тогаш бил приватен аероклуб. Во времето на СФРЈ имало многу аероклубови и овој бил општествен, во тоа време бил здружение на граѓани. Во поново време откако Македонија е самостојна беше исто така здружение на граѓани а од пред 4 години ние го приватизиравме и сега сме ДОО трговско претпријатие, фирма која гласи Аероклуб „Скопје“.
Низ годините се менувало името, најпрвин било аероклуб „Скопје“ потоа „Јуриј Гагарин“ а потоа ние повторно го вративме старото име „Скопје“. 

  Со што се занимава клубот, што е функцијата на клубот „Скопје“?

  Ние правиме обука за пилоти, спортски пилоти односно приватни пилоти по нова некоја терминологија. Приватни пилоти на авион, потоа пилоти на едрилици, обучуваме падобранци и од прилика тоа би било за обука, едукација.

  Лиценците што ги добиваат пилотите од вас, дали се тоа меѓународни признати лиценци или само за локално ниво?

  Да, да, тоа се меѓународно признати лиценци по европски, светски стандарди. Инаку, работиме и комерцијално, фрламе вакцини од авион против беснило. Ние како фирма мораме од нешто да живееме.

  Има ли доволно заинтересирни за пилоти?

  Има заинтересирани ама нема доволно приходи, не стигнува. Не е дека од тоа живееме. Тоа се вика ериал ворк aerial work. Сè што може да се замисли со авион можеме да го направиме. На пример, влечеме банери потоа фрламе вакцини од авион и така, од тоа од прилика живееме.

  Кои се твоите лични почетоци во авијација, од кога си член на клубот?

  Јас сум во клубот од 1994г. почнав како пилот на едрилици па потоа земав лиценца за пилот на авиони. Земав едриличарска дозвола потоа PPL тоа е приватна пилотска лиценца. Инаку, сум професионален контролор на летање тоа ми е професија а ова ми е како еден вид пасија.

  Во продолжение на интервјуто со Горан Качев се префрламе во разговор и со неговиот колега Дејан Саздовски. Со него разговараме за проектот вакцини за лисици во превенција од беснило во Македонија.

Влечење банер со авион -  banner towing

Авиони, едрилици и параглајдер во хангарот на аероклуб „Скопје“, фото: Игор Манев

  Игор Манев: За каков проект се работи, велите дека ги фрлате од авион. Зошто се тие вакцини?

  Дејан Саздовски: Тоа е проект на ЕУ кој се одвива на територија на целиот Балкан меѓу која и Турција. Предходно се одвивал на територија на цела Европа. На подрачја каде имало голема концентрација на заболени од беснило како во Франција, Германија и во Полска. И тие тргнале да вакцинираат во Европа во период 92-94 г во мали региони каде имало ризик фактор за појава на беснило.

  Дали се тоа вакцини кои се наменети за сите диви животни?

  Тоа се вакцини за вакцинирање на лисици како животно кое е преносител и носител на беснило. Она е детектирана како во редот прва, во животинскиот свет. Тие таму во ЕУ си правеле вакцинација и откако завршиле во Европа детектирале дека има одредени региони и во Грција, Србија, Бугарија и т.н. и затоа се решиле за цел Балкан вклучувајќи ја и Турција. Решиле да се вакцинираат лисици на територија на Балкан во која спаѓа и Македонија.

  На кој реон се фрлаат овие вакцини во Македонија?

  Во Македонија како и секаде на Балканот се вакцинира секое парче, секој квадратен метар во Македонија освен градовите и реони по високи од 1700м во кои не престојува лисицата. Водените површини исто така не се места каде се фрлаат вакцините. Поточно се фрлаат 21 вакцина на километар квадратен земја. Носител на работата е Европска комисија а главен надзор во Македонија има Агенција за храна и ветерина.

  Од кога е почнат проектот и до кога ќе трае?

  Почнат е во есента 2012г. и трае 5 години. Тоа е период доволен за да се извакцинира одреден процент на популација на лисици после кој ќе имаме здрава животна средина. И тоа е една работа а втора работа е што вакцинацијата како процес откога ќе се помине автоматски Македонија како земја добива апгрејд, upgrade, едно ниво по големо во класификација на земји кои се грижат за сопствената ветеринарна безбедност. Така Македонија ќе добие бенефиции со тоа што полесно ќе може да извезува месо во Европа, процедурите ќе ѝ бидат олеснети бидејќи ние веќе ја имплементираме вакцинацијата во Македонија.

  Во која форма се аплицира, имплементира вакцинацијата?

