,,Сахарска” прашина во населба Ченто-Скопје

Како бел и транспарентен облак се појавуваше во воздухот, се издигнуваше високо над сите објекти, ги надлетуваше и се ширеше подалеку низ целата населба.

  Навлегуваше низ вратите и прозорците на трговските фирми и нашите домови правејќи контаминација на сите простори внатре. Во текот на цела една година, од минатиот месец Јуни 2015 година до денешен ден, со помал интензитет но сеуште присутна оваа прашина не заокружи никого, не поштеди никого со сопствениот токсичен ефект за кој сеуште никој ниту збор не спомнал!

  Рано наутро уште во 08-09.00 часот белиот облак се појавуваше и остануваше во воздухот над улицата „Маџари“. А потоа откако ќе се создадеше поголема концентрација на прашина истата го започнуваше своето лебдење над главната улица „Антон Попов“ и најдолгата улица „Финска“. Завесата од бела прашина можеше да се гледа до околу 19.00 часот а потоа полека, полека таа се раситнуваше, се губеше во ветерот на чистиот воздух и исчезнуваше во далечина. Најситните честички никој не знае до каде стигнале во околината. Иако по тој период,19.00ч, не беше видлива сепак нејзиниот мирис можеше да се почуствува и во вечерните часови.

  Почнувајќи од главните семафори и продолжувајќи по улица ,,Маџари“ на нејзината лева и десна страна може да се видат објекти кои работат најразлични дејности меѓу кои и прехрамбени, кои продаваат ќебапчиња, бурек, сувомеснати и друга храна од секаков вид. Единствената бариера меѓу прашината и нивната храна изложена во излозите сеуште се стаклените врати и прозори. Но бидејќи секојдневно влегуваат муштерии во истите, можете да си замислите колку количество прашина влегуваше во продавниците со прехрамбени производи. Не секоја продавница има еркондишн а тоа значи дека некои од нивните вработени отвораше „привремено“ врата или прозор за да можат да проветрат или да ја изедначат температурата во нормални 21-22 Сº.

Дуќани во населба Ченто, фото: Игор Манев

  Поликлиника Ченто единствениот поголем здравствен дом, чија влезна врата е постојано отворена, кој знае пак таму колку количество на прашина навлегува секојдневно? Прашина која болните пациенти ја вдишуваат чекајќи на ред за преглед. Истиот воздух за докторите на првиот и вториот спрат заедно со пациентите. Истиот загаден воздух и за директорката на Поликлиника Ченто.
  Но во споредба со зелениот пазар, директната изложеност на пазарџиите од оваа токсична прашина е неспоредливо поголема во однос на сите вработени во продавниците наоколу. Фронталниот дел од објектот на пазарот беше отстранет по целата должина и ширина и буквално ги оставија пазарџиите на немилост, без никаква заштита, од директното штетно влијание на белиот облак. За квалитетот на нивните земјоделски производи не знам што би можело да се зборува бидејќи и тие изложени на нивните тезги многу лесно доаѓаа во контакт со прашината, која навлегувајќи во пазарот потоа се таложеше низ целиот простор.
  Во разговор со нив што мислат за прашината во објектот на пазарот тие одговараат:„А каде да се оди? Има ли друго место каде да се избега од овде?“
  Други пак одговараат: „Лелееее ќути, не утепаа со оваа прашина!“
  Дали е вака секој ден? „Цел ден Аман веќе и не само тоа, после кога ќе почнат да брчат со машините…!“

Поликлиника Ченто, фото: Игор Манев

Зелен пазар во Ченто, предната страна е потполно отворена,  фото: Игор Манев

  Во продолжение на улицата ,,Маџари“ се наоѓа освновното школо ,,Дане Крапчев“ со целодневна настава на ученици од 1-во до 8-мо одделение. Понатаму, резидентни т.н. Бели згради и ресторанот ,,Ханибал“. За тоа како сите тие се справувале со токсичниот ефект на прашината можеме само да си претпоставиме, земајќи ги изјавите на пазарџиите во предвид. Огромна популација на луѓе беа изложени буквално 365 дена во една година.

Улица ,,Маџари“ во фаза на изградба, фото: Игор Манев

  Колку за споредба Сахарската прашина е чест природен феномен кој се јавува во Барцелона Шпанија и тамошните граѓани се многу добро информирани за заштитните мерки од токсичниот ефект на ПМ честичките. Постојат многу научни студии и сите докажуваат дека дури и во краток временски период оваа природна прашина предизвикува кардиоваскуларни болести и болести на бели дробови.

  Но што се однесува за белата прашина, која сеуште е присутна во воздухот во Ченто, не се работи за природен феномен туку за феномен предизвикан од човек. Имено, градежните работи кои траат 1 година ги предизвикаа сите загадувања со прашината, за која напишав погоре. Муабетите кои кружат во нашата населба, од сериозни луѓе, се дека во песокот има железна згура-iron ore. Доколку се докаже како точно тогаш токсичноста на прашината помешана со честички од железна згура е многу кратно поопасна за граѓаните на Ченто. Песокот се користи со ситни камчиња-макадам како подлога врз која се става Асфалт. Дали под асфалтот на улица ,,Маџари“ има навистина железна згура и кој е нејзиниот вистински токсичен ефект за воздухот и почвата?

