Најбрзиот воз на планета Македонија

  Така наречениот ,,Кинески воз“ кој беше дел од проектот на владата за осовременување на железничкиот сообраќај изгледа дека си ја врши својата функција. Но тие што имаат сопствени возила, па дури и поскапи, пропуштаат можност да ја запознаат Македонија и нејзините убавини преку транспарентните прозорци на најбрзиот воз во нашата држава.
  Стекнати навики со убедување дека секој мора да има сопствено возило не заслепува сите нас без можност да видиме и нешто друго како опција, а тоа е железничкиот сообраќај.                                          
  Новиот ,,Кинески воз“ има модерен аеродинамичен надворешен дизајн со закосен нос во предниот и задниот дел од целата композиција, која брои неколку вагони. Според изгледот најверојатно постои капацитет за постигнување на големи брзини и тоа поголеми од 100км на час. Но на релација Скопје-Велес таа брзина не е поголема од 80км/ч. Прашање е, дали нашите пруги дозволуваат поголеми брзини со воз? Баш ме интересира, на која релација овие нови возови постигнуваат најголема брзина?

Новиот Кинески воз на Перон во Велес, Фото: Игор Манев

  Внатрешниот дизајн привлекува внимание со своите црвени седишта, чисти пред сè и не се гледа ниту една флека. Дамка, која би бодела око со причина дека таму седел некој што од непознати причини, лоши стекнати навики, залепил Базока мастика за џвакање или пак истурил газиран пијалок. Или можеби некој тоа го направил, но од штетата нема ниту трага! Тоа покажува дека вагоните редовно се одржуваат за да го зачуваат својот сјај.    
  Што се однесува до дизајнот тој е одличен, тапацири со црвена боја на седиштата, сребрено-сива боја наоколу на патосот од вагонот и бела боја на страните и таванот. Меѓу вагоните има темно сина боја а исто така и на местото каде се наоѓа тоалетот со дигитални копчиња за влез/излез.

Внатрешен дизајн на возот, фото: Игор Манев

  Со утринскиот воз од Скопје во 09.00 ч. на пат до Велес можете да уживате во удобните седишта кои нудат комфорд сосема доволно да се навалите и релаксирано да ја дочекате крајната дестинација. На овие горештини надвор со температури поголеми од 35 С° се прашувате, како ли ќе се патува на ова жешко време? Но изненадува ниската температура под 20 С° во возот која се одржува со еркондишн кој постојано работи на интервали. И додека гледате, преку прозорецот до вас, покосени полиња на кои останала само сува слама со златна боја во истото време вие си уживкате во возот на пријатна температура под 20 С°.

  Изненадува стабилноста на возот, додека се возите не се приметуваат никакви нагли поместувања на вашето тело на лево-десно. Постојат минимални вибрации кои се присутни во текот на целото патување а зависат од состојбите на шините. Доколку тие се правилно споени, заварени, тогаш нема големи вибрации. Стабилноста на возот се докажува на следниов едноставен начин, ако ставите шише со вода покрај прозорецот на возот, шишето треба да биде стабилно за да не се преврти долу на патос. И навистина шишето стои исправено.
  Поминувајќи ги локалните станици до Велес не се слушаат звуци на бучава туку возењето е тивко но, на неколку места се слушаат остри звуци на шкрипења кои доаѓаат од тркалата на возот. Контакт постои меѓу тркалата и шините но разбирливо е дека на тие места нивното триење е многу големо. Триењето на тркалата врз шините се јавува само доколку има зголемен отпор кој секако ја намалува енергијата на возот, силата за да влече возот се намалува. Зголемен Ώ ја намалува Е. Изгледа дека состојбата на шините не одговара соодветно на условите кои се потребни за новиот ,,Кинески воз“.

  Патувањето трае 60 минути и за тоа време можете да уживате во пејсажите на Македонија или пак да играте шах на вашиот Smart мобилен телефон. Се обидував да фатам wi-fi конекција но не успеав во ниту еден момент во текот на целата релација Скопје-Велес. Локалните wi-fi точки кои беа на располагање беа заклучени со лозинка password или пак тие слободните не пропуштаа слободен сигнал. Сепак сите wi-fi точки беа приватни кои зрачеа од куќите на граѓаните кои имаат живеалиште покрај шините на возот.                                                                                                                    
  Навистина голем пропуст, оваа можност за wi-fi не постои во ,,Кинескиот воз“. Што би нудела опцијата free wi-fi додека патувате со новиот воз? Одговорот е многу, од интернет конекција до употреба на мобилните апликации како Viber и Watsapp преку кои можете да реализирате мобилни разговори со целиот свет за нула 0 денари.
Безбедносните камери инсталирани и поставени во возот сигурно бараат висока технологија за да се овозможи нивно функционирање, па затоа инсталирањето на wi-fi конекција не би требало да биде проблем.