  Во форма на малечко чоколадце кое што е составено од рибја храна, рибино брашно а внатре во вакцината има затворен во ќеса неактивен вирус. Тоа е ампула и тоа е вакцината. И бидејќи се покажало дека лисиците ги привлекува мирисот на риба во радиус од 500м тие ја наоѓаат вакцината и тоа го јадат. По секоја вакцинација во рок од 60 дена се прави тестирање, ловџиските друштва имаат задача да донесат одреден број лисици кои во ветеринарните станици се проверуваат дали се вакцинирани со оваа кампања или со некоја предходна. Значи се прави сериозна анализа.

  Колкав е бројот на вакцините кои се исфрлаат од авионот?

  Во Македонија 485.000 вакцини

  Во една година?

  Во една кампања, сезона. Се фрлаат на пролет кога лисиците добиваат малечки и се фрла во есен кога малечките се веќе активни, тие излегуваат од гнездото и почнуваат самостојно да јадат. Секаде е ист начин на цела територија на Балкан. Две вакцинации едната е пролетна а втората е есенска.
Важно е за граѓаните да се информираат дека доколку најдат мало чоколадце и има на него налепници, стикер да не го пипкаат! А доколку го пипкале или го јаделе треба да се јават во ветеринарна станица за да се заштитат. Оваа вакцина е тестирана на лисици а не е никогаш тестирана на луѓе па, не се знае каков ефект може да има на луѓето. Налепницата има инструкции на Македониски и Албански. Ако некое дете ја пипкало вакцината или ја јадело треба да се јави на телефонски број кој е запишан на вакцината. (КРАЈ)

Интервју со пилоти Горан Качев и Дејан Саздовски, кликни за видео

Слетување авион на Стенковец по вакцинација дел од проектот на ЕУ, кликни за видео

  Кампањата за вакцинација во Европа започнува уште од 1989г. кога зголемен број на Рабиес – беснило случаи се појавиле и продуцирале најголем пик на Рабиес појави во последната декада. Како резултат на орална Рабиес кампања за вакцинација ситуацијата во Европските земји многу се подобрила.
  Во 1988г. Финска доживеала ширење на Рабиес кај кучиња, ракуни и лисици. По 2 години вакцинација државата не пријавила ниту еден случај на беснило но болеста се проширила во Русија и Естонија. Инаку, истата кампања за вакцинација се спровела и во Италија откако биле пријавени неколку случаи на беснило.
  Во Франција биле пријавени 4.200 случаи на Рабиес кај животни во 1989г. Во годините кои следувале со вакцинираните реони се постигнал успех од 99.7% намалување на нови случаи на беснило. Успехот се должел исто така и на соработката меѓу Франција и нејзините комшии Белгија, Луксембург и Швајцарија.
  Во Полска и покрај кампањата за вакцинација сепак, бројот на забележани случаи кај диви и домашни животни се зголемувал до 1999г. Додека во Чешка Република со неколку кампањи бројот на нови случаи се намалил на 2 лисици кои биле лоцирани на самата граница со Германија и Полска.

  Оралните Рабиес вакцини, во сите Европски држави, драстично ја намалиле Рабиес инциденцата во Германија од 10.487 случаи на 83 во 1997г.

Состојби на беснило кај лисици во Европските држави

  Беснило кај лисици се карактеризира со висока варијабилна инкубација во период од 11 до 15 месеци. Средната вредност најверојатно не поминува повеќе од 30 денови. По инкубација фазата на морбидитет е кратка и трае од 0-14 денови. Вирусот на Рабиес се размножува во мозокот на лисиците и плунковните жлезди, затоа се пренесува преку гриз без разлика дали е дел од нормално однесување или испровоцирано од нервни пореметувања на лисиците. Дури 28 денови пред појавата на клинички симптоми, лисиците во период на инкубација, се покажало дека можат да ја пренесат болеста на здрави индивидуи. Клиничките знаци се слабеење-анорексија и промена во однесување. Најочигледниот знак е немање страв од луѓе, што ги прави лисиците по видливи, по често се приметуваат. Агресивното однесување кон луѓето е ретко. Инфекцијата со Рабиес кај лисиците се смета за летална и до сега не е пријавен ниту еден случај на нивно преживување.
  Кога вирусот ќе се прошири преку контакт болеста може да убие најмногу од локалните лисици, намалувајќи го нивните број. Реонот се репопуларизира преку миграција на лисици од комшиските реони. На пошироко ниво се случува динамички еквилибриум кој се одвива меѓу реоните каде драстично се намалил бројот на заразени лисици и реонот каде има здрави лисици. Здравите лисици се движат во сите насоки и така ги населуваат и реоните во кои има сосема малку од нив.
  Овие патогени и епидемиолошки податоци објаснуваат како лисицата може да биде жртва и резервоар на болеста. Но исто така во исто време може да биде и клуч за Рабиес контрола преку орална вакцинација.
Датум: 11 Октомври 2016