Клептоманија

Некои психолози го толкуваат како обид за компензација на чувството на празнина и неприфатеност, кај луѓето кои компулсивно крадат.
Клептоманијата спаѓа во таканаречените опсесивно компулсивни нарушувања. Луѓето кои имаат вакво нарушување имаат порив да крадат предмети, најчесто изложени во продавници или кои може лесно да им дојдат до рака.

Наспроти лаичките верувања дека клептоманите се луѓе кои се сиромашни и крадат затоа што украденото им е потребно, клептоманите најчесто се луѓе од средната или повисоката класа и обично немаат материјални проблеми поради кои би биле принудени да крадат. Меѓу нив има и многу богати и јавно познати луѓе. Тие крадат затоа што визуелниот контакт со некои предмети, кај нив предизвикува неиздржлив порив да украдат.

Клептоманите, слично како коцкарите и други луѓе кои се зависни од адреналин, крадат затоа што тоа кај нив предизвикува возбуда која не произлегува од поседувањето на украденото, туку од самото крадење (да не бидат видени, да избегаат, да се пофалат дека украле без да бидат фатени и сл). Украдените предмети за нив немаат никакво знечење и може да ги фрлат, да ги дадат некому или да ги чуваат без да ги употребат.

Клептоманка во продавница, фото: galleryhip

Иако законот ги третира исто, клептоманите се разликуваат од криминалците. Криминалците крадат за да остварат материјална корист од крадењето. Кај клептоманите крадењето е компулсивно, неконтролирано и непланирано, а криминалците вообичаено крадат пари или предмети кои им се потребни, кои планираат да ги украдат и ги уживаат придобивките од украденото. И кај криминалците и кај клептоманите се работи за социопатолошко однесување кое во првиот случај е сосема свесно, не е неконтролиран порив туку е смислена акција која има конкретна цел и намена. Кај клептоманите се работи за моментален порив за кој и покрај тоа што се свесни дека е незаконски и се казнува, е толку силен што не можат да му се спротивстават.

Од друг аспект, клептоманијата е невротско нарушување. Некои психолози го толкуваат како обид за компензација на чувството на празнина и неприфатеност, кај луѓето кои компулсивно крадат. Начинот на лекување е психотераписки и сличен на лекувањето од болести на зависност. Како и коцкањето, пиењето алкохол, пушењето, компулсивното крадење тешко и бавно се лекува и клептоманите вообичаено одбиваат да го прифатат. Ова во повеќето случаи ги води до проблеми со законот и семејни проблеми кои произлегуваат од напнатоста на членовите на семејството кои се растргнати помеѓу опсесијата на клептоманот и желбата да му/и помогнат и компликациите со законот кои произлегуваат од неговото/ нејзиното однесување. Клептоманијата понекогаш може да бида проследена и со други маладаптивни однесувањака како што се прекумерно пиење алкохол, промискуитетно однесување, брзо возење и сл. што дополнително ја компликува ситуацијата.

Пишува: м-р Лидија Зорба
дата: 3 Мај 2017