„Шампиони, сега сме шампиони!“ тоа беше општата констатација. Од другата страна, ниту најскапите светски играчи не успееја да донесат победа за ПСЖ. Познатите и најплатени играчи изгубија во борбата со Вардар.
Со десна рака до спортски триумф
Спортски натпревар како по обичај, без некои посебни припреми, го следиме преку телевизиски пренос и вообичаено опкружени со друштво на пријатели. Колку натпреварот е со поголемо значење толку бројот на заинтересирани пријатели е поголем. Зборувам за мечот во ракомет меѓу Вардар и ПСЖ кој со масовни размери се следеше со голем интерес насекаде во Македонија а верувам и подалеку од нашите територијални граници.
Во „Спортска меана“ нас. Аеродром влегов за првпат во мојот живот со намера да го следиме ракометниот натпревар со моите пријатели. Во локално ресторанче со доминантен дрвен ентериер, спортски амблеми на ѕидовите и секако плазма телевизори со поголеми димензии околу 100см по дијагонала. А масите и столиците веќе беа зафатени од гости чиј поглед веќе беше насочен кон ТВ екраните во очекување да започне натпреварот. Можеше да се слушне неврзан разговор на мобилен: „Нашите играат денес, сега!“.
Друштвото на пријатели, сите со аматерско спортско искуство, се собраа заеднички на една маса и веднаш на услуга ни пристигна келнер. Со раширени раце и отворени дланки љубезно ни се обрати: „Повелете, што ќе си нарачате?“ А ние класика, посакавме пиво и се разбира ќебапчиња, плескавица, салата, газирани сокови…
Прогноза за крајниот исход на ракометниот натпревар, меѓу Вардар – ПСЖ, беше првата тема на разговор. Најискусниот од нас рече: „Не верувам дека Вардар ќе победи“, вториот со слично размислување: „Ќе биде чудо ако Вардар победи“. Морам да признам дека и јас го делев моето мислење со нив со зборовите: „Ние сите сакаме Вардар да победи меѓутоа, реално не е така.“ И четвртиот наш пријател прогнозираше во иста насока велејќи: „Нема да победат, ПСЖ се многу јаки“ а згора на тоа дури и ни пренесе размислување на негов пријател кој прогнозирал дака Вардар ќе изгуби со 7 поени разлика.
Мечот започна и гледај, уште на почеток во првите минути на играта Вардар поведе! Само неколку голови разлика во однос на ПСЖ но сепак, Вардар водеше а на лицата на нашите играчи се гледаше некаква цврста решителност, како да беа уверени дека можат да победат. Нивната верба беше во спротивност со нашата. Седејќи така на маса ние меѓусебно сите си разменивме погледи на чудење но, никој не се поколеба и сите си останавме на нашите прогнози дека Вардар ќе загуби. Нашето мислење во тој момент беше дека е почеток на натпревар, прво полувреме и уште е рано.
При крајот на првото полувреме нашата головна разлика се намали и паузата ја дочекавме со 1 гол предност за ПСЖ. Да, тоа беше веќе пореално и поблиску до нашите прогнози дека нема да биде лесно и Вардар ќе загуби. Додека траеше одморот од 15 минути, за играчите од двете екипи, нашиот разговор зема сосема друг тек и зборувавме за сè освен за спорт.
Играчите на Вардар во одбрана, фото: Europe1.fr
Уште на почетокот на второто полувреме натпреварот зема едно жестоко темпо од играчите на двата тима, нашиот и францускиот. Затоа резултатот беше тесен со еден разлика или изедначено. Одвреме навреме нашите поведуваа со 2-3 разлика или обратно но секогаш повторно се доаѓаше до ист број на голови. Екраните со телевизискиот пренос во овие минути беше единствената точка кон која беа фокусирани погледите на сите присутни во ресторанот. Во миговите кога Вардар постигнуваше гол сите победнички ги кревавме рацете нагоре, емоции, емоции, емоции. Храната и пијачката беа второстепени работи.