Wi-fi точки за интернет кои не се достапни на релација Скопје-Велес

  Возот стигна на својата дестинација Велес точно на време во 10.00ч по 1 час патување, толку долго колку што беше најавено. Ама затоа враќањето назад, кое требаше по распоред да биде во 14.20ч, се одложи поради дефект на возот. На станицата Велес на која се вратив во 14.00ч прашав еден случаен минувач за тоа дали возот е пристигнат. А тој човек ми одговори: ,,Кинескиот воз е во дефект, нешто со електрониката. Јас бев таму!“. Кој знае дали оваа информација беше точна но навистина возот не беше на своето место во Перон 1 кој требаше да биде точно во 13.20ч. а да тргне во 14.20ч. назад за Скопје.
 
  Бидејќи немаше друго место, а гледам и останатите патници, седнав и јас на една од дрвените клупи за да го чекам возот. Дрвени клупи кои беа дотраени и во облик таков какви можеме да видиме низ парковите. Три греди за седење и три греди за потпирање наредени под агол од близу 45 степени.
Низ прозорецот близу до клупата на која седев се слушаа некакви разговори на службени лица:,,Каде сте.../Кога доаѓате…/изолација…“ Си помислив дека овие лица би можеле да ми дадат некаков прецизен одговор за пристигнувањето на возот и затоа станав од клупата и влегов низ една врата. Само што поминав видов дека тоа е всушност еден многу стар објект со стари врати и распукани ѕидови. Нејсе, чукнав на втората растурена врата и откако ми одговорија влегов.
  Игор Манев: Добар ден, дали знаете кога ќе пристигне новиот Кинески воз?
  Службеникот со наочари: Би требало да пристигне во 15.00ч.
  Игор Манев: Би требало ама не се знае точно?
  Службеникот со наочари: Не се знае, возот имаше дефект и сега е кај Зелениково доаѓа наваму.
  Игор Манев: Ви благодарам, пријатно.
  Службеникот со наочари: Пријатно.
  Така некако одеше разговорот меѓу нас двајцата а потоа јас повторно тргнав кон клупата на која седев. Но, таму веќе седеше една девојка. Таа ми го фати моето место. Нема тука мое твое ако станеш нема гаранција дека ќе седнеш на истото место.
  Разгледав, лево – десно, си ја завртев главата од врат за да видам слободно место за седење бидејќи саатот беше околу 14.20 и имаше доста време за чекање. Видов една клупа на која веќе седеа двајца и слободно место таман за уште еден. Отидов натаму и пред да седнам им реков на патниците: ,,Ајде уште едно место за мене“ а тие без збор малку се поместија на страна и така јас седнав меѓу нив. За среќа сите клупи беа под сенка на ова време горештина со температура над 33Сº.

Клупа за седење пред станица Велес, фото: Игор Манев

  Не поминаа 5 минути и повторно ми се јави мисла, зошто сите чекаме надвор на станица? Видов дека имаше нов објект со нови ПВЦ врати, прозорци и затоа станав и се упатив натаму. Двете врати беа заклучени а внатре немаше никој. Завртев наоколу од другата страна на објектот а таму прочитав Станица Велес-Railway Veles, тоа беше всушност влезната врата на чекалната. Претпоставувам со еркондишн!
  Нема други опции и затоа се упатив кон дрвената клупа под сенка. По пат го дополнив шишето со вода, тоа беше најдобриот начин да се издржат овие горештини. Постојана рехидратација! Само што седнав и ми пријде еден патник ме праша:,,Извини дечко, дали знаеш кога ќе стигне возот?“ „Околу 15.00“ му одговорив. А тој возбудено рече:,,Ееееј у п….мајчину!“. Беше нестрплив. Да, да, на сите ни беше преку глава ама сите ние различно реагираме. Најголемиот проблем всушност не беше чекањето туку горештината, сите баравме сенка под жешкото сонце. Еркондишн немаше ниту за службениците во стариот објект.
  Дојде 15.00ч а возот сеуште не беше пристигнат. Неизвесноста за неговото доаѓање ги правеше патниците уште понервозни па, впрочем, сите ние купивме карта за возот на која пишуваше време на поаѓање. Немаше официјална дигитална табла на која можевме да прочитаме задоцнување Delay или пристигнување Arrival со точно време. Сите информации за возот ги добивавме од непознати луѓе, ние сите самите се информиравме. Навистина заостанати работи, во ова време на комуникација чудно е како не се вложува во инструменти кои се многу ефтини.

Станица за воз Велес, фото: Игор Манев

  И конечно од разгласот слушнавме најава дека возот ќе пристигне на Перон 1 за 5 минути. Arrival 15:15ч. Се раздвижија сите патници, со забрзани чекори се упатија кон влезните хидроулични врати на возот а потоа секој си најде место во ладовина. Возот беше вистинско освежување во споредба со надворешните температури над 33Сº, сите избегавме од горештините. Пет минути подоцна возот тргна назад кон Скопје.

