Чувајте си го здравјето додека не е доцна!
(Комплетна и оригинална верзија)
Состојбите, според мое мислење, во здравството и образованието заедно се на најниско односно најмизерно ниво до сега.
Јасминка Павловска: Телевизиската публика ве памети како „докторот од тв“, преку бројните емисии од областа на медицината, кои повеќе од една деценија се емитуваа на повеќе македонски телевизии. Од неодамна уредувате и свој веб сајт. За кој веб сајт станува збор?
Игор Манев: Идејата за веб сајтот ми се јави во јануари 2015г. но од технички причини не бев во можност да ја реализирам, бидејќи ПС компјутерот што го поседував беше со слаба конфигурација и не можеше доволно брзо да процесира. Затоа во август купив нов лап топ а во декември започнав со припремата за онлајн поставување на веб сајтот „Конзилиум прес“.
И така, конечно во Февруари 22-ри 2016г. ги објавив првите текстови на веб сајт „Конзилиум прес“ достапни за читателската интернет публика.
Текстовите ги пишувам најпрофесионално, толку колку што ме држи сопственото искуство во новинарството. Мислам дека тоа е причина зошто сајтот е одлично посетуван, ама морам да бидам искрен дека моите прогнози не беа такви. Се надевав дека лесно ќе успеам да најдам спонзори а читаноста ќе дојде подоцна. Но, излезе обратно. Читаност има а спонзорите се ретки како капка во море.
Пишувањата ги базирам на истражувачко новинарство, кое е можеби најтешкиот начин за работа но, јас имам доволно време и не се брзам за некакви рокови кога треба да се објави нов текст. Често ми се случува еден текст да пишувам 2 дена.
Инаку, се чувствувам потполно слободен и затоа не се двоумам дали да напишам текст кој би се однесувал на било која друга тема освен Медицина. Мојата предходна работа во ТВ медиумите се однесуваше исклучително само за известувања од случувања во медицината а денес, преку веб сајт „Конзилиум прес“, чувствувам доблест да пишувам и објавувам во 12 рубрики вклучувајќи ја и насловната страна. Веб домејнот е со адреса www.consiliumpress.com
Игор Манев, фото студио: „Здравко“
Еве, најновиот текст објавен во рубрика Македонија се однесува на состојбите поврзани со зимскиот снег и ниските температури со наслов: Во 4-то годишно време секогаш се очекува снег и студ.
За веб сајтот пишуваат и други граѓани и новинари кои имаат смисла за пишување. Нивните текстови предходно лично ги прегледувам, читам а потоа ги објавувам на „Конзилиум прес“ со нивно име и презиме. Се работи за луѓе кои сметаат дека имаат нешто интересно, својствено за нив, да кажат и да пренесат на јавноста преку сопствен начин на изразување.
Како најчесто ги одредувате темите - поведени од вашето медиумско искуство што е најкорисно како совет за добро здравје, или по предлози на вашите читателите?
Кога денес би требало да водам нова емисија посветена на здравството тогаш сигурно би предложил таа да носи наслов „Сам свој доктор“. Состојбите, според мое мислење, во здравството и образованието заедно се на најниско односно најмизерно ниво до сега. Доживеав големо разочарување токму од луѓе кои се вработени во овие два носечки столба на државата. Во секоја нормална држава овие два столба навистина се носечки бидејќи ако немате здравство, на пример, тогаш може да се случи граѓаните да примаат лекови на улица, буквално како во Африка.
Изјавите што денес секојдневно ги слушаме од пациенти кои се лекуваат во државни институции, амбуланти-поликлиники, клиники и болници се фрапантни. Дали се во прашање лекарски грешки или здравствен систем кој се наоѓа на ивица од колапс? Во секој случај поплаките од корисниците на здравствени услуги се многу чести а за тоа нема никаква одговорност. Ќе ви кажам само еден пример со здравствените картички, тие требаше да ги заменат здравствените книшки.
Зошто само еден пример? Еве, вториот е дека дијагнозата exitus letalis многу вешто ги брише трагите како дошло до тоа.
Затоа велам дека во сегашно време емисија за медицина со наслов „Сам свој доктор“ е мојот најдобар совет. Чувајте си го сопственото здравје!
На малиот екран последниве години се појавија и советувачи, на база на народни лекови и народни верувања. Како новинар, кој завршил на медициски факултет, како гледате на таа појава - како исправна и корисна, или можеби како опасна?
Во Јули 2010г. во едно студио на Сител разговарав со некоја Лидија која се интересираше да слушне како ја замислувам емисијата, која беше во фаза на припрема за реализација. Таа ми се претстави како сценограф и по потекло беше од Русија но добро го владееше македонскиот јазик. Нејсе, откако ме сослуша таа ми предложи комплетно да ја променам насоката која си ја замислив. Замислата ми беше во емисијата со наслов
„Конзилиум +“ да се разговара на теми од класична медицина.
Но таа инсистираше насоката да биде алтернативна медицина и притоа да се разговара за тревки и билки кои се лековити. Ја сослушав со внимание а потоа ѝ одговорив дека јас лично познавав неколку луѓе т.н. тревкари или билкари, но нивните тврдења за лековитоста на некои одредени растенија не беа потврдени со докази а посебно не научни.