Емоциите на радост беа толку манифестирани кај присутните во ресторанчето што некои од нив земаа празни столици и ги креваа високо кон таванот. Головите навистина предизвикуваа искрена радост до таа мерка што сите до еден станувавме простум од нашите столици и со ракоплескање ги одобрувавме успесите на ракометарите на Вардар.
Секундите пред конечниот исход од натпреварот навестуваа продолжување на мечот бидејќи резултатот беше 23:23 и тоа повторно беше некако пореално, за нас навивачката публика, поприфатливо за да во продолжувањето го победиме тимот на ПСЖ. Но, Иван Чупиќ буквално во последните секунди од второто полувреме на сите ни докажа дека ПСЖ може да се победи без дополнители минути. Вардар победи со 24:23 и стана Европски шампион.
Еуфорија!
Некои од гостите во ресторанот се предадоа на сопствените емоции и почнаа силно да викаат. Нивните извици беа неразбирливи со ниска вербалнa комуникација меѓусебно и неартикулирани звуци. Сепак, беше јасно дека радоста што тие ја манифестираа беше искрена и од сè срце.
Сите останати гости, меѓу кои и ние во пријателско друштво, сега ги кренавме рацете високо и гордо го покажувавме најмоќното оружје на светот, стиснатите тупаници. Секоја чест за играчите на Вардар, тие навистина убаво не изненадија сите.
Навивачка атмосфера на фанови на Вардар, Видео: Игор Манев Победнички пехар во форма на десна рака и топка, фото: a-demain.fr
Емоциите се намалуваа во интензитет како времето изминуваше и полека но сигурно сите се враќавме во нормално поведение. Зборовите не беа доволни за да се опишат нашите чувства и затоа не зборувавме. Тоа беше крај.
Крај за нашите сомневања дека не можеме да постигнеме големи спортски успеси. А почеток за еден нов момент во нашите животи кој за секогаш ќе остане во нашите сеќавања. Сега разбравме, на сите ни стана јасно дека во тој момент доживеавме победа со играчите на Вардар.
Неповторлив момент во нашите животи, свесноста полека ни го освојуваше просторот на нашите мисли.
Разговорот продолжи по кратката пауза на молк, тук-таму ќе се чуеше некој од соседната маса додека спортските коментатори продолжуваа со телевизискиот пренос.
„Шампиони, сега сме шампиони!“ тоа беше општата констатација. Од другата страна, ниту најскапите светски играчи не успееја да донесат победа за ПСЖ. Познатите и најплатени играчи изгубија во борбата со Вардар.
Ле Фигаро, Францускиот весник веднаш по мечот зема изјава од играчот на ПСЖ Недим Ремили кој рече: „Не знам дали би имал добра жестока анализа туку така, сè што знам е дека е тешко да се изгуби ова финале, кое е повеќе во Шампионската лига. Знаевме дека не би требало да изгубиме многу топки пред нив… За жал ова е случајот, честитки до нив. Нема жалење… во целина на мечот но хеј, ние се боревме до крајот, ние направивме грешки иначе би победиле, но денес тие беа посилни браво за нив.
...Ние навистина мислевме, кога стигнавме во финалните четири дека нема повеќе фаворити, доказот, Вардар. Првпат беше што тие учествуваа и тие победија, затоа уште еднаш честитки до нив.“
Македонските фанови масовно ги дочекаа играчите на Вардар во центарот на Скопје, фото: Игор Манев
Честитките, до нашите играчи на Вардар, ги добија од целиот Македонски народ кој свечено ги пречека да поминат низ Триумфалната капија кон централниот плоштад на Скопје. Нивниот спортски огромен успех ги стави во сенка сите наши политичари кои, заради нивната неспособност, не знаат да се изборат до такви резултати во политиката како што тоа го направија играчите на Вардар во светот на спортот. Иако во сопственост на приватен спортски бизнис сепак, овој клуб се бореше под знамето на Македонија и ни го донесе победничкиот пехар.
Пишува Игор Манев
13 Јуни 2017