Во мрежата на Тарантула служба

  Нашите сопствени возила не се луксус, како што тоа било порано во минатите времиња кога во автомобилите се возеле само државни функционери или побогати граѓани. Пред околу 50-на години велосипедите се возеле масовно бидејќи биле финансиски достапни за најголемиот број од населението во Македонија.
  Тоа што велосипедите претставувале во минатото за македонците а се користеле за сопствен транспорт, во денешнината на 21 век се споредува со вредноста на автомобилите. Од понеделник до петок, денес, автомобилите се потреба бидејќи ги користиме секојдневно за сопствен превоз до работно место и за работни обврски. Додека во сабота и недела за прошетка до Водно, Хиподром, Матка или пак, централно градско подрачје за шопинг.
 
  И првата работа на која секој возач помислува е: Каде да се паркирам? Има ли место во Центар? Секако дека не би се поставувале овие прашања доколку паркинзите во Скопје се подобро организирани со слободно паркинг место и наплата.
  Еден од најстарите и најсигурни начини за правилно користење на паркиралиштата се т.н. Паркингметри кои за првпат се употребени во 1938г. Тоа е метален столб со тајмер во кој се ставаат метални парички или дебитни картички од банка и со нив се плаќа за сопствено возило во мирување паркирано за одредено време. Паркингметрите всушност означуваат само едно слободно место за паркинг, што значи дека не може да се паркираат две возила во исто време и исто место! За жал, во Македонија освен во Охрид навистина не знам каде може да се видат паркингметри.
  Наплатата за паркинг место во Скопје оди преку мобилен или преку вработено лице во киоск. Доколку нема киоск тогаш службените лица-инкасатори шетаат по должина на некоја улица и така ги забележуваат следните возила кои бараат место. Најчесто цените за паркирање се највисоки токму на такви места каде наплатата се врши од инкасатор. Едно од тие места е споредната улица ,,50-Дивизија“ веднаш до клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Паркингметар со парички и дебитни картички, фото: crescentmag

  Паркирањето возила на недозволено место за паркинг е вистински феномен во Скопје. Имено, многу често се среќаваат возила кои сопствениците си ги оставаат на кривина од улица, без притоа да помислат дека е непрописно а згора на тоа ги ставаат сите останати возачи во опасност бидејќи прегледноста токму на кривината е многу намалена. Значи, со зголемен ризик за сообраќајна несреќа! Зачудува фактот дека паркирањето на кривина од улица се толерира од сообраќајна полиција сè додека не се случи инцидент.
  За време на војната во Ирак, Операција црвена зора, војниците на Алијансата ги сметаа за можен терористички акт сите возила кои беа паркирани токму на кривините низ улиците на Багдад. Затоа тие возила беа со голема внимателност прегледувани, под сомнение дека можеби имаат бомби.

Автомобили паркирани на кривина од улица Финска, фото: Игор Манев

  Паркингот во дворот на Клинички центар „Мајка Тереза“ е приказна сама за себе. Најголемиот клинички и специјалистички комплекс во Македонија си продуцира сопствено аерозагадување веднаш под прозорите на болничките и докторските соби. Бидејќи секојдневно стотици и стотици возила од цела Македонија и странство циркулираат низ малите улички токму во самиот Клинички центар.
  Којзнае колкаво количество на аерозагадување и којзнае какви сè токсични честички летаат во овој воздушен простор? Дали некој предложил инсталирање мерна станица во рамките на ,,Мајка Тереза“? Ако веќе постои хелиодром зошто да не постои и мерна станица? Па, воздухот во клиничкиот центар е наменет приоритетно за пациентите, нели?
  Верувам дека никој точно не знае колку возила на број се во мирување, паркирани во Клинички центар. Затоа секакви автомобили доволно е само да поминат низ рампа, главен влез, да си земат тикет а потоа возачите сами да си најдат паркинг место. И бидејќи слободно место е проблем таму да се најде затоа возилата се паркираат половина на улица а половина на тротоар. Или возило со целата големина целосно да се паркира на тротоар.
  Поради зафатените тротоари од автомобилите, пешаците мораат да се движат по улица а исто така и пациенти во инвалидски колички кои се управувани најчесто од медицински персонал или роднини на болните. Глетката од целата акција на движење е во стилот на „Monty python“, Монти пајтон-хумористична група, затоа што можете на иста улица да видите рамноправно движење на возила и пациенти во инвалидски колички. Често поминуваат една покрај друга а не ретко може да се слушне и свирка. Кои се тие луѓе кои си дозволуваат узурпација и окупација на клиничките улици и тротоари? Што е тоа, Клинички центар „Мајка Тереза“ или панаѓур?

