Високо образовна Дислексија

Последните случувања во високото образование како изборот за нов Ректор, промена на студиска програма која во факултетите различно се применува, прекршување на законот за високо образование, укинувањето на статусот Апсолвенти и нивно повторно враќање во настава и пракса по завршувањето на сите студиски години, не може никако поинаку да се наречат освен како ненормални и надвор од секоја логика.

фотошоп: Игор Манев

  А нелогичните случувања продолжуваат да траат континуирано секој ден. Сеуште траат и така ќе биде понатаму во иднина бидејќи кандидатите кои се избрани да го водат високото образование во Македонија се однесуваат чудно и надвор од секоја логика.
Почетните точки од кои тргнуваат сите абнормални текови во високото образование се кандидатите за изборот на нов Декан, нови членови на Сенат и нов Ректор. Сите се бираат само во еден момент, во само еден временски флаш во едно утро, во еден ден и толку. Нема нови прегласувања, нема нови временски рамки и рокови за нови избори.

  И затоа поставувам прашање кои се тие луѓе кои ги водат или само слепо ги следат овие деструктивни акции на Универзитетот св. Кирил и Методиј?
  Во основа се работи за образовен систем кој се уништува на секаков начин па дури и со прекршување на законите и нивна злоупотреба од позиција на моќ, почнувајќи од директори на институти, клиники, декан, ректор и секако тука е политичкото лоби.
  Но деструктивците на образовниот нетворк се луѓе и затоа сметав дека за јавна дебата на која треба да се објаснува, образложува и откриваат темните дамки во високото образование, би требало да се поканат првенствено специјалисти Психијатри кои ќе ја објаснат човечката карактерност која е суштина за однесувањето на луѓето, креативните в.с. деструктивните луѓе.                                                                              
  Во таа смисла и со намера лично да поканам еден бивши и пензиониран професор по Психијатрија од Медицински факултет отидов на закажана средба во неговата канцеларија. Просторијата во која тој сега работи припаѓа на приватен медицински бизнис кој се одвива на ниво на цела една зграда во централно градско подрачје, одлична локација.
  Овој професор имаше искуство во високото медицинско образование и навистина, не дека ми беше омилен, но сепак имав високо мислење за него затоа што често се појавуваше на ТВ јавни настани и соработуваше со предходниот претседателот на државата г-дин Борис Трајковски.
  Во првите 10 минути разговаравме за општи работи, како си и што има ново? Ама понатаму, како разговорот се развиваше така почнав да му објаснувам на професорот по Психијатрија повеќе во детали за јавната дебата која се планираше да се одржи.
  За време на разговорот немаше никаква понуда за кафе или било каков пијалок како дел од традиционалното „добро дојде“ и затоа веднаш ми се јави мисла дека од понатамошна соработка најверојатно нема ниту да дојде.
 
  И додека му потенцирав за прекршоци на законите за високо образование, злоупотреба на Автономија на Медицински факултет по линија на позиција во Деканат-Ректорат, непочитување на правата на студентите да бираат студиски програми ...приметував дека изразот на професорот почна да се менува. Сеуште не можев да претпоставам што си мисли и затоа го чекав тој сам да си каже.
 Направив пауза во моето зборување, почекав некоја секунда и тој почна. Кажуваше за неколку негативни искуства кои исто така се однесуваа на високото образование почнувајќи од стручна литература, медицински книги па дури и за неговота смена од позиција директор на Клиника за Психијатриски болести во рамките на сегашен Клинички центар „Мајка Тереза“.
  Помислив дека тој би сакал да зборува токму на оваа тема во однос на поканата за јавната дебата „Светли перцепции во високото образование“ и затоа го прашав, дали сака да ни презентира дел од неговото лошо искуство на Медицински факултет. Намерата беше иста како и идејата да се направи некаква промена во високото образование. Но, следуваше изненадување.
  Најпрвин докторот по Психијатрија зборуваше за неговата љубов кон уметнички слики и неговото лично познанство со татко ми. Разговараше со задоволство и на лицето се гледаше насмевка која се повеќе и повеќе растеше и се растегнуваше како Харибо желе бомбона.
  А Потоа, тишина!                                                                                                                                                  
  Продолжив јас и со два три збора кратко објаснив дека татко ми исто така го цени него како пријател и дека има поздрав. Ама, веднаш се вратив на разговор за темата и јавната дебата која беше во тек на припрема. Овој културен настан на кој веќе предходно прифатија да присуствуваат други тројца професори, двајца од Медицински и еден од Правен факултет.
 
