Шишеманија на Матка
Нашето туристичко место во околината на Скопје, за жал не е предложено за заштитено културно наследство во УНЕСКО, е всушност кањон кој изобилува со живописна убавина која природата ни ја дарила за да уживаме сите ние Македонци и останати туристи.
Глетка кон креативноста на природата која никогаш не е иста, секоја нова посета во било кое време од годината нуди најразлични бои и форми на природни елементи. Земјата никогаш не е со иста боја и таа се менува од светло кафено кон темно кафена, браон боја.
Водата на езерото исто така никогаш не е постојана или е мирна или е разбранувана, а бојата од темно сина до светло сива или темно зелена, во зависност од тоа што содржи дното на езерото.
Колоритноста пак, на растителниот свет изгледа има најмногу бои на својата палета. Во комбинација на целиот спектар на бои природата го менува својот изглед од пролет во лето и од есен до зима. И затоа, било кога да одите во посета на овој значаен локалитет бидете сигурни дека ќе уживате и ќе ги наполните вашите батерии за еден месец.
Матка - туристичко место, фото: Игор Манев
Тоа што исто така е релативно ново се однесува на патеката која ограничена со метална ограда покрај езерото, чија функција не е за да ги спаси од сигурен пад низ провалија тие што имаат фобија од висина туку, за да ви ја потенцира подалечната дестинација. И доколку ја следите патеката ќе навлезете во длабочината на паркот кој вашата глетка ќе ви ја збогати со несекојдневни видици кои се оригинални токму само за овој дел од околината на Скопје. Матка е карстен предел и затоа во околината се наоѓаат неколку значајни пештери меѓу кои и пештерата Врело, во непосредна близина на изворот Коритиште. Според м-р Грамова Марина вкупната должина на пештерата, која се состои од две поголеми сали, изнесува 176 m (Павлов 1981:92). По изворот Коритиште пештерата го добила името (Павлов 1979).
Отворот на пештерата е во подножје на помал карпест отсек висок 4 m. Веднаш по пештерскиот влез се јавува помала сала, со должина од 22 m и најголема широчина од 16 m, чие дно е целосно исполнето со блокови урнати од пештерскиот таван. На крајот од ова проширување се прескокнува преку преграда широка 4 m и така се доаѓа до главната пештерска сала. Должината на оваа сала достигнува 36 m додека максималната широчина изнесува 28 m. Западно од салата се издвојува спореден канал со должина од 36 m а јужно од нејзе се наоѓа канал исполнет со вода (пештерско езеро). Должината на езерото е 30 m, со широчина помеѓу 2 и 4 метри (Kолчаковски 1987:98). Неговата длабочина зависи од нивото на водата во езерото Матка, што укажува на меѓусебна хидролошка поврзаност.
Пештера Врело-Матка, фото: mojportal
Присуството на огромна водена маса ги привлекува и љубителите на риболов кои за да дојдат до сопствена позиција за лов стигнуваат преку истата патека покрај езерото. Риболовците за сега не можат да се пофалат со улов на капиталци туку, најчесто се тоа плашици и некои други по мали рибчиња.
Доколку ја следите патеката понатаму, ќе видите дека металната ограда завршува на влезот во шумата и од тука па, дистално пејсажот се менува од карпест во растителен и обратно. Дрвени клупи и маси со корпа за отпадоци ќе сретнете неколку а наменети за тие што сакаат да се одморат, да се напијат некоја голтка вода, течност или пак да изедат по некое колаче и сендвич во друштво. И сето тоа може да се оцени како супер!
Одлив од браната и покрај езерото Матка, фото: Игор Манев
Но се поставува прашање како да се одржува оваа природна реткост? Дали треба многу пари да се вложат за да си ја сочуваме природната убавина во која сите ние уживаме бесплатно?
Тоа што ни е дадено од природата се одржува самостојно и воопшто не зависи од човечкиот фактор бидејќи кањон Матка постои со векови.
Треба ние луѓето самите да си го контролираме нашето однесување кон природата бидејќи, заради нашите пороци и незнаење некои од нас ја нарушуваат делумно хармонијата во туристичкото место. Што да се каже за стотици и стотици пластичен отпад кои се среќава по должина на патеката и наоколу дрвените клупи и маси? Кои се тие што ќе седнат насреде ѓубре и ќе игнорираат дека тоа не се случува, еколошко загадување?
Интересно е да се спомене дека најголемиот пластичен отпад од шишиња се наоѓа токму на места каде луѓето најчесто се задржуваат. Значи човекот е причина за еколошко загадување!
Пластичниот отпад содржи хемикалии како Винил Хлорид и Бензен кои делуваат токсично на здравјето на луѓето, земјата, водата и животинскиот свет. Пластиката е био неразградувачки материјал а доказ за тоа се првите пластични производи патентирани во 1852г. Бирминген Англија и кои до денешен ден сеуште се чуваат од страсни колекционери на пластика.
Пластичниот отпад и неговото загадување се видливи и токсични. Не можеме на производителите да им забраниме да не произведуваат но затоа може да се делува преку мерки на превенција.
