Номинацијата на Кокино за УНЕСКО е повлечена

Археолошко – астрономското место односно мегалитската обсерваторија Кокино е лоцирана на северо-источниот дел во Македонија, некаде на околу 20км одалеченост од Куманово. А се наоѓа на самиот врв на карпата наречена Татичев камен, поточно на висина од 1013м.
  Ако се земе во предвид дека Скопје го има ридот Водно, кој редовно се посетува од скопјани, а чиј врв се наоѓа на висина од 1030м тогаш претпоставувате дека Кокино би можел да биде исто така редовна дестинација која би одговарала на најголемиот број жители во главниот град. Врв кој лесно се освојува и во исто време ви нуди прекрасен поглед во видеокруг од 360º, како и да се завртите на секаде се гледаат рамници и планини во внатрешноста на Македонија и по малку во Србија. Хоризонот е прекрасен.
  Возејќи до Кокино во друштво со пријатели и сопствено возило можете да се водите со мапа или со GPS апликација која се користи Free на паметните мобилни телефони. Google map Kokino ќе ве води до мегалитската обсерваторија со само една грешка! Патот води точно до Татичев камен и тука не можете да промашите бидејќи големата карпа е највоочливото место во околината. Но предходно, при излезот од автопатот после Куманово и доколку се водите, исклучително само со аудио инструкции од Google map, со GPS бидете сигурни дека ќе се вртите во круг до недоглед на патот од Младо Нагоричане кон Старо Нагоричане. Тоа е грешката на Google map (со црвено кругче) и затоа употребувајте го и видот!
  Сите клучни камени форми на вечната обсерваторија се сместени на две платформи, горна и долна, со висинска разлика од 19 метри. На долната платформа доминираат четири камени седишта „трон“ кои се наредени во линија. Според археолошко-астрономската анализа главната улога на троновите била изведба на ритуал за Богот на Сонцето со неговите претставници на Земјата, односно поглаварот на племето кој седел на еден од троновите за време на ритуалот. Доказ за тоа е еден одалечен камен блок кој се наоѓа на највисокиот дел од Кокино и на неговата горна страна има вештачко засекување-маркер.
  Доминантната локација и монументалниот надворешен изглед на камените седишта тронови, наменски направените камени маркери, платформите, пристапните патеки и формираните обредни простори се доказ за една оригинална монументална уметност изразена преку способности за дизајнирање на простор во карпестиот дел.

Google map GPS грешка, фото: Игор Манев

Трон од камени блокови и поглед на платформа кај тронот, фото: Игор Манев

  Археолошките ископувања дополнително фрлаат светлина во докажувањето дека постоело изведба на два важни ритуала кои имале значење во животот на луѓето кои живееле во оваа околина и во Бронзено време. При ископувањето се откриле ритуални јами исполнети со грниња, кои се наоѓаат на источната страна од планината и овие глинени садови потврдуваат постоење на ритуали што биле поврзани со плодноста на земјата т.е. култ посветен на Големата Божица Мајка.
  Заедно со специфичната организираност на одредени камени форми, кои служеле за изведба на ритуали за крајот на жетвата и поврзување на поглаварот со Богот на Сонцето, зборува за улогата на оваа локација како света планина.

           Керамички сад,                    Камен калап за леење на бронзени амулети,       керамичка чаша, фото: Kokino

  Најголемиот број од артефактите ја покажуваат интегралноста на формите, а материјалот од кои се направени докажуваат специфичен начин на изработка со што уште еднаш се потврдува автентичноста. Најважните артефакти се изложени во Националниот институт Музејот во Куманово. 
Што се однесува до самото археолошко-астрономско место тоа е заштитено во неговата оригинална состојба.         Константните оштетувања на карпата се случуваат како резултат на природни фактори но сепак, не ја подрива неговата целокупност. Доминантната позиција која нуди поглед кон другите археолошки места, населби од Неолит и Бронзено време, а се наоѓаат на околните ридови потврдува за круцијалната улога на оваа локација во животот на праисториските луѓе во околината.
  Прелиминарна верзија на план за менаџирање на местото Кокино бил направен во 2008г. а бил нарачан и прифатен од Националниот институт Музејот Куманово. Планот требало да прерасне во стратешки документ за Македонија во согласност со останати легални процедури.

