Епидемија од Западен Нил вирус во Гази Баба, Скопје

Западен Нил вирус со сферична форма и дијаметар 40nm, имуноцистохемиска слика, фото ЦКБ

Пренесување на вирусот Западен Нил

Се пренесува најчесто преку убод од заразени комарци, што значи дека луѓето не го
шират вирусот освен во ретки ситуациии како при трансфузија на крв, трансплантација на органи и вертикално од мајка на бебе.
Бидејќи вирусот може да се шири преку трансфузија и трансплантација на органи,
луѓето на кои неодамна им е дијагностицирана инфекција со вирусот на Западен Нил,
истите заразени, не треба да донираат крв или коскена срцевина 120 дена по
инфекцијата.
Понатаму, изложеност на работник на терен кој бил во контакт со заразена птица
(мукозна мембрана) заразена телесна течност и ткиво од повредена птица исто така се
во огромен ризик од пренесување на вирусот од птица-човек.
Вирусот Западен Нил не се пренесува, шири:
Преку кашлање, кивање или допирање на живи животни како коњ или живи птици, но
сепак треба да се избегнува контакт со голи раце во ситуација доколку се работи,
обработува со мртво животно. А доколку се најдете во ситуација да фрлите мртва
птица, во тој случај користете ракавици или двојни пластични ќеси за да го ставите
трупот во корпа за отпадоци.
Вирусот Западен Нил не се пренесува преку јадење на заразени животни, вклучително
и птици, но сепак, секогаш треба да се следат упатствата за правилно, целосно
готвење на месото-термичка обработка.
Циклус на пренос
Во природата, вирусот Западен Нил циклично се пренесува помеѓу комарците
(особено од видот Culex) и птиците. Некои заразени птици - гулаби, врани, чавки,
чапји, можат да развијат високи нивоа на вирусот во крвотокот што придонесува за
зголемување на шансите на комарците да можат да се заразат со каснување на овие заразени птици. А понатаму по околу една недела, заразените комарци можат да го шират вирусот на повеќе птици кога ги каснуваат-циклус на пренос.

Западен Нил вирус Трансмисија циклус, фото ЦКБ

Тигрестиот комарец може да пренесува други вируси, како Денга или Зика, но за
Западнонилската треска, главни се Culex комарците.
Теоретски и еѓипетскиот комарец Aedes aegypti може да се зарази со вирусот Западен
Нил а во лабораториски услови може да го пренесе, но во пракса, не се смета за
главен преносител кај луѓето. Главните преносители остануваат комарците од родот
Culex.

Трансоваријален пренос и презимување Owerwintering of WN virus

Природниот извор на Западнонилскиот вирус-ЗН се дивите птици, врани, чавки, чапји
и домашни гулаби во урбана средина. Вирусот природно кружи меѓу птиците и
комарците. Комарците се заразуваат кога ќе каснат заразена птица а потоа го
пренесуваат на луѓе или коњи. Луѓето и коњите обично се „случајни домаќини“ и не
го пренесуваат понатаму вирусот во значајна мера. Типично, изворот е од заразени
диви птици.

Вирусот ЗН може да се задржи во комарците и кога тие растат и се развиваат, но не на
начин дека водата го „создава“ вирусот. Комарците не се инфицираат од водата со ЗН,
туку кога возрасна женка ќе касне заразена птица. Во многу случаи заразената женка
може да го пренесе вирусот на своите јајца, па од нив да се развијат комарци што веќе
го носат вирусот. А водата сама по себе не е извор на вирусот но овозможува тој да се
одржува во циклусот птици–комарци.

Тој процес се нарекува трансоваријален пренос, каде што заразената мајка комарец го
пренесува вирусот директно на нејзините јајца. Тоа значи дека новите комарци се
раѓаат веќе инфицирани и можат веднаш да почнат да го шират Западен Нил вирусот.
Ова значи дека некои комарци можат да го носат вирусот уште пред да каснат некојa
заразена птица, животно или човек.
Треба да се прави разлика дека сепак, главниот пренос на вирусот се случува кога
комарецот каснува заразен домаќин, обично птица а потоа го пренесува вирусот на
луѓето или други животни.