Шишеманија од пластичен отпад на Матка, фото: Игор Манев
Една од основните дејности на јавното претпријатие Комунална хигиена е 38.31 собирање и третман на опасен отпад, во кој секако спаѓаат и пластичните шишиња. Зошто пластичниот отпад на Матка не се собира редовно и зошто тој е така расфрлан наоколу на места каде треба да се седи, одмара и ужива во природата? Еден од можните одговори е дека отпадот се наоѓа на тешко достапни места на самата патека, што значи дека треба некој секој ден пешки да оди и мануелно да го собира отпадот.
Кога не делуваат превентивните мерки тогаш имаме ситуација на шишеманија на туристичко место Матка. Но не е само Матка, пред некое извесно време нашите медиуми известуваа за шишеманија на Дебарско езеро каде огромен број пластични шишиња пловеа по површината на водата.
На прашањето, зошто пластичните шишиња се наоѓаат надвор од корпите за отпадоци во парк? Одговорот е следниот: „Некој барал нешто по корпите (храна, картони за спиење и т.н.) и затоа полесните предмети испаднале надвор“
Вториот интересен одговор е: „Машките ги употребуваат за да уринираат во нив“.
Овие одговори укажуваат на нови моменти дека можеби има гладни луѓе или животни кои шетаат во тој дел и бараат храна или пак, заради немање јавни тоалети машките ги користат пластичните шишиња за физиолошки потреби.
Туристичкото место Матка многу често е посетувано од туристи од целиот свет па, да видиме што тие размислуваат за нашиот живописен локалитет. Во шумскиот дел покрај езерото, кај дрвените клупи и маси, една туристка од Холандија коментираше со големо чудење: „Не можам да разберам како може толку убаво место да се запоставува со толку отпад!“
Графити на карпа и дрво (инсект и секс), фото: Игор Манев
А втората причина е дека пристапноста на поодалечените места, кај дрвените клупи и маси, покрај самиот брег на езерото освен пешки би требало да се собира и со чамци. Значи во прашање е слаба организација која најверојатно не е доволно финансиски подржана. Во секој случај за ова треба јавна изјава на одговорните лица од Комунална хигиена.
Црква св. Андреја-Матка, под заштита на завод за споменици на културата на град Скопје, фото: Игор Манев
Туристи од Австралија при посета на црква музеј св. Андреја на Матка се смееја кога ги видоа ѕидните икони со ископани очи на светците. За Манастир кој датира од IV век и е под заштита на Заводот за заштита на споменици на културата на град Скопје. Нивното прашање беше: „Зошто не се реставрираат иконите, не чини вака да се покажуваат!“
Што да им се одговори? Факт е дека копањето на очите на светците од ѕидните икони во црквите низ Македонија се дело на суеверни луѓе кои сметаат дека ако некој/а ископа очи на нацртан светец тогаш него/нејзе ќе ги следи среќа во животот.
Ресторанот Кањон Матка нуди внатрешно комфордно сместување со столици и маси а надворешно се наоѓа веранда која реално има капацитет од околу 100 гости. Погледот од верандата е одличен кон кањонот, езерото и природата на Матка. Услугата во ресторанот е брза а храната и пијалоците квалитетни. Единствената замерка е многу мала брзина на интернет кој оди преку wi-fi. Дури и сопствената страница www.canyonmatka.mk се отвара премногу бавно.
Хотелот Кањон Матка, во состав на ресторанот, нуди класа А сместување во соби кои се тивки и опремени со ТВ.
Манастирските комплекси не се реткост наоколу од кањон Матка, а еден од најубавите е секако манастирот Пресвета Богородица – Матка. Активно христијанско место во кое живеат и се посветуваат на Бога монахињи во духот на православието. Портата од манастирот е донација од Милан Смилевски – Скопје а осветена во 1995/96 од Архиепископ Охридски и Македонски Михаил.
Манастир Пресвета Богородица-Матка, фото: Игор Манев
Пристапот до имотот е слободен и затоа можете со фотоапарати да овековечите фотографии од оваа убавина на целиот манастирски комплекс. Морам да потенцирам посебно доживување е за странските туристи, со македонско потекло, кои гордо си ги носат фото и видео материјалите во нивната држава во која живеат. Ете, бесплатна реклама за убавините на Македонија!
Заклучокот е дека местата кои се под заштита на приватниот сектор и македонската црква одлично се презентираат пред јавноста. Додека сè што е под државна управа и сопственост се запоставува и не се одржува правилно. Но во суштина се работи за целосно посветување за заштитата и одржувањето на животната околина и културното наследство, односно различна перцепција за тоа како треба да се грижиме или пак да запустиме, срушиме, загадиме места и локалитети кои се дел од нашата животна средина на која сите ние ѝ припаѓаме.
За крај, доколку сакате да си го пронајдете сопствениот мир и тишина, па макар и привремено, барајте на Матка.
Пишува: Игор Манев
датум: 19 Декември 2016