Верувам дека во Русија има многу билкари но затоа русите имаат институти во кои предходно прават добра проверка пред да објават дека е безбедно лекот-иљачот да се користи или не.
Се согласив да се разговара на теми од класична медицина, плус со повремени теми од алтернативна медицина и со голема доза на претпазливост. Во тоа време, гледам и денес, има бизниси чија основна дејност е производство на лекови чии рецептури по традиција доаѓаат од нечии баби и дедовци. Тие лекови, за жал, најчесто се продаваат на очајни пациенти кои се фаќаат за сламка за да преживеат и да останат живи. Претпоставувам разбирате за кого се работи, тоа се пациенти болни од канцер.
Во еден предходен разговор со Ристо Самарџиев, тогашен директор на програма, слушнав нешто слично однесувајќи се на некои лековити растенија. Причината, велеше тој, е дека Љубислав Иванов-Ѕинго требало, или веќе работел, да отвори бизнис за производство на такви лекови базирани на природни состојки. Но велам, немаше ништо јасно и конкретно која би била мојата улога како водител на емисија за медицина поврзана со теми за алтернативна медицина односно презентирање на лековити билки. Голема е одговорноста да зборувате сè најдобро за алтернативни лекови или додатоци во исхрана а притоа да немате човек кој со целата своја професионалност ќе ви изнесе научни докази.
Ако алтернативниот лек се покаже дека предизвикува споредни ефекти или воопшто не лекува а некој гледач на емисија слушнал од вас дека лекот е супер, тогаш тој ако е пациент ќе го купи лекот, ќе почне да го користи и по кратко време неговата здравствена состојба може многу лесно да му се влоши. Еден пример кажува за употреба на мед од домашно производство кој од произведувачот се продаваше во мали дози како лек за воспаление на длесни. По апликација на т.н. мед се случи алергиска реакција и длесните кај корисникот уште повеќе се воспалија со појава на отоци на усните. Доказ дека алтернативните т.н. лекови можат да направат повеќе штета отколку корист по здравјето на секој од нас.
Емисијата почна во Сител 3 но по само 6 емисии во живо повеќе не се емитуваше. Одговорот беше дека нема спонзори а Ристо Самарџиев од Сител ми пренесе телефонски дека всушност ми дале рекламно време. Оди па разбери ги! Со други зборови требало јас да си најдам финансиери. Најверојатно тоа беше причината што не ми платија за 45 дена работа.
Една животна лекција што ја научив преку горчливо искуство, никогаш да не прифаќам усмени договори бидејќи тие многу често подлежат на измама. Така се случи со Сител 3!
Видео од емисијата Конзилиум+, јуни 2010г. Сител 3 тв
Подобро да се спречи, отколку да се лечи, е главно мото на граѓаните, по однос на здравјето. За подобра превентива, може да не упатите кои медиуми, портали или емисии даваат најкорисни совети од областа на медицината, денес? (овде спомени некоја странски портал, или списание, или некоја странска емисија?
Странските емисии за медицина од BBC, DW, TV5 беа моја инспирација ама денес не знам дали сеуште се емитуваат истите. Но додека се пренесуваа преку сателит многу често доаѓав до сознание дека нивните информации се убави за слушање но тешки за спроведување во Македонија бидејќи нашиот здравствен систем е различен од оној во Англија, Германија или Франција.
Повторно ќе ја спомнам здравствената картичка за која прв пат пренесов информација во емисијата „Семеен лекар“ во Телма. Тоа беше пред околу 13 години и ете, како ние денес се соочуваме со македонската електронска здравствена картичка ЕЗК. Франција за првпат пред повеќе од една деценија ги воведе картичките а за тоа информираше на сателитскиот канал TV5.
Нашите здравствени картички се со пиратски чип и затоа ништо не се снима, тие се празни и не содржат никакви информации за личните здравствени податоци на сопственикот. Во медицинска установа морате да носите здравствена книшка бидејќи електронската не функционира. Зошто плаќавме ако не функционира? Плаќавме и повторно ќе плаќаме затоа што треба да се направат нови, нешто слично како со личните карти и пасоши кои постојано се принтаат во нова форма и дизајн. Значи во прашање се интереси за лична заработувачка на грбот на граѓаните во Македонија.
Вашето семејство носи уметнички предзнак, и вашиот татко Коле Манев а и сестрата Јана Манева Чупоска се ликовни уметници. Дали и уметноста е ваше хоби, имате ли и таков афинитет?
Веб сајтот е моја лична креација, која ја создадов со т.н. Веб дизајн. Невозможно е ништо да не се апсорбира од уметноста ако сте дел од фамилија во која има член кој е професионален уметник. Јас лично себеси се пронаоѓам во пишувањето иако знам многу добро да цртам со молив и боици за цртање. Мислам дека пишувањето има поголеми можности за изразување и може подлабоко да допре до човековата психа. Затоа добрите зборови објавени во форма на текст можат повеќе светлина да испратат до секој човек или еден цел народ.
Пишува: Игор Манев, комплетна и оригинална верзија
Датум: 18 Јануари 2017г.
П.С. Прашањата за интервјуто ги постави Јасминка Павловска за дневниот печат „Утрински весник“, објавено на
17 Јануари 2017г, 5284, XVIII