  Тоа било причината зошто Кокино бил номиниран во УНЕСКО за заштита на светско културно и природно наследство. Бенефитот би бил огромен, од финансиска подршка со чии средства оваа мегалитска обсерваторија би прераснала во вистинско туристичко чудо организирано со сите салтанати. Потоа изградба на Музеј во близина на карпата, ресторанче со столици, маси и соби за преноќување или неколкудневен престој. Туристите навистина би се освежиле со чистиот планински воздух и прекрасниот поглед на околината, уживање кое го нуди природата во еколошки чиста средина.
  Но повлекувањето на Номинацијата за Кокино навистина зачудува, а малку се зборува за причините. Зошто Номинацијата Кокино во УНЕСКО е повлечена?
  Во 2012г. се одржа 36 седница на УНЕСКО во Св. Петерсбург, Руска федерација, во период од 24 Јуни – 6 Јули. И токму тогаш за Номинација на Кокино, која беше водена под број 36 COM 8B.33, се донела одлука истата да се повлече. Повлекувањето го направи државната членка на УНЕСКО а тоа е Македонија.
  Меѓу културните работници во Македонија, кои се запознати со овој случај, постои верување дека Номинацијата е во мирување но сепак, не е јасно што тоа значи и дали постои правна основаност за такво толкување. Додека пак, други културни работници сметаат дека Номинацијата е одбиена од УНЕСКО. Што повторно е во контрадикторност со официјалниот документ на УНЕСКО во кој е запишано повлекување на самата Номинација. И за да апсурдноста биде поголема, во документот на УНЕСКО е запишана Македонија како членка која самата си ја повлекува Номинацијата на Кокино за светско културно и природно наследство. Која е причината за повлекувањето на Номинацијата?

Номинација на Архео-астрономско место Кокино, фото: УНЕСКО

Кокино со поглед од горната платформа, фото: Игор Манев

  Истражувањата на Кокино започнале уште во 2001г. и од тогаш оваа локација добива на значење за да на 13 Ноември 2008г. добие статус на сопственост под привремена протекција. Одлуката се води според број 08-1935/6 донесена од Канцеларија за заштита на Културно Наследство, тело во рамките на Министерството за Култура. А заштитата е изведена според законот за заштита на културното наследство во Македонија.
  Процедурата за собирање и анализа на податоци за одржување и протекција на статусот на Кокино од највисок ранк била започната со рок на завршување од 1 година, односно до 2009г. Од аспект на заштита истражувачите имале задача да ги одредат границите на имотот и да донесат конкретни мерки на заштита во одвоената зона за перманентна заштита на локацијата. Мерките се однесувале за превенција од нелегални акции и секако за овозможување на правилна презентација и популаризација на мегалитската обсерваторија.

Кратка презентација за Кокино (вработен во Музеј Куманово), видео. 

  Дека Кокино покрај Археолошко има и Астрономско значење покажува интересот и признавањето од страна на НАСА.
  Постоењето на три камени маркери исклесани за маркирање на точки за излез на сонцето во денови на летна краткоденица, зимска краткоденица, пролетна и есенска рамноденица, покажува дека луѓето од Бронзено доба биле запознати со движењето на сонцето во текот на целата година. Имено, маркерите за краткоденица ја одредувале најниската позиција на сонцето точно на пладне.     Постојат и четири прецизни маркери исклесани во камен за означување на точки за излез на полна месечина на источниот хоризонт, во време на максимум и минимум издигнување во зима и лето, што потврдува дека праисториските набљудувачи на небото над Кокино знаеле за циклусот во период од 19 години кога полната месечина излегува на исто место и во ист ден од календарот.
  Во исто време, мегалитската обсерваторија Кокино има два исклесани маркера, што до сега се единствени во светот, кои служат за мерење на должината на лунарни (месечина) месеци и создавање на лунарен календар. Календарот на Кокино е во голема складност со циклуси на вегетација. Што значи прецизно датирање за почеток и крај на сеење, собирање на посев и размножување на добиток. Превземените фармерски активности водени според календарот овозможувале добар принос како и мирен и стабилен живот на заедницата.
  Особено е значаен камениот блок со одвоен исклесан маркер направен за ритуална функција со експлицитен соларен (сонце) карактер. Во средина на летото, крај на Јули, сончев зрак од изгрев пенетрирал преку отворот на маркерот и минувал покрај десната ивица на вештачки формиран долг и тесен ров, осветлувајќи го само поглаварот, кој седел на еден од четирите камени тронови направени специјално за потребите на обредот пред 3900 години.

Двоен маркер Обреден и Астрономски, фото: Kokino

Изгрев на сонце низ обреден маркер, фото: Kokino

Маркери за позиции на сонце за рамноденица, фото: Kokino

Лунарен маркер, фото: Kokino

  Американската Вселенска Научна Агенција – НАСА ја признава мегалитската обсерваторија Кокино како значајно наследство од овој тип во нивниот проект од 2005г. „Безвременско знаење“. Кокино е заедно со праисториските обсерватории како Стоунхенџ од Англија, Абу Симбел од Еѓипет, Мачу Пикчу од Перу …           
Пишува: Игор Манев
Датум: 25 Октомври 2016г.