Враќање во иднината на Македонија
(Covid19)
Ефикасноста на хируршките маски и тие од типот Н95 исто така не нудат 100% заштита од вирусот на Ковид19 но мора да се носат бидејќи ја намалуваат шансата за Флугеовите капки да допрат директно на слузницата од носот или устата, за време на кашлање, кивање или зборување. Тоа е причината за втората мерка за превенција која вели да се стои, седи на растојание од 2 метра на јавни места. Третата е да се носат ракавици.
Пред точно 15 години во една национална телевизија ги пречекав гостите кои требаше да учествуваат во емисијата ,,Семеен лекар“ а темата за разговор беше Пандемија од вирусот кој предизвикува Птичји грип. Влеговме во бифето на телевизијата, седнавме на резервирана маса и тука почнавме првичен разговор за тоа во која насока би ги поставувал прашањата до гостите во текот на емисијата. Сите тројца беа претставници на експертскиот тим при Министерството за здравство на Македонија од кои едниот беше професор на Медицински факултет специјалист Инфектолог, вториот специјалист Епидемиолог и третиот специјалист по ветеринарна медицина и шеф на катедра за болести на живина.
Иако во Октомври 2005г. сеуште намаше ниту еден заболен во Македонија сепак ситуацијата беше оценета како многу опасна затоа што се прошири вест дека во с.Могила има заболена живина од Птичјиот вирус Avian influenza A H5N1 но, со проверката на истата од страна на експертскиот тим се докажа дека вирусот всушност бил т.н. Њу Касл- New Castle virus VND (virulent New Castle disease), позната како чума кај живината.
Птичјиот вирус беше нова варијанта од групата на АВИАН вируси и сеуште немаше доволно податоци за самата болест освен тие што првично ги добивавме од Хонг Конг – Кина бидејќи првичната локација и извор на зараза беше токму од таму.
Во моментот кога му поставив прашање на професорот по Инфектологија тој емотивно ми одговори.
Јас: Професоре, дали сте биле на некоја стручна едукација на терен за Птичјиот вирус?
Професорот: Како тоа дали сум бил на теренска едукација? Какво е тоа прашање па јас сум специјалист Инфектолог? Можам јас да елаборирам за Птичјиот грип но прашање е колку ќе биде соодветно прифатено од другата страна?
На мое изненадување и чудење од професорот, одговорот беше со висок тон и звучеше како некакво претење, морав да му поставам уште едно прашање за да не бидам погрешно разбран а тоа беше:
Јас: Така ли ќе ми одговарате во студио? Дали Министерството за здравство ве испрати вас или некој од вашите колеги на теренска едукација за Птичјиот грип?
Професорот: Не, не бил никој па ниту јас!
Веднаш се вклучија во разговор и останатите двајца претставници на експертскиот тим, тие со главата се завртеа кон професорот и му рекоа ,,Не, не… не тоа...“ Не знам на што точно мислеа во таа нивна меѓусебна комуникација но подоцна сите тројца ми потврдија дека никој всушност не бил на теренска едукација во Хонг Конг и затоа ми сугерираа да не го поставувам тоа како прашање во текот на емисијата ,,Семеен лекар“. Знаев дека згрешив што ја прифатив нивната сугестија.
Денес 15 години подоцна и во ситуација кога имаме Пандемија од КОВИД 19 сфаќам дека беше навистина моја грешка што ги послушав сугестиите на моите гости и не го поставив прашањето во емисијата ,,Дали некој од вас бил на теренска едукација во Хонг Конг? “, затоа што тој проблем со теренска едукација сеуште постои во 2020г.
10 минути пред почетокот сите влеговме во студиото а потоа кога емисијата почна јас ја отворив дискусијата со следниве зборови:
,,Тоа што пред некое извесно време или поточно пред 18 месеци кога нашите медиуми некако срамежливо најавуваа за една можна опасност по здравјето на населението во
Р. Македонија денес имаме класична трилер ситуација. Пред неколку месеци Кина беше во светското внимание по оние информации дека во Хонг Конг има вирус кој предизвикува Птијчи грип а денес навистина имаме ситуација во која што центарот на внимание е свртено кон нас но не во светски рамки туку за Македонија...“
(Октомври 2005)
Сите учесници во емисијата „Семеен лекар“ (Октомври 2005г.)