  Грмна професорот, почна да вика и да се дере на целиот глас. Толку силно врескаше што можав да слушнам ехо од неговиот бес. Канцеларијата во која се наоѓавме беше со глетовани ѕидови и затоа од таа тврда површина звукот се одбиваше на сите страни.
  Во тие моменти тој ме потсети на фудбалска утакмица каде секогаш по традиција на трибините се наоѓа некој што вика силно на целиот глас. Но во овој случај разликата меѓу професорот и навивачот на стадион беше само во тоа што навивачот изговара безобразни зборови и навреди кои се однесуваат или на судијата или на некој фудбалер. Професорот не беше прост но викаше ли викаше!
  Психологијата веќе одамна има објаснување за причините зошто навивачите викаат на целиот глас на стадион или на јавни места. Во основа се работи за хронични проблеми во фамилија или долготрајно лично незадоволство.
  Епа тогаш, во што беше причината за незадоволството на Психијатарот?
Во тие громогласни моменти кои се повторуваа неколку пати во тек од 15 минути, оваа какафонија на професорот толку ме загрижи што навистина и не знам што сакаше тој да ми каже. Во секој случај насетив страв.
  Немаше корист муабетот да се продолжува на овој начин и затоа двајцата ја скративме должината на нашите реченици со цел разговорот да заврши.
  Професорот излезе во ходникот да ме испрати иако не верував во неговата добронамерност. Неколку денови пред датумот на одржување на јавната дебата повторно му се јавив на професорот за одговор, дали прифаќа или не. Но, професорот не можеше да дојде. Психијатарот беше болен.
 
  Вториот пензионер но сеуште активен доктор на кого му се јавив телефонски беше исто така поранешен професор по Психијатрија во клинички центар „Мајка Тереза“. Со професоров усмено комунициравме и му објаснив дека е во тек реализација на јавна трибина на тема од високото образование. Тој ме сослуша и веднаш донесе одлука да не учествува во јавната дебата.
  Неговото образложение беше, не е дека тој не сака туку сметаше дека не е време сега да се зборува за тие работи кои се однесуваат за високото образование. И покрај тоа што пробував да го разубедам сепак, тој си остана на неговиот став и додаде: „Молчи Игоре, молчи...знаеш ли како велат Русите? Тие велат М`лчи!“
Лично го познавав овој професор од порано и затоа неговиот одговор го сватив како совет но, организацијата за јавната дебата веќе траеше 6 месеци и од мој аспект сегашната ситуација да се излезе во јавност беше созреана за разговор.
 
  Постои една анегдота која ми е многу интересна и забавна и вели вака. Скулптурите се објекти кои можете брзо да ги забележите, можете да видите со каква боја се обоени, бела, бронзена, зелена, кафена, црна … Скулптурите можете да ги допрете и да почуствувате дека тие се ладни или пак топли ако се изложени на сонце. Под вашите прсти можете да ја осетите површината на скулптурата која може да биде рапава или мазна, со или без рељеф. Можете дури и да се поздравите доколку раката на скулптурата е пружена кон вас и со отворена дланка. Понатаму, Вие можете да ја стиснете раката на скулптурата и на момент да си помислите дека таа ви покажува срдечност.
  Но во оној момент кога ќе ѝ поставите прашање на скулптурата таа нема никогаш да ви одговори.
Поентата на анегдотата е во тоа дека не е може со било кој да се разговара, за тоа мора да постои одреден степен на интелигенција. Анегдотата одлично ги опишува докторите по Медицина, во смисла дека слично како скулптурите и тие имаат низок коефициент на комуникација. Секоја чест на исклучоци, се разбира.                      
  Помина точно 1 година и 1 месец откако се одржа таа јавна дебата со наслов „Светли перцепции во високото образование во Македонија“, во просториите на Секој студент.
Минаа повеќе од 390 денови од овој културен настан на кој Македонската јавност имаше можност да слушне многу добри и оригинални работи за моменталните состојби и промените кои би требало да се спроведат во образовниот систем за негово подобрување но сепак, во реалноста нема ниту П од промена.

Кликни на фотка за видео од јавната дебата 

Учесници на јавната дебата

  Еден од поканетите гости кои можеше исто така да учествува во дебатата беше сегашниот Ректор абдоминален хирург но, тој не дојде. Од него не добивме никаков одговор, Ректорот не испрати ниту писмено ниту усмено образложение. А немаше да биде проблем ако тој прифатеше да присуствува, па макар, како гостин за да ја следи дебатата или да ни помогнеше во послужување на учесниците со кафе, чај, сок или грицки. Нејсе, нашиот Ректор се одлучи да не игнорира.
 
