Благодарение на финансиските средства кои беа вложени на вистинско место, спортски центар Борис Трајковски, денес имаме можност рекреативно или професионално да се занимаваме со спорт.          

Шампиони во Пинг-Понг, мал турнир

  Имено, во самиот спортски комплекс има Пинг-Понг клуб во кој одвреме-навреме се организираат турнирчиња, во просторот кој се наоѓа во поткровјето од салата. Клубот е снабден со реквизити за овој спорт и тоа со топчиња, рекети, маса за пинг-понг, мрежа. Условите за играње се достапни за сите граѓани, дење и ноќе, но мора да се потенцира дека во вечерните часови неонското осветлување не одговара соодветно на потребите за овој спорт за успешно ловење на брзите и бели топчиња Јола-Yola.
  Центарот е изграден во чест на претседателот на Р.Македонија г-дин Борис Трајковски и официјално пуштен за употреба во 2008 година. Конструиран е според Американски стандарди, светски, па затоа таму често можеме бидеме сведоци на големи спортски натпревари.

Спортскиот комплекс Борис Трајковски веднаш по свеченото отворање во 2008г.

  Што се однесува до останатите спортски сали во Скопје условите за овој спорт не се баш на завидно ниво. На пример, доколку немате сопствени реквизити тогаш нема да можете да играте бидејќи клубот нема сопствени топчиња или пак рекети. Често пати можат да се видат оштетени маси или рекети за Пинг-Понг што само го расипува расположението за сериозен пристап кон овој спорт. Доколку во текот на играта топчето падне на оштетениот дел од масата, топчето сигурно ќе го смени правецот-траекторија на движење и ,ете, не фер поен за противникот.
  Во основните и средните училишта Пинг-Понг се предава само како час од 45 минути а потоа на учениците им се оставаат масата, уште 1-2 рекети, топче и тие понатаму сами се учат како да се игра. Лупаат по топчето како со чекан по шајка! Така ли се создаваат шампиони?
Наставниците по физичко образование своето слободно време многу често рекреативно го трошат токму на овие школски пинг-понг маси. Рекетите и пинг-понг топчињата, добиени од донации, стануваат приватна сопственост на наставниците доколку се тие во одлична состојба, а шкартот им се дава на учениците. По часовите целиот спортски инвентар останува под клуч во посебна соба, во која пристап има само еден.

Сет за Пинг-Понг, фото: Игор Манев

  Еднаш создадени рефлекси за овој спорт понатаму, тие тешко се менуваат. Имено, најупорните и најзаинтересираните си наоѓаат начин како да ја потрошат својата енергија. Во мали и самоорганизирани групи пинг–понгот и натаму живее. Во една група од 10 учесници постои вистинска жар за овој спорт, сопствени комбинации на бекхенд и форхенд се дел од техниките чија цел е да се победи во играта. Тоа што не се гледа на прв поглед е дека во таква група од 10 секогаш има 1-2-ца кои се истакнуваат над другите. Аматери но ептен заљубени во пинг-понг а како да не бидат кога страста ја покажуваат на дело со нивната брзина, силни ефикасни удари и повторно бекхенд, форхенд, спинови...Неоткриени таленти кои можат директно да се вклучат во некое поголемо професионално првенство на Пинг-Понг. Тие се секогаш во финале!                                                                     
  За жал, талентите сами се финансираат без никакви спонзори. Што е тоа што ги осакатува бизнисмените да не покажат никаква желба да спонзорираат аматерски турнири, па дури тие да се и мали турнири? Зошто не даваат пари? Одговорот е дека сакаат само сув профит и проста математика 1+1=2. Треба ли да зборувам за математички операции и Интеграли? Повторно ќе истакнам, за жал, најголемиот број од нашите македонски бизнисмени не гледаат од сопствениот нос подалеку!

Во текот на играта Пинг-Понг, фото: Игор Манев

  Медиумската промоција за овој спорт е исто така многу важен сегмент во стимулација на младите да го научат пинг-понгот. На тој начин се посветува повеќе внимание и се дознаваат повеќе информации, од основните каде се игра, кој ќе дојде, има ли рекети…? Социјалните медиуми како Фејсбук нудат нешто слично, имено, постои можност да кликнете на една од три опции како Одам, Можеби или Не одам. Go, Maybe, Not going. Но праксата покажува дека организаторот може да добие и по 40-60 кликнувања за Одам-Go ама на терен се појавуваат едвај 10 учесници. Затоа медиумската промоција преку развиени Веб сајтови, Радио, ТВ и печатени медиуми е многу поважна од Фејсбук и останати социјални мрежи.
  Клубовите во Македонија и Скопје се посебна приказна. Тоа е најдоброто место каде можете со сигурност да научите правилно да играте Пинг-Понг со тренер. Без тренер нема ефект. Во Скопје има клубови со тренери но нивниот број е толкав колку што можете да изброите на прсти на една рака. Навистина не знам дали постои Регистер на активни клубови за Пинг-Понг но едно е сигурно дека нив ги нема, барем по еден клуб со тренер, во секоја скопска населба. Кој знае каква е ситуацијата во останатите градови во Македонија?

Победниците од лево, Андреј Гулевски, Бојан Богдановски и Стефан Блажевски

Сите останати учесници, фото: Игор Манев

  Вистински настан кој се случи беше вчера со почеток во 19.30 часот токму во спортскиот центар Борис Трајковски. Во аматерски мал турнир во Пинг-Понг со околу 10 учесници, присутните можеа да ги видат сите горе споменати работи. Емоции, задишување од активна физичка активност, надеж за реванш за губитниците и радост за победниците. Се играше на две добиени до 11 освоени поени, со две сервирања. Финалето на три добиени.
  Првото место го освои Бојан Богдановски, второ место Андреј Гулевски а трето место Стефан Блажевски. Останатите Томо Јосовиќ, Кристијан Наумовски, Филип Џексон-Philip Jackson, Манев Игор, Кристијан Митиќ и Никола Чипов се бореа релаксирано за 4,5,6,7,8 и 9то место.       Сите учесници присуствуваа и учествуваа со 100 денари самофинансирање.
  Победниците на првите 3 места добија скромни награди од Милка чоколадо и 20% попуст од сендвичара Ла Пуерта, во која се служи Мексиканска храна.

  Вистинскиот бенефит од овој спорт, доколку ги тргнеме финансиите на страна а не дека не се потребни, е човечкиот бенефит. Што добивате доколку играте Пинг-Понг? 
  По неколку месечно редовно играње сигурно ќе добиете рефлекси на брзина, подобрена координација меѓу вашите раце и очи а посебно имате можност да го развиете чувството за дистанца, прецизност и секако брзина која ќе се манифестира преку вашата реакција. За овој спорт не постои возрасно ограничување но сепак, тие што сакаат само да гледаат можат да се придружат на овој настан кој покрај спортскиот има и социјален аспект. Ќе се видиме повторно!

Пишува: Игор Манев
Датум: 2 Јули 2016г.