Во првите месеци на 2020 година, еве, повторно се соочуваме со истиот проблем за теренска едукација. Според информациите од сајтот на министерството за здравство првата едукација на медицински лица беше објавена на 26 Март но и таа не беше теренска.
Онлајн тренингот со помош на Браун ,,Brown” универзитет од УСА, започна на 26 Март 2020г и траеше 4 денови, во кои беа вклучени 20 доктори и 20 медицински сестри. Едукација за медицински персонал кои станаа тренери и требаше понатаму да го пренесат знаењето на колегите вработени во медицинските институции во Скопје и ширум државата. Онлајн едуцираниот медицински персонал требаше да ги пренесе искуствата за лекување на пациенти со КОВИД 19 од секој аспект како тријажа, проценка, пристап, терапија итн.
Со оглед на тоа што пандемијата со Корона вирусот започна уште во декември минатата година а првиот случај во Македонија беше забележан на 26 Февруари, може лесно да се заклучи дека оваа едукација започна многу доцна, скоро 90 денови подоцна.
Имено, во декември 2019г. во градот Вухан, провинција Хубеи, се случи експлозија на болни Кинези од пневмонија со непознат причинител. Кинеските научници успееја да го изолираат причинителот и подоцна се констатираше дека станува збор за нов Корона вирус 2, САРС корона 2 или денес познат како Ковид19. Вирус кој кај Кинеските пациенти предизвика тежок акутен респираторен синдром. А веќе до крајот на Јануари 31, 2020г. Кинескиот центар за контрола на болести (ЦКБ) објави детали од клинички резултати од пациенти, умрени или отпуштени, од болницата Јининтан во Вухан и Пулмонарна болница исто така во Вухан. Детален опис за КОВИД19 и неговата Етиологија, Епидемиологија, Симптоматологија, Клиничка слика, дијагностицирање и начини на лекување подоцна беа објавени и во стручното списание Лансет.
Сите овие информации беа достапни на интернет но се прашувам дали некој истражувал? Дали некое одговорно лице посветило сериозно внимание за текот на ширењето на вирусот а посебно во период кога во огромни бројки се појави експлозија на заразени во Италија?
По хоспитализирање на првиот случај, во Македонија на 26 Февруари, се објавија две новини. Првата беше недостаток на специјлисти инфектолози. А втората дека во аптеките почнаа маските да се продаваат со повисока цена а подоцна и тоа дека воопшто нема маски.
Што се однесува до едукацијата на нови специјалисти треба најпрвин да се каже дека овие специјалисти предходно биле студенти на Медицински факултет во Скопје. А ситуацијата со тековните студенти кога го слушаат предметот, посебно во испитна сесија кога треба да го полагаат испитот Инфектологија, се соочуваат со многу строг однос од нивните професори на Kлиниката за Инфективни болести.
Таквиот однос на професорите кон студентите на Медицински факултет побудува отпор, револт, негативни емоции и страв. Во разговор со студентите лесно се дознава за нивните состојби на емоции и размислувања но за жал овие разговори не се забележуваат од високообразовната институција универзитетот Кирил и Методиј, ниту пак, постои некаква анкета од Министерството за образование.
Тоа е една од причините зошто нема доволно дипломирани студенти кои би ги продолжиле своите студии за специјализација за Инфективни болести. ,,Многу го тупат“.
Кога се зборува за болести секогаш се спомнува изворот на зараза. Што е изворот на зараза? Дали пациентот бил во контакт со расипана храна или пак заразено животно, човек?
Во оваа насока морам да спомнам за хигиенските услови во рамките на Клиничкиот центар ,,Мајка Тереза“. Минатото лето во тревниците околу малата црква можеше често да се забележат мртви мачки и кучиња. Мрша која мирисаше толку непријатно што луѓето во близина мораа да станат и да се преместат на друга клупа во тревникот.
Како можна причината за честата смрт, во кругот на Клиничкиот центар е дека овие залутани животни најверојатно стигнале до кантите каде се чува медицинскиот отпад. А таму има гази со крв, гној и човечки ткива кои сигурно се контаминирани од најразлични микроорганизми. Консумирање на медицинскиот отпад сигурно може да го загрози животот на мачките и кучињата.
