Препродавачи на токсини во името на народот

Железото во природата е најзастапениот елемент по кислород, силициум и алуминиум, што значи на четврто место со вкупно 5% присутност во површината на земјата односно надворешната површинска кора на нашата планета Земја.
  Најголемиот дел од железото се наоѓа во комбинација со кислород во форма на железо оксид и тоа во минерали како хематит (Fe2O3), магнетит (Fe3O4) и т.н. Хематитот се обработува и дизајнира за изработка на алки за рака и околу врат, бижутерија која сите ја купуваме од Охрид за време на летната туристичката сезона.
Како се препознава земја, од око, која содржи поголема концентрација на железо?
Многу едноставно, бојата на површина на земјата е светло црвена и затоа во металуршката индустрија овие парцели се експлоатираат за ископување и искористување на железото во метало-преработувачките капацитети за производство на метали како чисто железо или пак мешавина со мало количество јаглерод и железо односно челик.
  Од тие причини едно цело брдо во Скопје го носи името населба Железара токму заради присуството на железото во земјата, почвата. Додека пак, во земјоделието ако почвата содржи железо т.н. земја црвеница истата се смета за попродуктивна, расадите на овој тип на почва растат и се развиваат подобро отколку во обична светло-кафена боја на почва. За домашна употреба црвеницата се користи за расади во саксии, од кои понатаму растат и цветаат успешно разни видови на цвеќиња.
 
  Што се однесува до готовите производи од железо тие се на широко распространети во човековата околина и тоа во форма на железна арматура за градежништво, ковани огради, автомобилска индустрија, профили, цевки, лимови и уште многу разни видови на производи од метал железо. Прашање е само дали составот на овие производи е квалитетен или пак со нула квалитет-низок квалитет.
  Доколку железните производи, а најчесто се тоа неискористена арматура, цевки, профили и лимови, се направени токму од старо железо тогаш зборуваме за нула квалитет. Значи, во отпадите за собирање и откуп на старо железо се депонираат големи количества на р’ѓосано, односно оксидирано, железо кое понатаму се транспортира во нашата топилница за железо а тоа е фабрика „Железара“ која со децении е лоцирана во општина Гази Баба.
  Но, покрај старото железо од нашите македонски отпади, старо железо се увезува во Македонија од сите страни. Од Косово, Србија, Грција, Албанија и од каде ли уште не? Збирното место на целата тонажа, количество р’ѓосано железо од Македонија и околината се транспортира во фабрика „Железара“ и тука, внатре во фабричката сала, со помош на фабричките кранови се „лепи“ отпадот од транспортни камиони и се става во големи каци. Крановите на својот крај имаат електро-магнети кои доколку се вклучени го привлекуваат металниот отпад, железото, натоварено на камиони а потоа со демагнетизирање го отпуштаат во електро печка.
  Кога еднаш ќе се исполни печката понатаму, од горната страна се спуштаат електроди со огромни димензии, со висина од околу 5-6 метри и ширина од 50см. Вкупно 3 такви електроди се спуштаат машински за да дојдат во контакт со железниот отпад во печката. И се слуша силен звук, експлозија, во моментот на контактот меѓу електродите и железниот отпад бидејќи низ електродите минува електрична енергија со капацитет од околу 1 MW. За неколку секунди се формира електричен лак кој всушност е причина за започнување топење на отпадот кое се случува на температура од околу 1640С°. На стопената маса се додава некое количество на силициум за подобрување на квалитетот и вискозитетот на стопеното железо.
  Стопената маса од електро печка се собира во каци а пред да се излее во калапи еден од вработените со метална шипка приоѓа до кацата и буши во долниот дел каде има мал отвор, така започнува истекувањето на течниот метал од каца во калапи кои се во форма на правоаголник. Калапот понатаму се носи на ваљаци под кои минува неколку пати, за да дебелината од 1 метар се донесе до дебелина од само неколку сантиметри. Значи од калап се добива т.н метален бродски лим со дебелина од неколку сантиметри кој се употребува во бродоградилишта за изградба на бродови.

