Лудилото во Скопје го достигна својот зенит точно на полноќ 00:00ч. а во населбата Ченто, во исто времe, се слушаше звук кој потсетуваше како да се работи за војна, напад на Арачиново а не за новогодишна прослава.
Во изминативе два-три месеци се случија неколку настани кои не тераат, без наша воља, истите да ги прераскажуваме или пак да си кажеме наши ставови за истите настани кои ги доживуваме. Нешто се случува и доколку не разговараме за тоа што ни се случува тогаш нашиот однос би се претворил во игнорантски во стилот дека ,,не ме интересира…! “ или „што сака нека биде…! “. Но, дали така треба да не одминуваат случувањата во нашата околина?
Не посочувам на приватни, субјективни и многу блиски до себе, лични работи туку на настани кои се случуваат толку громогласно што предизвикуваат масовна појава, сите не разбудува и предизвикува заеднички да реагираме на случувањата во нашата животна средина. Експлозивни звуци го пореметуваат нашиот мир и агресивно го привлекува нашето внимание.
Како прв пример ќе ги земам случувањата за време на новогодишните празници, во тековната Нова година 2016/17г. и употребата на пиротехнички материјали. Толку многу различни видови на петарди, толку различни видови на ракети се продаваа низ Скопје што изгледаше како да е тоа единствениот бизнис кој носи профит за Нова година. Се прашувам каде се новогодишните честитки, пакетчиња и календари за 2017 година? Зошто толку многу се форсира продажба на предмети со барутно полнење? Оваа година дури и религиозните календарчиња, велат, слабо се продавале.
Но затоа петардите се продаваа како алва!
Духот на Алепо лебди над Скопје
Видови на петарди во Македонија, фотошоп: Игор Манев
Покрај тоа што на амбалажата пишува дека петардите не смеат да се продаваат на лица помали од 18г. Сепак, тие како семки и сончоглед се продаваа дури и на тинејџери. На која најмала возраст тенејџерите купувале тоа сеуште не се знае во јавноста, но затоа народот зборува како нивното 12 годишно дете само си купило цела кутија од 100 петарди за 150ден.
Главната локација од каде се дистрибуираат најголемиот број пиротехнички материјали убедливо останува Бит Пазар, Скопје. Таму позади тезгите, па дури и на тротоарот од булеварот Крсте Петков Мисирков, слободно и без никаков усул или грижа на совест се продадоа илјадници и илјадници петарди, динамитки, ракети и што ли уште не.
Што ќе кажете за вашиот прв комшија? Кој иако возрасен преку 30г. сеуште се радува како мало дете и купува петарди секоја година. Несозреано дете во тело на возрасен маж! Истото полнолетно дете почна да фрла и палеше петарди почнувајќи од 21:00ч и до 01:00ч по почноќ. Колкав ли арсенал на петарди и динамитки купило ова несозреано дете за да може континуирано во тек од 4 часа постојано да ги пали за да експлодираат, стотици и стотици?
Куќата во нас.Ченто од која 4 часа се фрлаа петарди со силни експлозии за време на новогодишниот празник 2016/17г, фотошоп: Игор Манев
Иако на амбалажата пишува предупредување дека пиротехничките материјали мораат да се активираат во присуство на возрасен, на отворено и далеку од куќи, згради, возила, сува трева и други запаливи материјали сепак, изгледа писменоста не е силна страна кај овие личности кои фрлаат запалени петарди.
Затоа силни експлозии можете да слушате бидејќи тие пукаат на само 5-10 метри од вашата надворешна, влезна врата во вашиот дом. Ве уверувам дека не можете да останете рамнодушни на овие експлозии а уште помалку ако тие континуирано се случуваат во период од 4 часа, и згора на тоа, за време на дочек на Нова година.
Тоа е јасен симптом дека овие луѓе, без разлика на возраст, не обрнуваат внимание на сопствената и туѓа безбедност. Прашање е само на време кога нивната импулсивност за палење петарди ќе се развие во нешто друго, на пример, да запали дрва на отворено или пак возило или куќа.
Пироманијата е болест и таа се дефинира како нестрпливост, неможност да се контролира сопствениот импулс за да запали некој предмет. Зборот пироман потекнува од зборчето (pyr) пир, што значи оган и зборот (mania) манија што значи прекумерна реакција односно лудило. Веднаш по запалувањето на оганот овие пореметени личности чувствуваат ослободување, релаксација. Со други зборови се работи за психички пореметени личности на кои им треба терапија исто така како и на клептомани, зависници од дрога и алкохол. Во споредба со човекот, од животинскиот свет импулсивни се мајмуните а посебно шимпанзата.
Лудилото во Скопје го достигна својот зенит точно на полноќ 00:00ч. а во населбата Ченто, во исто вреем, се слушаше звук кој потсетуваше како да се работи за војна, напад на Арачиново а не за новогодишна прослава. Силни експлозии, како по некој ритам, се слушаа поради огнометот кој силно распукнуваше над небото во нас. Ченто. Откако огнометот стивна веднаш потоа се појави облак од согорени барутни честички кои го сензибилизираа нашето сетило за мирис. Воздухот во нас.Ченто мирисаше на барут.
Покрај толку силен мирис од пиротехнички материјали беше нормално да се очекува дека на крајот ќе падне крв! И навистина беше така. Следниот ден ТВ медиумите известија дека некои млади лица останале без прсти бидејќи петарди со поголема експлозивна моќ им пукнале во рака. Нивната неконтролирана импулсивност ги направи инвалиди во тенејџерска доба.
