Помогни БРЗО и решително,
за тебе и твоите најблиски
Условите за работа можеме сами да си ги подобриме а причината зошто си заминуваат Невролозите е незадоволството од социјално-економско-политичка состојба во државата.
Лошата економска состојба во Македонија како и нарушените меѓучовечки односи кои се негативно стимулирани од прекумерно политичко влијание се главните причини зошто граѓаните решаваат да ја напуштат сопствената држава. Во потрага по подобар живот, најчесто младата и средната возрасна популација, со себе го носат целото сопствено животно и професионално искуство.
Млади доктори и специјалисти сениори од областа на медицината имаат поголема способност за адаптација во непозната средина во странски држави па, затоа токму тие во најголем број купуваат тикети во еден правец кон Европа.
Постарата македонска популација има послаба адаптивна способност а со текот на годините и желбата за патување се намалува па, затоа генерално населението во нашата држава старее во однос на младите кои масовно заминуваат.
Интенцијата на овој текст е да ви открие еден фрагмент од здравството чија лоша состојба е директно под влијание токму на овие состојби со миграција. Бидејќи кога од една фамилија ќе си заминат сите кои се работоспособни а остануваат најстарите тогаш, се поставува прашањето кој се грижи за нив? Или уште пострашно! Како да се згрижат постари луѓе кои преживеале мозочен удар?
Светлата страна на овие прашања е во малиот број на доктори кои си нашле свој начин на адаптација во овие тешки времиња низ кои минуваме сите. Невролозите се всушност одговорот, тие се грижат за луѓето од ваше и наше маало.
Непосредно во вашиот комшилук живеат луѓе кои добро ги познавате и одеднаш за нив слушате страшни вистински приказни. Дека преживеале мозочен удар и патем повеќе ќе слушнете за нивните синови и ќерки кои воопшто не се грижат за сопствените родители, затоа што заминале некаде во странство и од таму ниту се јавуваат телефонски ниту пак пишуваат писма. „Остана сам човекот а згора на тоа и мозочен удар! Сирот човек, што ти е животот?“ ова е најчестиот коментар што можете да го чуете.
Состојбата за грижа на овие луѓе во Скопје е подобра во однос на останатите помали градови во провинција низ Македонија. Пациентите во главниот град, кои преживеале мозочен удар, имаат можност правилно да се лекуваат затоа што има центар за третман на оваа болест. Но, за разлика од Скопје во Охрид нема ниту еден таков центар. И повторно светлата страна е што останале барем двајца Невролози кои се грижат за луѓето од нивното маало.
На оваа тема разговарам со д-р Маја Божиновска Смическа која по професија е спец. Невролог и работи во специјалната болница св. Еразмо во Охрид. Бидејќи во градот нема центар за мозочен удар затоа д-р Божиновска и нејзините колеги дополнително се ангажираат во рамките на невладина организација чија примарна активност е грижа на пациенти кои имаат мозочен удар.
д-р Маја Божиновска Смическа
спец. Невролог
Колку време постои НВО и дали имате подршка
за вашата работа?
д-р Маја Божиновска Смическа: НВО „Здружение за борба против мозочен удар“ е регистрирано во 2014г. Инаку, Европската асоцијација за мозочен удар е таа која ги согледа нашите истражувања и испитувања кои ние ги работевме во Македонија и не покани да станеме дел од нив. Тие не само што ни дадоа иницијатива туку и логистички ни помогнаа да ја продолжиме борбата против мозочен удар.
Кои се активностите на невладината организација?
Нашите активности, уште од самиот почеток, се насочени кон делување во три сфери на мозочниот удар. А тие се:
1. Превенција од мозочен удар
2. Третман
3. Рехабилитација и оспособување
Последиците од мозочен удар можат да бидат со тешки последици и затоа
превенирањето на болеста е многу важна. На кој начин ја спроведувате превенцијата?
Превенцијата се одвива на терен потоа, преку предавања, работилници и други активности, најмалку 10 годишно низ цела Македонија. Вклучени сме целосно волонтерски, немаме никакви финансиски средства и затоа подршката во однос на принтаните материјали ја добиваме од приватни компании или фармацевстка индустрија. Во нашите активности волонтерски се вклучени специјалисти Невролози, Физијатри, Психолози, Логопеди, Социјални работници, Мед. сестри и студенти.
На терен правиме прегледи на пациентите кои имаат мозочен удар, најпрвин мериме крвен притисок, шеќер во крв и земаме примероци за испитување на масти во крв. Често земаме табели за мерење на ризикот од мозочен удар и на тој начин „лице в лице“ можат и останатите членови од семејството да пресметаат и да видат дали на таа табела се во ризик или не. А понатаму останува на Неврологот да процени како да го намали ризикот кај овие лица кои сеуште немаат мозочен удар.