ТВ медиумите веќе исто така објавуваа такви информации за лошите хигиенски состојби во дворот на Клиничкиот центар на нашиот главен град но, за жал, проблемот со хигиената сеуште постои. Последниот пример кој успеав да го забележам беше на 12 Март во време кога во Македонија веќе имаше зголемен број на заразени од КОВИД 19. Токму пред влезот на Клиника за Инфективни болести, на далечина не повеќе од 30 метри, се наоѓаше кафез каде можеше да се видат мачки кои излегуваа и рипаа од внатрешноста на контејнерите за медицински отпад. Ако се земе во предвид дека во околината на Клиниката има многу висококатници и куќи тогаш опасноста за ширење на заразни заболувања кај комшиите е огромна.
Новиот Корона вирус КОВИД19 потекнува оригинално, изворно од лилјаци и најверојатно се пренесува кај човек преку контакт со други животни. Иако сеуште не е утврдено преку кои животни сепак постојат научни докази дека подложни за пренос на Корона вирусот се мачки, ласици и во помала мерка кучиња. Ова го изјавил д-р Петер Бен Ембарек, експерт за болести кај животни при СЗО. (d-r Peter Ben Embarek, WHO expert in animal diseases) Објавено за Тајм магазинот на 8 Мај 2020г.
Консумирање, јадење мачки и кучиња чие месо се користи во разни рецепти во Кинеската кујна се доведува во рамките на превентивни мерки. Имено, во градот Шензен во Кина градоначалникот објавил забрана за јадење на домашни миленици со следнава изјава:
„Кучињата и мачките како миленици етаблираа многу поблиска релација со луѓето отколку сите други животни и затоа забраната за консумација на кучиња и мачки и други миленичиња е честа пракса во развиените држави и во Хонг Конг и Тајван.“ (Објавено од ББС њуз и Ројтерс на 2 Април 2020)
д-р Петер Бен Ембарек, фото: УН
Видео: Инфективна клиника медицински отпад
На Фејсбук објавив еден краток пост, на 7 април, а се однесуваше на периодот на инкубација за Ковид19. Искрено, на тој датум пишував под претпоставка и користев најобична математика за пресметка, од Кинеските искуства во Вухан, за можна експлозија од нови случаи на заразени во Македонија. Ви го објавувам комплетно целиот пост:
„Периодот на инкубација е исто така варијабилен. Според првите искуства објавени од Кинески центар за контрола на болести (ЦКБ), периодот на инкубација за Ковид 19 се движи од 2-14 денови но пикот е од 5-8 ден. Тоа значи дека симптомите по инкубација најчесто се јавуваат меѓу 5-8-ми ден. Помалку има случаи каде симптомите се јавуваат од 10-14-ти ден. Но сепак, Кинезите велат дека периодот на инкубација е не повеќе од 3 недели а тоа е 21 ден.
Ова го кажувам затоа што во случај на карантин, за повратници од странство, патниците во Македонија живеат во изолација 14 денови во државни простории. Но и тоа не е сигурно бидејќи Кинезите велат не повеќе од 21 ден односно 3 недели. Патниците кои ќе го напуштат карантинот во 14-ти ден може да појават симптоми во 15 или 16… ден. Во овој период на пандемија да се држат 14 денови карантин е премногу затоа што тоа не е 100% сигурно а плус дополнително го оптоварува здравствениот систем и не се оставаат болнички кревети за нови случаи.
И уште еден пример за Куманово, имено во минатиот петок, 3 април, нашиве власти одеднаш објавија тотална полициска 24 часа изолација за сабота и недела. Од тие причини граѓаните на Куманово во огромен број се собраа во петокот околу маркети за да купат храна а притоа не почитуваа мерки на претпазливост со дистанца и маска на лице. Значи, според Кинеска ЦКБ ако пикот е од 5-8 денови тогаш зголемен број на нови случаи ќе се јават од утре, среда 8 април до петок 10 април, во Куманово и тоа токму поради масовното собирање пред маркетите.“ (Објавено на Фејсбук 7 Април, 2020г)
Сега скоро еден месец подоцна можам со сигурност да ви потврдам дека користењето на Кинеското искуство е златно правило во предвидувањето во било кој аспект за справување со Ковид19. Токму од 9 и 10 април во Куманово почна нагло да се зголемува бројот на ново заразени до таа мерка што во едно време, до 20 април, беше поголем од оној во Скопје иако има огромна разлика во популација.