Во контекст на случувањата кои асоцираат на војна би ги спомнал и политичките настани а посебно за време на изборите во 2016г. Кои изобилуваа со изјави и во некоја рака можеше лесно да се процени дека беа кажани од личности кои не можеа да си ги задржат сопствените импулси. Скандирањата во јавноста и пред ТВ камерите со извици: „УЧК, УЧК ! “ од албанскиот турист Артан Груби беше јасен сигнал за повик на војна.
Ништо помалку не заостануваа ниту македонските политичари кои преку асоциации се повикуваа на атентати и пролевање на крв. Ќосето е историска личност на кого повеќе му беше важно сетилото за мирис и пролевање туѓа крв. Да, да, претпоставувате дека името на Ќосето се слушна од устата на екс кандидатот за министер за финансии г-дин Никола Груевски.
„Не е важно што влегува во уста, туку што излегува“: Библија.
За среќа, народот не сакаше да го помириса повторно барутот од вистинското оружје и гласаше во голем број токму против овие импулсивни личности, чиј карактер е повеќе близок до светот на мајмуните отколку до светот на хуманите луѓе.
Дека во Македонија јавно, индиректно и преку асоциации, се повикува на војна постои и фактот со објавените фотографии на странските амбасадори во Македонија. Нивните лица, на американскиот, англискиот, германскиот, францускиот и други тековни амбасадори беа објавени во електронските медиуми, преку интернет. Нивните ликови беа масовно дистрибуирани во форма на фотографии означени со коса црна линија, која редовно се поставува на фотки од починати лица.
Но сите тековни амбасадори се живи и здрави а тенденцијата на создавачите и нивната дистрибуција на фотографиите со црна коса линија не може никако поинаку да се разбере освен како претење по животот на овие странски дипломати. За среќа, нашата меморија сеуште не држи и не потсетува за настани кои се случуваа во нашата близина во Србија, во времето на Милошевиќ.
Имено, по колапсот на дипломатските односи на Србија со странските амбасадори и политичари кои ја посетуваа оваа соседна земја, во времето на војната со Косово, одеднаш се појави на ТВ висок функционер во Владата на Србија кој изјави: „Ако Американци желе рат ми ђемо да се бранимо“. Тоа беше кулминација во овој начин на водење политика и резултираше со напад на НАТО алијансата врз т.н. одбрана на цела територија на Србија. Браникот, на кој се повикуваше србскиот функционер, беше претворен во попара од далеку надмоќната со високо воена технологија на НАТО, под команда на Американците. Последиците од погрешната политика србскиот народ ги чувствува до денешен ден.
Сакам да кажам дека денешна погрешната македонска политика во многу потсетува токму на тоа хорор време во бивша Југославија, со тенденција за влошување на дипломатските односи со странските амбасади. Разберете дека зад секоја странска амбасада стои цела странска држава. Затоа без разлика дали се работи за македонски политичари или албански туристи во Македонија, сите, доколку асоцираат или јавно повикуваат на војна треба да бидат соодветно казнети. Не сум правник но сметам дека се потребни затворски казни за луѓе кои повикуваат на војна во Македонија. Во тој правец не би било лошо да се побара стручна помош од правници, судии од Хаг.
Хорор настани од војната во кои имаше многу жртви во Алепо, Сирија; фото: rt
Воените дејвствија во Сирија сеуште траат а тие кои случајно се нашле таму ни испраќаат свежи фотографии од последиците од војната во градот Алепо. Очигледни се разликите од состојбите на објектите во Алепо пред и по војната.
Теророт и страшните искуства на сириските жители резултираше со масовен егзодус на милиони луѓе а нивните приказни можевме да ги слушнеме и тука, во Македонија, токму од тие кои нашата држава ја преминуваа за да стигнат во западно европските држави барајќи услови за слободен и мирен живот.
Трговски центар во Алепо, пред и по војната; фото: rt
Поглед кон џамија во Алепо, пред и по војната; фото: rt
Црква во Алепо пред и по војната; фото: rt
Длабоко, длабоко во нас треба сите да си погледнеме во сопственото огледало и да се запрашаме зошто ние, зошто македонскиот народ би влегувал во војна со било кој друг народ?
Одговорот на ова прашање делумно ни го кажа Израелскиот писател Сем Вакнин, во интервјуто и вели: Како резултат на недостаток на љубов, во рамките на некое семејство, децата кои растат и се развиваат во такви услови со текот на времето остануваат емотивно неразвиени. Тие физички се развиваат и растат во возрасни луѓе но нивните морални вредности се на многу ниско ниво и токму поради тоа што не почуствувале вистинска љубов од сопствените родители. Овие „вечни деца“ во психијатријата се третираат како Нарцисисти и за тоа многу пишува во стручната литература во голем обем.
На прашањето дали може да ни каже што е тоа Нарцисистички бес господинот Сем Вакнин одговара: Нарцисистите се бесни целиот нивен живот. Активен аут всушност значи дека тој се однесува неочекувано, непредвидливо, збудалено, лудо. Деструктивен е кон себе и кон другите а посебно кон себе и не е можно да се предвиди од секој нормален човек, како нормален акт.
Пишува Игор Манев
датум: 25 фев 2017