Ви посакуваме пријатен лет
Во моментот кога една алка целосно ќе се скине и откачи од ланецот тоа значи дека се откорнал дел од авионот. Ланчана реакција на лоши настани предизвикуваат катастрофа.
Политички рецепт со премногу горчлив зачин, на овој начин би опишал само еден момент од политичкиот настан кој се случи вчера во македонскиот парламент. Иако уште во раните попладневните часови се најави името на новиот кандидат за претседател на собрание сепак, би рекол, беше премногу горчливо да се проголта баш тој предлог, кој беше големо изненадување.
Како воена стратегија изненадувањето често се користи од воени генерали и команданти бидејќи носи 50 % победа. Но додека битката не се заврши не може со сигурност да се знае дали е вистинска тактика на изненадување или тактика на измама deception. Тактика на измама обично е оружје на послабиот.
Во македонскиот парламент се случуваат немили настани кои наликуваат како на воено поле каде политичарите, иако со легален имунитет, меѓусебно се однесуваат како да се војници. Физички се пресметуваат а откако ќе заврши тепањето потоа, сите приметуваме дека на тепачката навистина ѝ предходеле стратегии и планирање за изненадување или измама како да се работи за војна.
Настаните од кобниот 24 декември сеуште немаат правна разрешница за тоа кој е виновен, кој ги прекршил правилата на парламентарната демократија? До денес нема правна одлука во врховниот суд, ниту пак е одземен имунитетот на било кој политичар од позиција или опозиција. А ако не се осудат виновниците тогаш, зошто истото да не се случи повторно?
И се случи! Вчерашниот физички напад врз пратениците на СДСМ и ДПА, иако со легален политички имунитет, може слободно да се оцени како обид за атентат. За среќа тие сеуште се живи. Па, нели истите се правно и физички заштитени?
Влегувањето на некои граѓани со и без качулки, во салата за парламентарни состаноци, е пропуст на лицата за обезбедување на парламентот. Тоа е исто како да пуштите волци во трло со јагниња на кои сте им ставиле каивче со железни шилци на врат и очекувате дека тие се заштитени. Што може да се очекува освен мрак?
Доколку и овој мрачен настан во парламентот не заврши со судска разрешница тогаш, во иднина можеме да очекуваме атентат на премиер или претседател на Република Македонија. Впрочем, ние сме веќе сведоци на минати антидржавни настани кои сеуште се во мрак, се работи за нашите предходни претседатели г-н Киро Глигоров и г-н Борис Трајковски.
Обидот за промоција на новиот претседател на собранието на Македонија наликуваше како протнување низ глувчешко дупче. Тв преносот, за кој сеуште не знам дали да го толкувам на тој начин, беше непрофесионален бидејќи аудио сигналот беше многу лош. На македонските граѓаните им се презентираше директен пренос од мобилен апарат кон телевизија а од тука до нашите телевизори. И тоа за настан со огромно значење.
Имено, заклетвата на г-дин Талат Џафери изгледаше како да ја кажува на албански јазик а не на македонски. Ако се додаде и тврдењето на некои гости во тв емисија, кои во живо ја коментираа заклетвата во парламентот, дека таму потоа се пеела и албанската химна тогаш изгледа дека македонскиот парламент се претворил во албански ресторан. Сите можат да нарачуваат ама специјалитетите се од Албанија.
Кандидатурата на г-дин Талат Џафери е политички рецепт на СДСМ со премногу горчлив зачин-ѓумбир. Во секој случај вчерашната заклетва беше конфузна ситуација на која по правило ѝ следува инцидент.
Заклетва во парламент Народ пред парламент, фото: Игор Манев
Кандидатурата на г-дин Талат Џафери е најпрвин удар врз припадниците на АРМ и резервниот состав на Македонија бидејќи за време на конфликтот во 2001г. тој беше командант на ОНА. Тој и АРМ беа на спротивставени страни.
За жал, дури до денешен ден по 16 години сеуште не е расчистено кој беше агресор врз македонската територија и население а кој одбрана и заштита? Кога велам не е расчистено мислам на официјален документ, изгласан во македонскиот парламент, во кој јасно пишува дека ОНА или АРМ биле агресори врз територијата на Македонија.
За жал, тоа што се прифати од двете завојувани страни се само бројките на жртвите во воениот конфликт. Мрак.
Во продолжение на вчерашниот настан, по заклетвата на „новиот претседател на собрание“, можевме сите да ги видиме фотографиите на повредените членови на СДСМ и ДПА. Нивните глави со повредени носеви, чело и лице. И додека македонските граѓани констатираа дека виделе крв на лицата кај истите повредени парламентарци, со легален имунитет, во 22:18ч. на нашите екрани се појави претседателот г-дин Ѓорѓи Иванов кој повика на смиреност и средба на политичките лидери веднаш следниот ден, односно за денес 28 Април.