Паркирани автомобили низ уличките на Клинички центар „Мајка Тереза“ фото: Игор Манев

  Паркингот на Универзитет „св. Кирил и Методиј“ - Ректорат има најефтина тарифа, но сепак и тука може да се види истата глетка како кај Клиничкиот центар. Возилата се паркираат по крајот, на една страна, од тесните улички а доколку не најдете слободно место лево кај проширувањето тогаш, можете слободно да се паркирате и на зелена површина. Таму има дрва кои во летниот период можат да ви држат сенка врз возилото.
  Убедливо најлош паркинг плац што во животот сум видел е локација која се наоѓа на Бит Пазар на улица „Кирил Пејчиновиќ“ со координати за google map: 42.004034, 21.438670. Навистина, за такви паркинзи, се поставува прашањето кои се стандардите за да може некој да добие дозвола за паркинг плац?

  Катните гаражи што во Скопје, во последните 10 години, се изградија како печурки по дожд укажуваа на потребата за слободно паркинг место во централно градско подрачје. Но, од друга страна зборувањата откриваат дека за да се добие локација и дозвола за градба на катна гаража потребни се „врски“ кои допираат дури до Македонската Влада.
  Имено, цената за едно паркинг место изнесува околу 50.000 евра. Ако некој сака да добие локација за изградба на катна гаража со околу 50 паркинг места тогаш, цената е 2.500.000 милиони евра. Едно место за паркинг = 50.000е х 50 места за паркинг = 2.500.000 милиони евра. Математиката кажува дека за да се добие локација за управување со катна гаража таа сопственикот ќе го чини околу 2.5 милиони евра.
  Паркинзите во град Скопје се директно поврзани со членови на Македонската Влада или нејзини бивши членови, затоа Македонската Полиција не може да интервенира без разлика дали се работи за проверка во транспарентност на финансии, можност за перење пари или пак рутински проверки за законски нерегуларности од типот на граѓански поплаки за оштетени возила на паркинг плац.

  Една од најболните точки во приказната за паркинзите во Скопје а удира по џебот на граѓаните се пајак служби. Иако оригиналното име е влечна служба Towing service, не е познато како овие бизниси го добиле името пајак. Претпоставка е дека многумина граѓани со своите автомобили се нашле во мрежата на оваа пајажина и затоа пајак служба. А симболиката на пајаковата мрежа-пајажина поаѓа од таму дека инсектите се фаќаат со цел да бидат заробени, уловени. Со таква споредба се објаснува запленување на возила кои се фаќаат од пајак служба без знаење и одобрување на граѓаните а искуствата стекнати при такви моменти се паметат како негативни и многу непријатни. Затоа пајак служба може да се спореди како Тарантула служба бидејќи начините со кои тие ги ловат граѓаните се секакви и делумно легални, злобни. Во продолжение можете да прочитате дел од разговор меѓу сопственик на возило и службено лице во Тарантула служба која му го запленило возилото на паркинг плац.

Видео клип од разговорот-Тарантула камион за запленување автомобили, фото: Игор Манев

Разговор:

Сопственик на возило: Здраво, возило Матиз со регистрација SK ххх-хх вие да не го собравте?
 