  Станиците се редеа една по една и откако го минавме жешкото искуство на станицата во Велес, сега почнавме да дознаваме дека имало и полошо. Стигнувајќи на станицата Кадина река видовме дека објектот беше со скршени стакла и картони на прозорците. Многу лоша глетка за тоа што треба да претставува железничка станица, а којзнае таму дали има чекална?
Имало и т.н. Стојалишта а тоа, претпоставувам, треба ли да бидат места каде се стои? Стојалиштето Смесница е карикатура на македонскиот железнички сообраќај а такви има неколку на релација Скопје-Велес. Не знаев дека документарците за сиромашни Африкански држави, зборувајќи за нивните железнички станици, всушност се вистинска приказна и за Македонија. Станицата Рајко Жинзифов е дел од ,,подобриот“ изглед.

Станица Рајко Жинзифов, фото: Игор Манев

  Автоматски се отвори вратата на Стојалиште Смесница и влезе група млади странци, некои од нив полуголи само со гаќи за бањање. Збореа и смееја, наликуваа на Авганистанци од оние бегалците кои ни престојуваат на граница. Немаше налепница ниту пак предупредување во возот дека не се оди така полугол, немаше правила на облекување и можеби затоа така странците си дозволуваа. Верувам дека тоа го снимија безбедносните камери. Можеби го снимија меѓутоа, немаше никаква реакција од кондуктерите во возот. Можеби забрана за влез во возот би била мерка за реакција на кондуктерите.

  Во секој вагон од двете страни на седиштата има по еден монитор на кој постојано се вртеше ист македонски документарец за историјата на Македонија. Се зборуваше за Византиско царство, Цар Душан, Цар Самоил, Скопското Кале...Во еден момент на мониторот се појави македонска христијанска икона од документарецот, лик на светица во мозаик, од минатите времиња. Реакцијата на еден од младите полуголи тинејџери додека гледаше на мониторот беше:,,Ооооо Чифша!“ Сведоштво за говор на омраза, тие дефинитивно беа странци во Македонија и не ја почитуваа македонската историја и културното наследство.
 
  ТЕЕ е Транс Европа Експрес возна линија која за првпат се воспоставила во 1957 година и поврзувала 130 држави. Овој воз бил најактивен во Западна Германија и е причина за брзиот економски развој на тогашната држава бидејќи се пренеувало патници и стока. Случајот не беше ист за Источна Германија. Но затоа Франција, Германија, Швајцарија, Белгија и Луксембург имале најголем бенефит од оваа мрежа на железнички транспорт. Својот најголем успех ТЕЕ го достигнува во 1974 г. а за неговиот успех музичкиот бенд Крафтверк создаде електронска музика со наслов ТЕЕ.

Kraftwerk и песната ТЕЕ, фотошоп: Игор Манев

  Каде се наоѓа Македонија на ранк листа споредувајќи го железничкиот сообраќај со останатите држави во светот? Според Index Mundi Македонија се наоѓа на 102 место заедно со Етиопија, Брегот на слоновата коска и останати Африкански држави. Словенија се наоѓа на 85 место со вкупно 1228 км железничка пруга. На првите три места се САД, Русија и Кина. Вкупната должина на пруга во Македонија изнесува 699 км од кои само 234 км се електризирани. Од 1999 година во Македонија должината на железничката пруга останала потполно иста а тоа е 699 км. Тоа значи дека ниту една политичка структура до 2012 година не вложиле ниту денар за да се прошири железничката мрежа низ Македонија. Податоци од 2012-2016 година не постојат!

Ранк листа за железнички сообраќај според Индекс Мунди

  Најслабата точка во железничкиот сообраќај во моментов изгледа дека е неписменоста на раководните структури кои немаат доволно капацитет да се соочат со новите предизвици на информираност за да работите се реализираат до крај. „Матните води“ служат само како шанса за предизвикување конфузија, збунетост кај граѓаните на Македонија и состојба на неизвесност. Погледнете го само возниот ред во Македонија по релации кој е официјално објавен на страницата на МЗТ транспорт. За какво писмо се работи? Кинеско писмо не е сигурно! Гледате акценти без букви, големи загради од математички операции наместо букви. Некаква квази комбинација од латинично писмо, интерпукциски знаци и математички знаци кои треба да се читаат на македонски јазик. Се прашувам, дали знаат за ова нашите лингвисти кои треба да се грижат за правилната употреба на Македонскиот јазик?

Возен ред објавен на непознат јазик на страницата на МЗТ транспорт

  Најсветлата точка во железничкиот сообраќај е секако ,,Кинескиот воз“. Старите возови се вистинска канта и од тие не треба да се очекува ништо добро, бидејќи постојано се со дефекти и репарации. Новата железничка композиција може силно да влијае врз менталниот склоп на сите граѓани и нивниот однос кон нашите политичари за подобрување на целата мрежа од пруги низ Македонија и градба на нови дестинации. Ако се размислува во тој правец тогаш можеме сите да очекуваме нови возови, чекални, пруги и нова инфраструктура која ќе го подигне нашиот економскиот развој.
Датум: 15 Јули 2016 година

Speak out English camp