Производство на топловалани лимови, фото: Макстил

  Мора да се спомене дека за време на топењето на отпадното железо и неговото мешање со силициум, се испушта огромно количество чад низ оџакот на „Железара“. Чадот е исполнет со екстремно токсични материи кои слободно се испуштаат во воздухот над Скопје, меѓу кои ПМ 10 честички како најситни и најканцерогени.
Како реагираат граѓаните на Скопје на екстремно загадениот воздухот што го дишат?
  Сите со голема доза на негодување но никој не прашува како реагираат вработените во „Железара“. Нивната приказна е трогателна! Имено, вработените кои работат со стопената маса се заштитени со заштитна опрема која им овозможува дишење преку филтри, нормална телесна температура заради топењето на 1640С°, заштита од директен контакт при прскање на стопената маса и заштита на очите од силна светлина. Но дали е тоа доволна заштита?
  Одговорот е дека во период од 5-10 години сите вработени заболуваат од канцер на бели дробови без исклучок. Тие се ниско квалификувани работници без високо или средно образование, или така наречени општи работници, кои прифаќаат вработување без да ги сватат сериозно последиците по нивното сопствено здравје. Заболуваат од Силикоза!
  Силикозата е позната уште од многу одамна. Во 1705г. Рамацини цитирал описи на бели дробови кај занаетчии сечачи на камења, обработувачи. Записите биле од Диемброк кој за време на обдукција опишувал: „Бели дробови во кој најдов купишта од песок и при сечење со нож низ пулмоналното ткиво имав чувство како да сечам некое песочно тело“. Во 1870г. Висконти го вовел терминот Силикоза, кое потекнува од латинското име Silex односно кремен. Во денешно време Силикозата се дефинира како фибронодуларно белодробно заболување предизвикано од инхалација-вдишување на прашина која содржи кристали на силициум.
  Вработените во „Железара“ откако ќе дознаат дека имаат Силикоза повеќе не работат но затоа фирмата се согласува тие да добиваат плата без разлика што повеќе не се способни за работа. Болните вработени доаѓаат на работа и по цел ден играат шах со тие кои исто така се заболени од Силикоза. Играат шах со смртта.

Каца исполнета со стопена железна маса, фото: Макстил

  Граѓаните на Скопје исто така ги чувствуваат токсичните супстанции кои се испуштаат од оџакот на „Железара“ бидејќи добиваат воспаленија на синуси sinusitis и воспаление на бели дробови bronchitis но без телесна температура, која е карактеристична за воспаленија предизвикани од вируси, бактерии или паразити-микроорганизми. Значи, заради екстремното аерозагадување се случуваат обструкции на дишни патишта и тие можат да се пролонгираат повеќе од 1 месец и да се претворат во хронични обструктивни белодробни
заболувања-ХОБЗ. ПМ 10 честичките влегуваат во нашите домови, без разлика што постојат препораки за време на аерозагадувањата да не се излегува надвор. ПМ 10 честичките се чувствуваат по нивниот непријатен мирис и се разликува од мирисот на природно запалено дрво во ќумбе или камин.
  ПМ 10 честичките успеваат да влезат преку прозори и врати од нашите домови без разлика дали сте залепиле гумени самолепливи траки наоколу и затоа овие честички ги прави многу опасни по здравјето на сите нас во Скопје.
  Чудно е како сопствениците на овие фирми не чувствуваат ништо. Зошто не чувствуваат така како што чувствуваме сите ние граѓаните во општина Гази Баба? Сопствениците или се болни од Аносмиа и нивното сетило за мирис не функционира воопшто, тие не можат да мирисаат или пак, немаат чуство на емпатија. Поточно, да се стават во ситуација како се чувствуваат граѓаните на Гази Баба кога има екстремно аерозагадување?
                                                                                                                                                                                Оџакот на „Железара“ е единстеното место преку кое токсичниот чад излегува од фабричката сала и влетува во небото над Скопје. По правило и протокол за заштита на човековата средина, оџакот треба да има електростатски филтер. Околу филтерот поминува големо количество на вода за постојано ладење инаку, тој може да се стопи. Но најважниот дел од електростатскиот филтер е неговата функција да ги привлекува сите токсични супстанции за да не се разлетаат низ воздухот кој сите го дишеме. Кога филтерот не работи тогаш во воздухот имаме екстремни вредности на аерозагадување од токсични честички во воздухот на Скопје.
  Најголемата концентрација на токсични материи кои се испуштаат во воздухот се случува во ноќните часови бидејќи, електро печката од топилница користи електрична енергија по ефтина тарифа, во договор со ЕВН. Електро печката преку електродите троши околу 1MW струја на час.