Тарантула служба: Ако не ние кој друг?
 
Па, да не го украдоа?

Не! Што кола е?

Матиз

Пред колку?

Би требало пред 15 минути

Провери тука на првичното, ако нема тука ќе одиш тука на овие…
(вработениот покажува на друг киоск)

Здраво Матиз возило вие да не сте собрале?

Кој?

SK xxx-xx

Да! Сте добиле пријава од станар. Каде ви беше паркирано возилото на ул.Пролет точно?

Па одма тука каде има и други возила. Кажи ми другите возила што бараат таму? Зошто само моето возило сте го земале кога таму има уште шест?
 
Другите возила се станари и имаат налепница господине.

Немаат налепница тие што се паркирани на почетокот на тротоарот кај знакот, зошто не одите да ги соберете тие возила?

Незнам, каде тоа?

Ете, одете таму и ќе видите. Пријавил станар! Не може така бе дечко, ниту порака на СМС ништо. Јас помислив дека некој колата ја украл.

Ние имаме правилник по кој работиме.

Дајте да го видиме правилникот баш ме интересира.

Таму има табла и пишува дека е само за станарите

А законски како се спроведува? Дај правилникот да видиме.

Ќе си поднесете приговор и ќе ви одговориме по приговор.

Не може вака, ова е Индијанци и Каубојци.

Ќе си поднесете приговор и ќе ви одговориме по приговор, имате право на тоа.

Имам јас право и на многу други работи, само тоа ќе дојде подоцна. Сега кажи ми возилото каде е?

2500 денари, тука е возилото. 2500 денари и лична карта.

Пратете ми сметка ќе ви платам на фактура. Кеш нема, вие не сте банка!

Не може, ќе остане тука возилото дедека не платите!

Начинот на плаќање не го одредувате вие. Како може кеш?

Кој го одредува господине?

Па, како може во кеш? Пратете ми на фактура, дома пратете ми ја на моја адреса и ќе ви платам. Каде да ви најдам пари сега? Треба пешки дома да одам. Ама на тоа не мислите нели? Што правиме сега фактура ќе праќате или не?

Господине треба да платите. Возилото не можете да си го земете додека не платите. Ме разбирате? Возилото не можете да си го земете додека не платите.

Не бе брат, не може вака, ајде чао.
  На службениот плац на Тарантула служба, каде се носат сите запленети возила, има вкупна вредност од десетици илјади евра. Бидејќи покрај вредноста на Матиз има и возила кои се многу поскапи како на пример Мерцедес, Цитроен, Фиат, Тојота, Нисан, Форд, Хонда… Но службените лица не размислуваат за вредноста на автомобилите кои не се во нивна сопственост туку, размислуваат како да заработат 2500ден. Огромна е разликата во вредноста на запленетите возила од десетици илјади евра и 2500 денари. Со кое право Тарантула службите си дозволуваат да си играат и да манипулираат со возила кои не се во нивна сопственост?
  Понатаму начинот на плаќање, за да можете да си го вратите вашето возило, е исклучително и само во кеш пари. Не може да се плати на рати и не може да се плати на сметка. Тоа значи дека не постои транспарентност како се движат парите бидејќи во овој случај банките се заобиколени. Без употреба на трансакциска сметка и плаќање преку банка нема транспарентност за тоа како работат пајак службите во Македонија, Скопје.
 
  Совесните граѓани внимаваат каде и како ги паркираат возилата но, за да се постигне тоа потребно е кабел нерви за трпение и горчливо искуство. Дај Боже овие непријатни случки да останат во минатото а во Новата 2017г. да се направат промени во начинот на запленување автомобили во Македонија.

  На истиот ден пред дочекот на Нова 2017 година ви советувам да внимавате каде ги оставате, паркирате вашите автомобили.

  Среќна Нова 2017 година ви посакува КОНЗИЛИУМ ПРЕС.

Пишува: Игор Манев
Датум: 31 Декември 2016г.