Ексклузивно зад завесите на Евровизија 2016: Време за љубов,                                                                      место за љубов!                                                        

                                                                                                                                                                            Под краткото и интересно мото “Come together”, кои некои го сфатија како двосмислено, се одржа 61-то издание на најпрестижната европска музичка манифестација Евровизија 2016, во терминот од 10 до 14 мај во Стокхолм, Шведска.                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                           
Подадени и здружени дланки од европските нации и држави, ненадминливо и недостижно шоу од светски карактер, вложувања на силни милионски финансиски средства, најсовремена технологија која чуда направи на сцената, перфектна организација и прецизност како швајцарски часовник, беа одликите на овој фестивал, кој заврши со неочекуваната победа на украинката Џемала.

Русија, Сергеј Лазарев, фото: Newsweek.com

Победничката на Украина, Џемала. Фото: People.com

Таа ја раскажа а медиумите ја пренесоа нејзината лична приказна- победничката песна „1944“ зборува за сеќавањата на нејзината баба, за масовната депортација на кримските Татари во централна Азија, во времето на Сталин, кога тој испратил 240.000 Татари во Централна Азија а по тој пат изумреле илјадници луѓе. Тоа се случило откако Сталин ги обвинил Татарите дека ја поддржуваат нацистичка Германија.

Оваа победа ги израдува Украинците, но му ги помати сметките на главниот фаворит Русинот Сергеј Лазарев кој беше најсилен фаворит, според обложувалниците и кој победи според телевоутинг гласањето на Европа.
Русите пред самиот фестивал реагираа дека таква песна не смее да се пее на Евровизија, додека пак два дена пред финалето на самото место првиот човек на украинската телевизија, Зураб Аласанија, јавно се закани дека ако победи Русија повеќе тие нема да се појават на евровизиската сцена.
На крај, Украина прва, втора Австралија (која се натпреваруваше по втор пат), а трета Русија.
Според гласањето на публиката Русинот прв, според жирито Австралија, а според збирот на двата гласачки тела на прво место изби Украина. Начинот на гласање беше нов, како што и секоја година организаторот ЕБУ воведува новини во Евровизијата.
Според сегашното гласање, македонската претставничка Калиопи Букле со песната „Дона“, испеана во второто полуфинале, не влезе во финалето. Освоените 88 поени ја позиционираа на 11 место, зад десеттата финалистка Сања Вучиќ од Србија.
Но! На оваа Евровизија, „дебитантот од Америка“ . Џастин Тимберлејк фрли се во сенка. Изведувајќи ја својата нова песна „You are the only“, придружен од „Тенеси кидс“. Иако не е за верување, според некои шпекулации намерно бил ангажиран овој поп пејач и светска атракција број еден, токму за да засени некого (а најверојатно Русинот). Но речиси исто толку внимание привлече и Манс Зелмерлоу, кој минатата година ја донесе победата со „Heroes’, а оваа година беа шарматна водителска двојка со Петра Менде . Тој го изведе можеби најкул дело што некогаш е изведено на оваа сцена „Човекот против машината“.
Глупирањето оваа година изостана од програмата. Шоуто беше како да се случува на некој вселенски брод. Огромната сала Ериксон Глобе арена, која е составена од цел комплекс, трговски, ординации, продавници, сали и што не, живееше и пулсираше во еден незапирачки ритам. Преку ден проби, прес конфенерции, а навечер опуштени журки до сабајле.
Тие се случуваа во објект, која се наоѓаше покрај вода, веднаш до кралската палата на кралот Густав, во најпрестижниот дел од градот каде се спојува стар и нов Стокхолм и каде за неколку стапалки може да влезете во стариот дел и да уживате во неповторливи градби од пред неколку века. Или да шетате во близина на импозантниот музеј Нобел а само стотици метри понатаму да уживате во кафе во модерниот хотел „Шератон’.
Без акредитација е невозможно да влезете во Евроклубот, но кога имате вие одите по црвениот тепих а таму како во некој холивудски филм, десеттина наредени полицајки со насмевки ве упатуваат со десната рака повелете и благодарам што дојдовте.
Четири големи сали, на двата ката, беа местата каде се одвиваа забавите во евроклубот, еврокафето, караоке салата и салата за делегациите. Илјадници фанови ги пееја евровизиските песни, се движеа од една во друга сала.