Од Камник, аерозагадување во Скопје, Гази Баба и Железара, фото: Игор Манев, 24 Ноември

  Историјатот на „Железара“ покажува дека оваа фабрика била формирана во Југославија во далечната 1967г како „Рудници и железо и челичарница“ за да биде трансформирана со закон за приватизација во 1997г. и поделена на 10 независни делови а еден од тие делови е сегашната „Макстил АД“. Во истата година нејзин претседател на бордот директори бил Минчо Јорданов кој во исто време бил и член на бордот на „Дуферко“. Оваа италијанска компанија со седиште во Лугано била најголемиот партнер на „АД Макстил“ и воедно сопственик на најголемиот пакет акции. Со други зборови „Дуферко“ е сопственик на „АД Макстил“. Од тие причини Минчо Јорданов ја основал и е сегашен сопственик на фирмата „Факом“ чиј претседател на управен одбор е д-р Златко Симоновски.

Топилница електро печка, фото: Дуферко

  Се зборува дека електростатскиот филтер за оџакот на „Железара“ односно „Макстил“ е изработен во фирмата „Факом“ по цена од околу 2-3 милиони евра. Ако ова е вистина тогаш логично е да се поврзе влијанието на Минчо Јорданов во сите бордови на директори за негов личен бизнис интерес. А сите останати директорчиња се ништо друго освен глас од мачкина кашлица. Зборувањата продолжуаат и понатаму, велејќи дека „Дуферко“ својот доминантен пакет на акции во „АД Макстил“ го продале на некои луѓе од Кина.
  Но тоа што сите нас обичните граѓани не интересира е всушност кој е виновен за еколошката хаварија која трае цели 8 денови во Скопје? Според законот за заштита на еколошката средина, за предизвикување хаварија се добива законска казна.
  За среќа социјалните мрежи како Фејсбук ни овозможуваат да следиме вистински податоци за екстремното аерозагадување во Скопје и останатите градови во Македонија. Мобилната апликација мојвоздух.еу прецизно и со навремени податоци ни овозможува достапност до овие важни информации за аерозагадувањето во Гази Баба и другите скопски општини. Реакциите на граѓаните се различни.
  Во општина Гази Баба при загаденост од 300мг/м3 на 19 Ноември во 02:00 часот по полноќ се објави коментар: „Идиотиве мора да се елиминираат!“ и токму на овој коментар имаше најмногу лајкови од Фејсбук профили.
  Само еден час подоцна во 03:00ч. по полноќ при загаденост од 355 мг/м3 се објави вториот коментар: „Се прашувам колку ли луѓе умираат вечерва, без да знаат дека е од аерозагадување?“ Имаше повторно лајкови но само за нијанса помалку од предходниот.
  И на 20 Ноември точно на полноќ 00:00ч. при загаденост од 207 мг/м3 се објави трет коментар: „И повторно стара песна со нов текст. Навистина се прашувам има ли лек за лекување на ова лудило? Или стариот иљач со метак у чело е сеуште најефикасен?“
  Третиот коментар исто така имаше лајкови за нијанса помалку во споредба со вториот објавен коментар.

Вредности на екстремно загадување од Мојвоздух.еу

  Лајковите на коментарите околу аерозагадувањето покажуваат дека граѓаните го изгубиле своето трпение и тие искрено чувствуваат загрозеност за нивното здравје. Неодговорноста на сопствениците, кои и да се, ги поминаа сите нормални граници и отиде во екстремност директно посегнувајќи по здравјето на жителите на општина Гази Баба. Аерозагадувањето од овие димензии може слободно да се спореди со гасните комори во концентрационите логори за време на втората светска војна, кога масовно се убиваа со задушување огромен број Евреи. Во денешно време тие податоци не смеат никако да се заборават бидејќи очигледно и со докази, се случуваат опасни работи кои во многу наликуваат токму на тие времиња од минатото.                                                           
Пишува Игор Манев                             
25 ноември 2016г.