Ковид19 број на заразени по градови Македонија, Податоци: Министерство за здравство
Што се однесува до втората новина, која беше објавена од Македонските медиуми во периодот по регистрирање на првиот случај на заболен од Ковид19, недостатокот на маски за заштита на популацијата, обичните граѓани, долго време беше тема на критика.
Препораките на ЦКБ УСА, кој е дел од Министерството за здравство на Америка, за заштита на граѓаните и медицинските лица од Ковид19 се т.н. обични хируршки маски и хируршки маски тип Н95. Вторите нудат далеку подобра заштита бидејќи контактот на маската со лицето на човекот е многу подобар, подобро дихтува. И затоа не дозволува вдишување на Корона2 вирусот помеѓу ивиците на маската и кожата на лицето околу носот, образите и брадата кај луѓето.
Во случај некој да нема маска препораките од ЦКБ УСА беа дека треба да се носат марами, шалови или делови од облека од чист памук. Понатаму следуваат упатства за правење на маски во домашни услови со детални мерки за должина во цм за кроење на памучниот материјал како и самиот дизајн на маската т.н Бандана маски
Но, се потенцира ефикасноста за филтрација а тој е дека купените хируршки маски и маските тип Н95 имаат далеку подобра ефикасност отколку тие што се направени во домашни услови Бандана маски. И понатаму повторно следуваат препораки од ЦКБ УСА дека „Бандана маските не се препорачуваат за деца помали од 2 години, секој што има проблеми со дишење или е во несвест, не е во можност сам да ја отстрани маската без асистенција.“ Значи, проблеми со дишење имаат заболени од Астма, ХОБ, Цистична фиброза и Кардиовскуларни заболувања кои заради недостаток на кислород во миокардот на срцето - myocardial oxygen supply чувствуваат недостаток на воздух при мал напор или во состојба на мирување. А тие што не можат сами да ја отстранат маската се всушност инвалидизирани лица или тешки состојби кај пациенти во болнички услови.
Ако Бандана маските беа толку ефикасни тогаш, први кои би ги користеле се медицинскиот персонал а посебно специјалистите Инфектолози и медицинските сестри кои имаат директен контакт со заболени од Ковид19. Ете, тоа беше причината зошто одеднаш во аптеките сите хируршки маски отидоа кај медицинскиот персонал а граѓаните останаа со празни раце.
Хируршка маска и маска Н95, фото: ФДА
Токму заради недостаток на маски во аптеките ширум Македонија граѓаните тргнаа кон импровизација на маски во домашни услови со цел да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство. Секако дека првата намера била сопствена заштита од КОВИД19 но дали Бандана маските во Македонија се успешни во филтрација против Корона2 вирусот? Ако се прочитаат упатствата на ЦКБ УСА тогаш одговорот е јасен како бел ден.
Недостатокот на маските создаде еден нов момент, појава веќе долго време позната, а тоа е создавање „профит во услови на криза“. Имено, се појавија разни непознати фирми кои почнаа да продаваат т.н. Каљачи и други маски произведени со 3Д принтери со непознат тип, непознати стандарди за производство на маски а сепак беа во продажба.
Аптеките во Македонија во основа се приватни фирми и тие секако дека се заинтересирани за профит но, во нормални услови кога цената на една хируршка обична маска беше само 5 денари за да подоцна во услови на криза, со Пандемија од Ковид19, цената достигне до 23-25 денари е секако ,,профит во услови на криза“.
Овој начин на размислување се прошири и на другите гранки па така, во еден период почнаа да се качуваат цените на земјоделските производи на пазарите, тезгите па дури и од продавачите на зеленчук на тротоар кои слепо ги следеа останатите тезгароши.
Иако на оваа појава на пазарите реагираше Министерството за внатрешни работи со Апел да не се злоупотребуваат цените на земјоделските производи сепак, во пракса не знам дали воопшто имаше некаков ефект. Дали имаше некакви казни за тие кои така постапуваа?