„По епидемијата на западнонилски (WN) енцефалитис во 1999 година во Њујорк,
2.300 возрасни комарци кои презимувале биле тестирани за вирусот WN со клеточна
култура и обратна транскриптаза-полимеразна верижна реакција-PSR. РНК на вирусот
WN и жив вирус биле пронајдени во групи од комарци Culex. Перзистентноста кај
комарците Cx. pipiens кои презимуваат може да биде важна за одржувањето на
вирусот WN во североисточниот дел на САД.
Кај Западнонилскиот вирус, тоа се однесува на начинот на кој вирусот успева да
преживее преку зимата, кога има малку или воопшто нема активни комарци.
Постојат неколку можни механизми:
1 заразени возрасни комарци преживуваат преку зимата во засолништа.
2 вирусот се пренесува од женката-комарец на јајцата (трансоваријален пренос).            3 кај некои птици вирусот може да опстојува подолго време.“

Животниот циклус на комарците почнува со јајца, ларва, пупа и комарец, фото ЦКБ

Со оглед на тоа дека Њујорк се наоѓа покрај Атлански океан, преживувањето на
женските комарци во крајбрежните води се сметал за најверојатен па затоа
научниците направиле научни студии и докажале дека вирусот го преживува зимскиот
период и повторно се појавува следната сезона. Наслов на студијата:

West Nile Virus in Overwintering Culex Mosquitoes, New York City, 2000
Автори се: Roger S. Nasci, Harry M. Savage, Dennis J. White, James R. Miller, Bruce C. Cropp,
Marvin S. Godsey, Amy J. Kerst, Paul Bennett, Kristy Gottfried, and Robert S. Lanciotti.
(CDC)

“Преживувањето на женските комарци инфицирани со вирусот се смета за
најверојатен механизам за преживување на вирусот во текот на зимата. Вертикалниот
пренос на вирусот WN од комарци (т.е. премин на вирусот од инфицирана женка на
нејзиното потомство) е демонстриран во лабораторија и очигледно се случува со
влегување на вирусот во јајцата на комарците за време на оваријалното поставување.
Вертикалниот пренос на вирусот WN е документиран само еднаш во популација на
комарци надвор од лабораторијата. Во студијата се опишуваат собирање на комарци
кои презимуваат во текот на јануари и февруари 2000 година во Њујорк и откривање
на РНК на вирусот WN и жив WN вирус во примероците.“

Железарско езеро

Со оглед на тоа дека во Македонија е прогласена епидемија, на вирусот Западен Нил
со посебен акцент на општина Гази Баба, направив сопствено новинарско
истражување на локација каде има големо езеро познато како Железарско езеро. И
токму тоа езеро комарците најмногу го сакаат. Бидејќи водата е стагнантна односно
вода која не тече. Женките комарци ги несат своите јајца баш таму а ларвите се
развиваат во водата. Не велам дека ларвите се заразени со вирусот на ЗН бидејќи за
тоа треба лабораториско испитување ама дека шансите се огромни тоа е исто така
веројатно а да не спомнувам за презимување на истите!
Комарците главно претпочитаат плитка вода, таа не треба да е многу длабока, бидејќи
на ларвите им треба воздух за да дишат, па се држат поблиску до површината.
Железарското езеро ги има овие услови а згора на тоа е мало, мирно и има многу
делови каде водата е поплитка и стагнира, особено во крајбрежниот дел каде има
растенија и тоа трски што е погодно за нивно размножување. Присуство на
вегетација-трски во плитките делови на езерото се одлична храна и заштита за развој
и раст на комарците од типот Кулекс-Culex.