Верувам дека и претседателот на републиката бил во конфузија бидејќи неговиот повик за средба на лидерите беше трагикомичен. Доколку лидерот г-дин Зоран Заев може физички да биде присутен на средбата сепак, прашање е колку тој ќе биде психички способен да го следи разговорот. По медицинската интервенција сите повредени денес ќе бидат конфордно отрпнати од антибиотици, анксиолитици, антидепресиви или опијатен аналгетик како Трамадол кој се аплицира кај пациенти со силни болки.
Сите повредени политичари сигурно претрпуваат голем стрес кој на скала од 0-100 нивниот интензитет вкупно ќе биде околу 82. За лична физичка повреда или болест интензитетот на стресот е 53 додека, за промена на одговорност на работно место изнесува 29. Кога ќе се собере 53+29 = 82. Максимален стрес предизвикува смрт на сопруг/а со интензитет 100. Стресот на повредените политичари со вкупниот интензитет од 82 е толку силен што според скалата на Holmes and Rahe би се наоѓал на второ место, веднаш пред развод кој предизвикува интензитет од 73.
Проценувајќи ја здравствена состојба на овие политичари и лидерот на СДСМ може да се заклучи дека доколку сите денес се сретнат, со претседателот г-дин Ѓорѓи Иванов, повредените сигурно ќе гледаат мрак пред очи.
Насилно повреден политичар
Граѓани со качулки на глава
Лошата политичка ситуација во Македонија се предвидуваше да има слична разврска, како што навистина и се случи. Прогнозите беа најразлични почнувајќи од тоа дека може да има мали физички инциденти до уште покрвави сценарија со неконтролирани улични тепачки или граѓанска војна.
Во секој случај, како по дефиниција за криза, македонската политичка криза се наоѓа на раскрсница од каде не се знае по кој пат ќе тргнеме сите заедно. Дали ќе свртиме по патот на законот а судиите ќе судат со покриени очи или ќе свртиме по патот на насилството? Тоа е дефиницијата за криза која ни ја објаснува точката од која не може повеќе да се оди по иста линија. Од точката се издвојуваат две нови линии. Лево или десно, правда или насилство.
На сегашната линија се наредени серија непријатни настани во македонското општество исто како што тоа се случуваше во Алепо, Сирија. Духот на Алепо лебди над Скопје но, дали и ние ќе свртиме кон насилството како во Алепо зависи од нас.
Хаотична состојба во македонскиот парламент
Колку за споредба ќе го земам примерот со т.н. ланец на лоши настани. Имено, во авиосообраќајот постои строга контрола за преглед на авионите по секој завршен лет. Се прегледува целиот авион вклучувајќи ја и неговата основна конструкција. Тоа што всушност се бара е мала пукнатина која може да се јави на било кој дел од авионот.
Игнорирањето на една мала пукнатина може да предизвика создавање на нови пукнатини и тие да бидат причина за сериозно оштетување на патнички авион. Во моменти кога пилотот управува по агресивно може да се случи да се откорне дел од крилото или опашката и тоа да биде причина за пад на авионот со страотни последици по патниците. Можеби тоа е причина што стјуардесите пред самиот лет ви посакуваат пријатен лет а не среќен лет.
Овие појави се толкуваат со т.н. ланец на лоши настани. Една алка претставува еден авионски лет а повеќе алки повеќе авионски летови на истиот авион. Во момент кога само една алка ќе пукне тоа значи дека се појавила пукнатина на авионот. Повеќе пукнати алки значат повеќе пукнатини на авионот. Во моментот кога една алка целосно ќе се скине и откачи од ланецот тоа значи дека се откорнал дел од авионот. Ланчана реакција на лоши настани предизвикуваат катастрофа.
Со овој пример може да се толкува и вчерашниот крвав инцидент во македонскиот парламент. Многу лоши политички настани предизвикаа катастрофа. Една пукната алка навистина се скина од ланецот!
Од сите можни сценарија за Македонија многу ретко се говори во јавност за Нарцисистичко сценарио. Сценарио направено од македонски политичари Нарцисисти кои воопшто не се сакаат самите себеси и затоа ги мрзат сите околу нив.
Тие се секогаш во фокусот на јавноста и уживаат да бидат на сцена, во тв студио пред силни светла, рефлектори. Тие ви зборуваат најубави приказни во кои сѐ тече мед и млеко во политичка смисла. Но во моменти кога некој ќе ги открие нивните манипулации и лаги тогаш, вие сте неговиот непријател и Нарцисистот ќе направи многу за да ве уништи. Буквално да ве уништи или дури и да ве убие! Се работи за психичко пореметување.
Дел од македонскиот народ, односно сите следбеници на Нарцисистите, не е свесен дека всушност се вртат во еден маѓичен круг од кој е многу тешко да се излезе. Маѓичен круг бидејќи по одреден временски период кога ќе дојде момент на позитивна промена сите ние паѓаме во мрачни и црни настани. Ние си одбираме и продолжуваме да се движиме назад по истата кружна линија на насилство, мизерија и бедотија. А токму таму не чека Нарцисистот, таму во ситуација во која тој најсигурно се чувствува бидејќи целиот негов свет е разрушен. Свет во кој нема љубов затоа што никогаш вистински не ја почувствувал.
Пишува: Игор Манев
дата: 28 Април 2017