Во споредба со МВР американската ФБИ објави на Фејсбук линк за пријава на такви ,,профитери“ кои ќе наплатат, искористат било кој Американски граѓанин во услови на криза, со следниве пораки:
,,ФБИ одделот за жалби од интернет измама - ИЦ3 за време на мерката „Остани Дома“ за заштита од Ковид 19, забележува зголемен број на измами“
(Фејсбук 23 Април, 2020 )
„Биди свесен: Измамниците ги адаптираат нивните шеми за да капитализираат на тековната ситуација, како со Ковид19 Пандемија, прекршување од висок профил, или онлајн трендови во обид да се направат нивните измами да изгледаат поавтентични. (Фејсбук 26 Април, 2020)
Упатство за правење Бандана маска, фото: ЦКБ УСА
Во контекст на измама би ги спомнал и сугестиите и апелите кои преку тв медиумите и интернет се пренесуваа јавно во Македонија. Зачудува фактот што токму некои здравствени работници, професори, изјавуваа препораки до граѓаните дека маските за превенција не треба да се носат туку само заболените од КОВИД19. Овие ,,експерти“ често се појавуваа на телевизија и доколку ги пратите нивните изјави можевте да приметите дека во една ТВ кажуваат да не се носат маски, што беше спротивно на препораките од СЗО и ЦКБ а понатаму во друга телевизија препорачуваат да се носат маски.
Колку за споредба, сите многу добро знаеме дека за сигурен сексуален однос со различни партнери се препорачува носење на кондом за време на сексуалниот акт. Кондомот е произведен од Латекс материјал и според научни студии има големи позитивни наоди, резултати кога се работи за спречување на СПБ- сексуално пренесувачки болести. Но постојат и такви критички научни студии кои покажуваат негативни резултати кога се работи за спречување на ХИВирусот, предизвикувач на СИДА. Имено, димензиите на дијаметарот на созреан и несозреан ХИВирус-1 се околу 110-128нм=нанометри и 132-146нм. Малата димензија овозможува премин на ХИВ низ порите на Латекс материјалот од кондом. Не поминуваат сите вируси но еден мал дел може да пројде. Што не доведува до заклучок дека кондомот не е 100% заштита од ХИВ. Снимките добиени преку електронски микроскоп покажуваат за вирус пермеабилност на Латекс кондом – virus permeability of latex condom.
Една од поголемите критики е што често ХИВ се става во група со многу други вируси кои предизвикуваат СПБолести кои токму заради нивната поголема димензија на дијаметар тие не можат да пројдат низ Латекс материјалот, кондомот е непробоен за нив. Кондомот не е 100% заштита од ХИВ но сепак се препорачува да се употребува. Најдобрата заштита во препораките на ЦКБ е апстиненција и неменување на партнери односно моногамна врска, само со еден партнер.
Снимка од Електронски микроскоп вирус пермеабилност на Латекс кондом, фото: наукадирект
Ефикасноста на хируршките маски и тие од типот Н95 исто така не нудат 100% заштита од вирусот на Ковид19 но мора да се носат бидејќи ја намалуваат шансата за Флугеовите капки да допрат директно на слузницата во носот или устата, за време на кашлање, кивање или зборување. Тоа е причината за втората мерка за превенција која вели да се стои, седи на растојание од 2 метра на јавни места. Третата е да се носат ракавици.
За жал не постојат мерки за превенција од ,,профит за време на криза“ и во Македонија сите се соочуваме со една мала група на луѓе со криминална психологија на размислување кои прават разни шеми за адаптација на нивните криминални активности. Една од тие, која ни се повторува секоја година во изминативе 30г. е покачувањето на цената на јајцата за време на Велигденските празници. Славата за Христовото воскресение не е криза туку сеќавање за настан кој се случил пред 2020 години. Но, сепак и во добрите моменти лукавиот успева да направи шема за измама. Затоа во овие лоши моменти на Пандемија со Ковид19 следете го Апелот на „медицинското тројство“ за носење маски, држете растојание 2м и носете ракавици на јавни места секогаш кога има повеќе од десетина луѓе околу вас, затоа што дистанцата од 2 метрa почесто се занемарува.
Автор: Игор Манев
датум: 13 Мај, 2020