На терен, на овој начин, се прави консултација како со пациентите така и со останатите во нивната околина. Овие контакти се користат за едукација на членовите во рамките на една фамилија или посетители. Целта е луѓето да си ги препознаат симптомите и да се упатат до најблиските болници.
На локално ниво во Охрид, дали имате статистика
колку има заболени од мозочен
удар?
Имаме статистика ама е непотполна. Тоа е една од работите на кои работиме сега. Можам слободно да ви кажам дека околу 80% од мозочните удари можат да се спречат и затоа важна е превенцијата.
Работиме преку проекти на European stroke organization. Работиме на едукација на лекари, од Македонските центри за мозочен удар, кои беа во Германија и таму се стекнаа со нови знаења за тоа како побрзо и поефикасно да ги организираат своите оддели со цел пациентите да ја примат терапијата што е можно побргу.
Работиме на рехабилитација на пациенти преку работилници најчесто во болниците меѓутоа и на терен во соработка со физиотерапевти кои работат со болните.
Дали ги користите бројките за пациенти со мозочен удар
од официјалниот центар за статистика?
Нивните бројки ги користиме иако мислам дека не се баш најточни.
Тогаш според вас колку вкупно има болни од мозочен удар во Македонија?
Според некои стари пресметки, инциденцата односно бројот на нови случаи на 100 илјади беше околу 300 пациенти. Меѓутоа во 2017/18г. во извештајот на Европската Алијанса за мозочен удар ние тековно внесувавме податоци од нашите центри. Извештајот го работеше Кралскиот колеџ од Лондон и нивната проценка беше дека инциденцата е 215/100 илјади популација во Македонија. Во однос на преваленцата, вкупниот број, на заболени е 800 на 100 илјади, односно околу 16.000 пациенти боледуват од мозочен удар.
Субарахноиден простор во мозок, често има крварења или тромби во крвни садови. фото: интернет
Најчестата причина за мозочен удар е тромб или пукање на крвен сад, доколку
локализацијата е во мал мозок - Cerebellum кои би биле симптомите?
Во нашата кампања ние промовираме „Брзо повикај 194“ затоа што кај луѓе кои би приметиле некакви симптоми на себе треба што е можно побрзо да не повикаат. Инаку, значењето на БРЗО е следното: Б-брзо повикај 194, Р-раката е слаба, З-зборот е одземен,
О-образот е искривен. Во кампањата се опишуваат четири основни симптоми за кои пациентите треба самите да се запрашаат:
1. дали раката ти е слаба?
2. дали образот, лицето ти е искривено?
3. дали едната нога ти е слаба или одот е изменет?
4. дали говорот ти е изменет?
Во овој контекст симптомите се главоболка, повраќање, дупло гледање, можат да се јават и епилептични напади иако во помал број на случаи, нарушување на свеста исто така е случај.
Слаба координација на рака и нога, дали може да биде симптом за удар во Церебелум?
Да точно, симптомите на нарушен од и слаба рака можат исто така да бидат како последица од мозочен удар.
Мал мозок - Церебелум, фото: Бреинмејдсимпл
Жени кои плетат, шијат и преку денот водат седетарен начин на живот. Дали тие лесно
би приметиле слабост во нивните раце со оглед на тоа дека рацете им се многу
активни?
Тие приметуваат уште во моментот кога настанува мозочниот удар затоа што се јавува слабост во раката со која тие работат.
Дали најчесто се работи за промени во циркулација на ниво на `рбетен мозок па, има
последици по предните рогови на сива маса а тоа се манифестира на рацете?
Во зависност од артериите кои се оштетени такви ќе бидат и симптомите. Најголемиот дел од мозочните удари се случуваат на големиот мозок.
Доколку се оштетени кранијални нерви како n.glossopharingeus, n. hypoglossus во тој
случај дали ќе биде пореметена моторна функција на јазикот а со тоа и говорот?
Да говорот ќе биде изменет, некои вокали, а пациентот ќе има потешкотии во правилно говорење. Тој знае дека греши но не може правилно да ги изговори зборовите затоа што има оштетување на овие кранијални нерви.
На големиот мозок има два центра кои се одговорни за правиолен говор и се
спомнуваат Broca и Wernick. Кои се симптомите доколку има мозочен
удар токму на оваа локализација?
Ако ударот е во евие два центра тогаш ќе има Афазија. Тоа значи дека пациентот нема да може да разбира или да продуцира говор.
Дали д`ткањето може да биде последица од оштетување на еден од овие мозочни центри?