  Но затоа Господ сè гледа!

- Избор за нов Ректор -

  За првпат во мојот живот гледав и слушав на ТВ за директната конфронтација меѓу студентите за време и по гласањето на изборот за нов Ректор при универзитетот св.Кирил и Методиј.
Слушав и не ми се веруваше дека несогласувањата можат да кулминираат до степен на еуфорија. Излив на емоции кај младите студенти кои повеќе не можеа да издржат да се однесуваат рамнодушно во ситуација кога се краде нивната слобода. Не можеа повеќе да игнорираат лакрдија во момент кога гласачките ливчиња во пластичната кутија се изнесоа надвор од факултетот и тоа во присуство на обезбедување од друга група студенти, нивните колеги.
  И веќе сè беше јасно! ТВ Камерите успееја да снимат тоа што го видоа студентите кои не сакаа да ги затворат своите очи и слепо да ги занемаруваат гласачките ливчиња по подот на Универзитетот. Што ли бараа ливчињата на таа локација? Нивното место беше во пластичната гласачка кантичка а не расфрлани по ходниците.
  Гласачката машинерија на мафиози во Универзитетот беше откриена и затоа студентите реагираа толку бурно, студентите беа во право! Тие сега почнаа да гледаат од друг аспект кон пластичната гласачка кутија, таа наликуваше повеќе на „ОТТО“ кантите за отпад отколку на кутија за изразување на слободна воља на студентите. Тоа е исто како бел гулаб да фрлиш во канта за ѓубре. Симболот на слободата беше украден со нечисти раце а перјата на гулабот беа искубани од неговите сопствени крила. Чии се тие раце кои сакаат да ја сменат судбината на слободниот дух?
  Од тој момент целата гласачка процедура стана нелегитимна но важно е да се потенцира дека слободата на изразување никогаш не умира.

Ексклузивна снимка од тепачката на УКИМ - ТВ Нова 30.06.2016

  Следуваа јавни протести на професори кои потенцираа дека Сенатот на студентите бил со изминат мандат и дека истите се нелегитимни да организираат избори за нов Ректор. Се објавуваа писма од многу професори од различни факултети и истите се пласираа по разни медиуми. Случајот доби меѓународна рамка а една од телевизиите која известуваше за тоа беше и Ал Џазира.
  „Секое чудо за три дена“ е Македонска народна приказна. По овие ветрови во високото образование новоизбраниот Ректор даваше кратки изјави кои повеќе наликуваа на исплашено пребледено дете отколку на сериозен кандидат за таа висока функција. Од тој ден до денешен, молкот на новиот Ректор сеуште трае. Тој не се појавува на јавни дебати ниту пак пишува одговори на писма упатени од негови колеги а уште помалку објавува текстови низ електронски медиуми. „Глувчето бара респект“ е уште една мудра народна приказна ама не потекнува од Македонија. 

- Шема за успех до високи функции -

  Се прашувме сите како е можно така лесно некои кандидати да стануваат лидери на високи функции?
Со голема сигурност можам да ви кажам една успешна шема по која тоа се прави.
 
  Најпрвин кандидатот мора да биде партиски член а истовремено треба јавно да го негира неговото членство. Со една таква изјава тој станува кандидат за директор на клиника во Македонија но мора прво да се појави на ТВ во емисија за Медицина и таму да разговара за област од неговата професија. Една емисија е сосема доволна ако таа привлече внимание, што значи многу е важен и новинарот-водител како ќе го скрои сценариото.
  Во следните 2-3 месеци дознавате дека се појавил конкурс за директор на клиника и ете, еден од кандидатите е токму тој доктор кој сте го гледале во емисија за медицина. Истиот доктор специјалист победува пред неговите колеги на интерно гласање кое по непишано правило секогаш е компромитирано во рамките на Клинички центар „Мајка Тереза“.
 