                  Шведска-Стокхолм, фото: Osram.com                                                 Швеѓани во маска, фото: Coral.co.uk

Кризата си го направи своето, за разлика од минатите години, речиси на половина беа дојдени вистинските фанови. Затоа во прес центарот кога се следеа полуфиналињата и финалето немаше вжештена навивачка атмосфера, дури и немаше знамиња како порано.
А кога станува збор за прес центарот, тоа беше адаптирана спортска сала. Секој сам си носи лаптоп, оваа година немаше компјутери, но затоа организаторот освен што овозможи целосен бесплатен транспорот, туристички тури, разглед низ град, возење со брод, влез во музеи и поефтин билет на најпосетуваниот. Оној на АББА (првите шведски евровизиски победници во 1974 година) на акредитираните им подари сим картички со неограничена важност и со неограничено зборување низ Шведска, интернет, смс и илјада бесплатни минути кон цела Европа.
Во прес центарот дел од спонзорите, козметички фирми, нудеа услуги на шминкање и ставање на леќи во боја а тие си избираа свои модели.
Над 400 волонтери преубави млади лица, ви беа на располагање насекаде низ салата, за некоја информација, помош, гардероба. По недоодните ходници на Глобе арената навидум немаше никој и не се чувствуваше „параноичен страв и заштита од тероризам“. Но прв момент, дури и да ја заклучите вратата од тоалетот а сметате дека тоа е невозможно некој да го видел и забележал дури и на камера, веднаш се појавува обезбедувањето.
Правилата мора да се следат, па дури и тоа правило дека на белите гарнитури во прес центарот може да јадете, пиете, да се испружите, да ги качите нозете горе, да се одмарате, но не смее да заспиете.
Можете и да се гушкате, ако имате со кого. Ако немате, тоа го прави момчето задолжено за “бесплатна прегратка“. Free hugs беа негова специјалност, тој самоинцијативно шеташе низ прес центаор и ги гушкаше сите кои му дозволуваа.
“Евровизија е време и место за песна но и за љубов, дозволено ти е да ме гушнеш“, му реков кога ме праша, а тој се насмеа.

Во Глобе арената како и во цел Стокхолм, побројно е присуството на убави полицајки, отколку полицајци. И мошне љубезни. Тие доминираа насекаде.
За разлика од Евровизијата 2000-та, која се одржуваше во истата Глобе арена, само што прес ценатрот тогаш беше сместен на помал простор на први кат, каде имаше роботче кое ги пречекуваше новинарите, се поздравуваше со нив, им поставуваше паметни прашања, па дури и одговараше, овој пат новинарите имаа кулинарски задоволства.
Во големата сала долу и во фан клубот на први кат, освен што постојано можеа да се освежат со кафе, чаеви, вода, портокали, јаболка, попладне можеа да вкусат преубави мафини и лењи пити, за кои се чекаше ред кога ги сервираа. Репете, задолжително.
Со толку музика, јадење и љубов на кило, на Евровизија “гладни“ остануваат само оние кои постојано се жалат.
Не сме само ние оние кои по поразот велат „не се сака Европа“. Тоа годинава на свој симпатичен и насмеан начин го направија и двајцата претставници на Велика Британија, Џо и Џејк. Тие се пласираа на трето место од назад и затоа изјавија дека иако имале добра песна и изведба не добиле поени.
Можеби Европа не не сака многу, дури ни Австралија не ни даде љубов, иако зборуваме ист јазик. Дали треба да направиме меѓународна офанзивна турнеја пред 2017- запрашаа.

  Калиопи со фанови, Фото: Светомир Милошевиќ                                          Калиопи, фото: Eurovision.tv

             Австралија, Дами Им, фото: Capitalbay.com                                     Германија, Џејми Ли, фото: Eurovision.de

Да, многу од присутните фанови веруваат дека љубов е љубов и дека тука нема филозофија, ни граници. Во тој контекст и кога претставник од ЛГБТ заедницата на официјалниот прес и постави прашање на победничката Џамала дали в година во Украина хомосексуалците ќе бидат понижувани и тепани, таа му одговори: „Не, ви ветувам дека никој нема да биде истепан, Можам да ви гарантирам целосна безбедност“.
Се гледаме во Украина во 2017!
(доколку нешто не се промени, затоа што експресно за една вечер околу 40.000 луѓе и фанови, потпишаа петиција против победата на Украина).                                                                                                                                 
Специјално од Стокхолм - Валентина Ѓоргиевска Парго
Датум: 20 Мај 2016

Водителите на музичкото шоу Евровизија 2016 Måns Zelmerlöw and Petra Mede, фото: Expressen.se; Eurotips.se