Не е специфично баш како кај малите деца, кои уште од почеток на нивното зборување д`ткаат. Може да се јави повторување на зборови но не е специфично со д`ткање.
Протрузија на јазик кон лево, левиот н.хипоглосус (12) е оштетен,
фото: интернет
Има случаи кај некои пациенти кои биле способни да работат со бројки, математички
да пресметуваат но, после мозочен удар тие не само што ја губаат оваа способност за
калкулација туку дури и не ги препознаваат бројките. Што се случува со овие
пациенти?
Точно, тоа е Дискалкулија кога пациентот не може да рачуна, не може да пресметува математички операции и не може да ги препознава бројките. Постои и Дислексија кога пациентот не може да чита и не може да ги препознава буквите. Затоа во моментот кога пациентот или неговите најблиски ќе ги приметат овие симптоми веднаш, што е можно побрзо да одат во најблискиот центар за мозочен удар за да се прегледаат. По дадената терапија се прави проценка од мултидисциплинарен тим за тоа кои центри во мозокот се оштетени. Освен Невролог тука влегуваат и Психолог, Дефектолог, Социјален работник и сите заедно подоцна ќе работат на решавање на тие проблеми без разлика дали се работи за непрепознавање на бројки или букви.
Неговиот орган за слух е во функција и пациентот слуша но сепак, има проблеми со
изговорот. Ако неговиот центар за слух е во функција, тој ги слуша зборовите, зошто
не може да одговори?
Затоа што не може да ги препознае зборовите, не може да ја разбере содржината на зборовите. Иако пациентот слуша и сѐ е во ред со слухот сепак не може да продуцира.
Некаде околу 80% од мозочните удари се Исхемични а тоа значи недостаток на крв во мозочното ткиво. Крвта пренесува хранливи состојки и пред сѐ кислород до мозокот за да може овој орган да функционира правилно. А само 20% се предизвикани од пукање на крвни садови во мозокот и тие се наречени Хеморагични мозочни удари.
Кај овие каде причината е Исхемија издвоени се 10 ризик фактори на кои можеме да делуваме и да ги спречиме т.н. модифицирачки ризик фактори. А тоа се висок крвен притисок, Дијабет, Артериска фибрилација, физичка неактивност и седетарен начин на живот, лоши навики на пушење цигари, зголемен внес на алкохол, зголемена телесна тежина и Обезност. Како последен фактор се спомнуваат стрес и депресија. Со делување врз овие ризик фактори може во голем дел да се превенираат мозочните удари.
Најголемата причина за мозочен удар е високиот крвен притисок. Кај околу 20% од овие пациенти мозочниот удар се случува затоа што со лекови не го третирале високиот притисок.
Дали високото ниво на Холестерол во крв може да биде причина за
Исхемичен мозочен удар?
Да секако, лоша исхрана и високо ниво на Холестерол во крв се ризик фактор. Холестеролот го забрзува процесот на артериосклероза. А тоа значи ризик од формирање на плаки во внатрешниот дел на крвниот сад кои пак можат да бидат причина за пукање на крвниот сад или за создавање тромб.
Високото ниво на Холестерол ги прави крвните садови ригидни, поцврсти и во случај на повисок крвен притисок може крниот сад да пукне и да се добие Хеморагичен мозочен удар.
Превенција мерење крвен притисок и Рехабилитација, фото: НВО од Охрид
Еластичноста на крвните садови секако е важна во однос на ригидноста. Во таа
насока, кажете ми која би била терапијата кај пациенти по преживеан мозочен удар?
Во првите 4 часови мора да се однесе пациентот во болница, центар за мозочен удар затоа што тоа е период во кој може да се даде соодветна терапија наречена тромболиза. Лекот се дава исклучително во центар за мозочен удар, не може во секоја болница. Се прави примарна проценка на пациентот од Невролог и Радиолог. Се прави најпрвин снимка а потоа се дава тромболитична терапија.
Секако дека во понатамошниот процес на лекување се вклучуваат Психолози, Физијатри, Логопеди и Социјални работници но тоа во зависност од последиците, дали пациентот има моторна слабост, проблеми со рамнотежа, проблеми во говорот … Би сакала да спомнам дека еден дел од пациентите паѓаат во депресија и тука мора да се работи со Психолог. А доколку има проблеми во смисла враќање на пациентот на работно место тогаш се вклучува и Социјалниот работник за да помогне.
Проценката во однос на ризик факторот е многу важна за да може на пациентот да му се даде терапија или препорака во однос на тоа како да се намали Холестеролот во крв или пак шеќерот во крв.
Кардиолозите ја проценуваат состојбата со каротидните артерии кои го хранат мозокот со крв и тие исто така препишуваат соодветна терапија за подобрување на проодноста на крвните садови. Терапија во однос на високиот крвен притисок и неговото намалување е исто така работа на кардиолозите.