  Со овој проблем вистински се соочувале граѓаните во Австралија во областа Порт Хедланд-Port Hedland и за тоа во рамките на нивното Mинистерство за здравство е направена научна студија и јавно објавена во 2010 година. Во која се наведува дека прашина помешана со железна згура предизвикува иритација и воспаление на носните синуси, очите и очните капаци. За време на дишењето со инхалација на прашината, нејзините ПМ честички создаваат иритација на долните и горните дишни патишта и предизвикуваат кивање, кашлање, воспалителни процеси-бронхитис а кај хронични болните предизвикува напади на Астма и влошување на Кардиваскуларни заболувања.
  Во согласност со луѓето на Австралија, кои биле хоспитализирани заради изложеност на прашина со железна згура, направени се детални анализи и објавени се 3 студии со наслов Ефектите на прашината од кората на земјата врз Белодробната ќелиска Биологија. Проектот го водел Белодробниот институт на Западна Австралија и во нивната студија направени се in vitro испитувања, во лабораторија на култура од ќелии, врз кои се делувало со честички ПМ 10 земени од местото Порт Хедланд. Докажано е дека овие честички на железна згура ги оштетуваат мембраните на ќелиите и ги унишуваат со нивниот токсичен офект.

  Колку што ни е познато на сите нас во Ченто, таква студија воопшто не е направена во рамките на нашето Министерство за здравство а ниту пак има некакви информации од Министерство за животна средина и просторно планирање за токсичниот ефект на прашината која е присутна 365 денови и сеуште лебди во воздухот. Впрочем, нивната работа е заштита на воздухот, водата, заштита на почвата и заштита на животната средина преку лабораториски анализи и испитувања на сите медиуми и области на животна средина. Каква корист од овие министерства ако граѓаните на Ченто се изложени на токсични честички? А притоа никој ништо не превзема или пак, не дај Боже, да се исптитува и да се направат лабораториски анализи на прашината со железна згура во воздухот и почвата.

  Сироти градежни работници, изгледа дека тие се најзагрозени во целава оваа ситуација. Постојано се на терен и изложени се на прашина а притоа никој од нив не носи никаква маска за заштита на нивното здравје. Тие постојано се присутни во изградба на нови патишта. Се прашувам колку Министерството за труд и социјална политика ги следи овие активности?

Кинески градежен работник со маска за заштита од прашина.                           Опрема ракавици, маска, шлем и наочари.

  Нејсе, има една работа која сигурно може да се поврзе со сите овие неодговорни работења, да не кажам криминал, затоа што воопшто не се почитуваат никакви правни регулативи за заштита на животната средина и правата на работно место.  До пред десетина дена улицата ,,Маџари“ беше 355 дена раскопана и на патот имаше ситен песок и камчиња. Нашата населба, место на живеење, почна да наликува на село Белимбегово или некое друго приградско скопско село. Но по започнувањето на судењето во случајот ,,Космос“ кој го отвори СЈО Специјалното Јавно Обвинителство против градоначалникот на општина Гази Баба работите се сменија за час. Во последните десетина дена големите машини паркирани во Ченто одеднаш се разработија и почнаа да урлаат со сета своја силина, вадејќи го максимумот на нивната кубикажа. На улицата ,,Маџари“ од семафорите до почетокот на мостот преку автопатот ,,Александар Македонски“ се постави Асфалт за само 10 дена!                                                                                                                                                                                    
  Иначе, за финишот на сите градежни работи во Ченто не постои никаков рок за тоа. Народот си зборуваше дека наводно ќе се завршело асфалтирањето на улицата до 5 Јуни, бидејќи тоа беше првиот рок дека ќе има избори. Но изборите се одложени до недоглед, па затоа не се знае до кога ќе трае изградбата на улица ,,Маџари“ комплетно со тротоари и осветлување, шахти…

Google Map - Гугл Мапа и улицата ,,Маџари“ 850 метри пешки за 10 минути

  Доколку проверите на Гугл Мап Google Map за должината на оваа улица ќе видите дека таа изнесува само 850 метри, која можете да ја поминете пеш за 10 минути а со возило за само 3 минути. Само 850 метри во текот на 365 денови а доколку пресметате математички ќе видите дека ефикасноста, на одговорните за изведба на овој проект, изнесува 2.3 метри за еден ден. Да напоменам дека градењето на патот сеуште трае. Аирлија работа мајстори!

  Воздухот во Скопската населба Ченто со сигурност се загадува веќе неколку години наназад, почнувајќи со црвената прашина која долго време доаѓаше од локација на бивша ,,Железара“, а сега ново тековно загадување со прашината од обемните градежни работи.
  Но во првите ноќни часови по полноќ се појави и нов извор на загадување во Ченто, не секоја ноќ, токсичен мирис кој потсетува на запалено пинг-понг топче или пак некаков лак. Сигурно се работи за загадување од некоја хемиска супстанца ама тешко е да се одреди визуелно од каде доаѓа бидејќи се испушта само во доцните ноќни часови. Понекогаш предизвикува кивање и нагони за кашлање во време кога се чувствува тој мирис на запалено пинг-понг топче.                                                                                                                                                                  
  Затоа граѓаните на нашата населба заслужуваат нова мерна станица со која ќе се врши 24 часовен мониторинг на загаденоста на воздухот преку мерење на присустност на ПМ честички од најмали до најголеми. Мерната станица во Гази Баба е премногу далеку, неколку килoметри, за да ја детектира загаденоста на воздухот во центарот на Ченто. Тоа би било одличен начин за докажување на сите полутанти кои се предизвикани од човечки фактор.
Датум: 29 Јуни 2016 година