Пристигна Дејмиен Хрст (Damien Hirst) во Скопје, се очекуваше неговото присуство во Македонија и конечно, вчера на 22 Јуни во просториите на Музејот на современа уметност, љубителите на префинета уметност имаа можност да ги видат неговите дела. Изложбата со наслов ,,Нова религија“ е прикажана во Осло, Москва, Венеција, Софија, Вокинг, Гдањск и Лондон.
  Свеченото отворање го официјализираа претставникот на Британскиот совет, Амбасадорот за Македонија Чарлс Едмунд Гарет и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Лизгањето на стаклената шибер врата овозможи влез во имагинарниот уметнички свет на Дејмиан Хрст, а сите присутни се прелеваа лево и десно во просторот за да ја задоволат својата љубопитност која се гледаше во нивните очи. Делата на Британскиот уметник привлекоа големо внимание.

Изложба на Дејмиен Хрст во Скопје

Дела на Дејмиен Хрст, фото Игор Манев

  Дејмиен Хрст е роден во Бристол во 1965 година. Детството го поминува во Лидс. Во 1984 година се сели во Лондон каде работи во градежна дејност до 1986 година, кога се запишува на Голдсмит Колеџот (Goldsmiths College, University of London) на тригодишни студии за визуели уметности а веќе во втората година од студиите обмислува и реализира групна изложба наречена ,,Freeze”. Се смета дека оваа изложба била почетната точка не само за Хрст лично туку и за цела една генерација на британски визуелни уметници.
Дела на Британскиот уметник Дејмиен Хирст, фото: Игор Манев
  При крајот на осумдесеттите години Хрст ги истражува сложените односи на уметноста, животот и смртта преку разни комбинации на инсталации, скулптури, слики и цртежи. Според него: ,,Уметноста се занимава со животот и не знам со што друго би можела да се занимва...кога нема ништо друго“. Преку делата како што се Физичка неможност од смрт во свеста на живо суштество (The impossibility of death in the mind of someone living) од 1991 година со легендарната ајкула во формалдехид и За љубов Божја (For the love of God) од 2007 година со черепот обложен со платина и со вкупно 8.601 совршени скапоцени камења, Хрст ги истражува современите системи на верување на кои им поставува предизвици, со истовремено секцирање на неизвесноста во срцето на човековото искуство.
Уметнички дела на Дејмиен Хрст, фото: Игор Манев
  Од 1987 година досега Дејмиен Хрст има вкупно 80 самостојни изложби низ целиот свет, а неговите дела се составен дел на повеќе од 260 групни изложби. Меѓу другото, Хрст имал самостојни изложби во повеќе музеи и галерии: Al Riwaq, Qatar Museums Authority, Doha (2013-2014), Tate Modern, London (2009-2010), Galerie Rudolfinum, Praha (2009), Rijksmuseum, Amsterdam (2008), Astrup Fearnley Museet fur Moderne Kunst, Oslo (2005), Museo Archeologico Nacionale, Neapol (2004).

  Хрст е добитник на Тарнеровата награда во 1995 година, Живее и работи во Глостер, Девон и Лондон.
Изложбата во Скопје ќе биде отворена до 11 август 2016 година.

Пишува: Игор Манев
датум: 23 Јуни 2016