  Откако ќе ја добие новата функција директор на клиника, мандатот обично трае 2 години и затоа во тој период мора да се направат други подготовки за повисока функција. Овој период е т.н. критичен период бидејќи амбициозниот кандидат мора да се одлучи дали ќе се кандидира во иднина за следен директор на целиот Клинички центар „Мајка Тереза“ или за нов Декан на Медицински факултет.
За да случи тоа кандидатот и доктор специјалист мора да добие најпрвин висока награда од областа на здравството каква што е наградата „св.Климент Охридски“. Ако наградата свечено му се додели тогаш вратите за овие повисоки функции се отворени.
  Повторно следуваат избори за Декан на Медицински факултет и гледај! Победил кандидатот што предходно добил награда „св.Климент Охридски“. За извојување победа на оваа функција не се потребни никакви емисии од дебатен или едукативен карактер, но мора тој/таа да даде барем една изјава по повод новиот избор за Декан.
  Овие изјави се емитуваат задолжително преку информативна редакција на национални телевизии во Македонија а во следните денови новинарите се задолжени да земат изјави, од актуелниот Премиер и Министер за здравство, кои мора да бидат поврзани со медицински настани и секако честитки за изборот на нов Декан.

  Апетитот за поголеми функции не се намалува и затоа акцијата продолжува. Повисока функција од Деканската е Ректор или Министер за здравство. За овие позиции не се потребни никакви учества во емисии најважно е да се молчи и да се биде послушен кон тие што јавно даваат коректни изјави за Деканот, а тоа се актуелниот Премиер и Министерот за здравство.
  Конфронтација во смисла несогласувања со начинот и спроведување на нови студиски програми или не дај Боже подобрување на наставата и клиничката пракса при Медицински факултет, не се препорачани посебно ако тие се кажат јавно на телевизија.
  Ако овие правила се почитуваат тогаш фали уште една награда а тоа е „11 Октомври“ која лично ја доделува претседателот на Република Македонија, на почеток од секоја нова студиската година. Доколку Деканот ја добие наградата а останатите од Сенатот на Универзитетот „св.Кирил и Методиј“ не добијат тогаш, функцијата Ректор е за повеќе од 51% освоена.

  Последната работа која треба да се случи е официјалниот избор за Ректор кој по традиција се изведува во просториите на Ректоратот при Универзитетот. Кандидатот кој стигнал до оваа позиција да се кандидира за нов Ректор сигурно победува пред останатите.
  Победува бидејќи, во Сенатот на Универзитетот учествуваат вкупно околу 66 претставници. Од вкупниот број само 46 претставуваат 23 факултети, 9 претставници од научни институти, 9 придружни членови од студентски парламент при УКИМ и по еден преставник од Православен Богословски факултет и ЗУ поликлиника на УКИМ
Можете самите да пресметате дека најголемиот број претставници на Сенатот доаѓа од Деканите и нивните заменици на факултетите при УКИМ, вкупно 46 претставници. Политичките партии кои можат да држат под узда поголем број, професори од факултетите членови на Сенатот, тие успеваат да манипулираат со нив. Интересно е да се каже дека најголемиот дел од членовите на Сенатот потекнуваат од провинција, родум од села или мали градчиња од Македонија.
  Затоа случувањата во високото образование изгледаат необични, се одвиваат по обратен ред наопачки, со изобличени вредности. Бидејќи, креаторите и полтроните имаат провинциски менталитет а сите што се од Скопје или имаат високи интелектуални и морални вредности ги шуткаат на страна, без разлика дали се млади или постари учесници во образовниот процес.
 
- Рибата смрди од глава а не од опашка -

  При една средба со професор на Медицински факултет, за кого имам високо мислење како стручен и со огромно искуство во Медицината, тој ми раскажа за вистински настан во кој тој лично учествувал.
Имено, пред многу години со помош на врвни медицински специјалисти од Универзитетот на „Харвард“ УСА, професорот успеал да издејствува шанса за нашиот Медицински факултет при Универзитет „св.Кирил и Методиј“. Шансата или можноста се состоела во тоа Скопскиот Медицински да стане Harvard University affiliate што во превод би значело спојување на Медицински факултет со Харвард на ниво на високо образовна организација. Значи, не се работи за спојување на личност со личност туку Универзитет со Универзитет.
Преговорите се воделе во Министерството на здравство, со министер од предходен, предходен состав а иницијативата ја водел токму професорот од Медицински факултет.
Одговорот на минатиот министер бил:                                                                                                                     
Бивши министер за здравство: Ако Харвард плати за тоа тогаш можеме да склучиме договор со нив за Афилиејт.
 
  Министерот најверојатно бил родум од „село Слепче“ затоа што немал интелектуален и морален капацитет да препознае шанса која се нуди еднаш. На големо чудење на професорот и неговите подржувачи на оваа иницијатива понудата од Харвард за св.Кирил и Методиј била одбиена.
 
(Продолжува)

Пишува Игор Манев   19 Декември 2017