Кога проценката на докторите во мултидисциплинарниот тим ќе заврши започнува периодот за Рехабилитација на пациентот.
И покрај тоа што терапијата се спроведува успешно, дали пациентите со мозочен удар
можат да си ги вратат нивните функции 100% во нормална состојба?
Кај некои пациенти можна е таква состојба но, има и такви каде нема враќање на нивната првобитна состојба. Околу 1/3 од пациентите со мозочен удар се враќаат во нормална состојба но тоа се проценки во високо развиените држави. За жал во Македонија заради лошата економска состојба и малиот број на центри шансите за навремено примање на тромболитична терапија се намалени. Доколку живеат некаде далеку на село се случува да не примаат воопшто терапија и таквата состојба доведува до траен инвалидитет. Затоа инвалидитетот во Македонија и сите сиромашни држави е повисок.
Членови и претседател на САФЕ. фото: НВО
Дали Тромболиза терапија се спроведува во болницата св. Еразмо?
Охрид и св.Еразмо нема центар за мозочен удар и затоа не се спроведува овој тип на терапија кај пациенти со мозочен удар. Во Македонија постојат 5 центри за мозочен удар од кои два се наоѓаат во Скопје а по еден во Битола, Тетово и Штип. Само во овие центри има тимови од Невролози кои ја спроведуваат оваа терапија.
Затоа пациентите од Охрид се транспортираат во Битола или Тетово бидејќи тие се најблиските центри за нивна терапија. Центрите се поставени во релација со максималното време од 4 часа. Затоа дистанците од центар до центар во Македонија се така распределени на територијата на цела држава. Според проценката на Европската Алијанса за мозочен удар во Македонија треба да има 10 центри.
Тоа е скоро два пати повеќе центри од моменталната состојба во Македонија, како ќе
го решите овој проблем, како да се стигне до 10 центри за мозочен удар?
Ние имаме всушност еден друг проблем а тоа е недостаток од Невролози. На подрачјето на цела југо-западна Македонија ние имаме само 7 Невролози и 2 одделенија а во нив работат само двајца Невролози затоа што останатите се Психијатри.
Значи, покрај тоа што немаме целосна инфраструктура немаме ниту пристапност за пациентите на кои треба да им се помогне. Главниот проблем во Македонија е недостаток на стручен кадар и затоа не можеме да формираме доволно центри за мозочен удар.
Прилеп е исто така еден од важните градови во Македонија а таму нема центар за
мозочен удар исто како и во Охрид. Дали сте разговарале со функционери во
Министерстовото за Здравство за решавање на овој проблем?
Сме разговарале со сите министри а исто така и со последните двајца. Потенцирам на тоа дека тие се доктори и многу добро ја разбираат проблематиката за отворање на нови центри. Меѓутоа најголемиот проблем е во тоа што во последните 10 години ние изгубивме огромен број на лекари кои заминаа надвор од државата.
Во министерството оставивме меморандуми и препораки и тие се многу добро запознати на ова поле. Но, проблемот е во недостаток на кадар. Потребни се години за правилна едукација на кадар, еве, како за пример ќе го спомнам Охрид. Голем број на млади лекари кои со мене работеа во невладината организација заминаа во странство. Во последните 3-4 години јас лично познавав шест лекари кои заминаа во странство.
Центар за мозочен удар може да се формира во Охрид, имаме болници и одлични услови за работа. Нашата болница св. Еразмо има двајца Невролози и тоа не е доволно за формирање на таков центар. За тоа се потребни барем 5 Невролози за да може работата да биде ефективна во однос на прегледи и терапија на пациенти со мозочен удар.
Каде заминаа тие Невролози со кои вие лично сте работеле и што била причината?
Најголемиот дел од нив во Германија но има и во Словенија. А причината не е толку финансиска колку што е лошата состојба во државата. Многу од нив си заминаа заради партиски притисоци, не можеа да добијат специјализација заради „погрешна“ политичка припадност а од истите причини не добиваа работа. Политичката вмешаност беше голема.
Условите за работа можеме сами да си ги подобриме а причината зошто си заминуваат Невролозите е незадоволството од социјално-економско-политичка состојба во државата. Незадоволство од тоа дека нивните деца не можеа да влезат во градинка, лошите состојби во образованието за нивните деца, ситуации на корупција во образованието и ред други работи кои се случуваат секојдневно. Не можеа повеќе да се справат со овие банални работи и тоа беше причината за нивното незадоволство што ги наведе да заминат од Македонија.
Пишува Игор Манев
датум: среда, 31 Јули, 2019