За вирусот
Вирусот на Западен Нил-ЗН е член на фамилијата Flaviviridae, родот Flavivirus.
Тој има едноверижен РНК-геном со позитивна поларизација. Вирусните честички се
сферични и имаат дијаметар од 40 nm. Значи, западно-нилската треска е вирусна
болест што ја предизвикува вирусот Западен Нил.
„Арбо“ доаѓа од англиското arthropod-borne virus, што значи вирус изворно пренесен
од членконоги. Во оваа група спаѓаат вируси што ги пренесуваат комарци, крлежи и
други. Западнонилскиот вирус е арбовирус затоа што се пренесува преку комарци,
најчесто од родот Culex. Значи, арбо се однесува на сите такви вируси што ги
пренесуваат членконоги.

Железарско езеро во општина Гази Баба, Скопје. Видео: Игор Манев, 15 август 2026

Длабоката вода комарците поретко ја користат, ако езерото е поголемо и има риби коисе хранат со ларви или пак водата е многу длабока и раздвижена тогаш потешко ќе се развијат.
Има неколку видови риби што се хранат со ларви. Една од најпознатите е Гамбузијата
Gаmbusia affinis - северноамериканска слатководна риба, која ја нарекуваат и „риба
комарец“, бидејќи е многу ефикасна во јадењето на ларвите. Исто така, Гупи -
Gambusia holbrooki е вид слатководна риба, некои видови Мрена - Barbus barbus риба
со меки перки кои лесно се виткаат, па дури и некои млади риби од локални видови
можат да јадат ларви во зависност од тоа што има во средината.
Сепак, кога се работи за Железарското езеро кое се користи во железарската
индустрија и за тоа дали во него можат да преживеат риби кои се хранат од ларвите на
комарците, искрено само Господ знае. Ако се земе фактот дека токму во Гази Баба е
прогласена епидемија на вирусот ЗН, во која Железарското езеро е со најголема
водена површина, плитко е, има ниска вегетација и се наоѓа во самиот центар на
општината, тогаш работите се повеќе од јасни.

Домашни гулаби

Да, гулабите може да се заразат со вирусот, но не го пренесуваат директно на луѓето.
Преносот главно оди преку заразени комарци, најчесто од родот Culex.

За жал во Македонија, посебен акцент на Скопје, има многу т.н. љубители на гулаби
кои постојано, со децении, одгледуваат гулаби во импровизирани гулабарници а
притоа сопствениците, гулабари, ниту имаат лиценца, ниту имаат дозвола, ниту пак
водат евиденција за тоа колку гулаби имаат на број и за каков вид на гулаби се работи.
Секој граѓанин што посетил такви нерегистрирани гулабарници, може многу лесно и
брзо да примети дека околу тој простор секогаш покрај гулаби има и многу птичји
измет, кој всушност е главниот извор за пренос на микроорганизми вклучувајќи го и
вирусот на Западен Нил.
Но, комшиите не се жалат заради нехигиенските услови туку, најчесто се жалат на тоа
дека домашните гулаби слетуваат на нивните кровови и остануваат таму долго време,
па од тие причини гулабарите ги довикуваат со силни свирежи за да слетаат долу во
гулабарниците-ќумез. Доколку гулабите не слетаат од крововите на комшиските куќи
во тој случај гулабарите фрлаат по гулабите со празни класја од пченки, камења или
други мали предмети со цел да ги натераат гулабите да долетаат, да се вратат во
сопствениот ќумез. И така после неколку месеци во комшиските олуци и кровови
можат да се најдат еден куп мали предмети кои пред сè ги запушуваат олуците и така
спречуваат одлив на дождовна вода, водата од олуците се прелева неконтролирано и
се истура на фасада или прозорци.

Од овие и слични причини комшиите пријавуваат инспекција но реакцијата на
инспекторите секогаш завршува со опомена кон гулабарите во смисла: „да не се
повтори пак…“ и така тоа трае со децении без притоа да се направи конкретно
испитување за број на гулаби, вид на гулаби, да побараат инспекторите лиценца или
било каков документ за регистрација на домашните гулаби.
Но, од друга страна ако, на улицата Јужно Моравски бригади/Среќко Пужалка во нас.
Ченто, има едно стадо овци во дворот на една куќа и инспекторите не реагираа тправилно, според закон, бидејќи сопственикот редовно ги корумпира со пари, тогаш што се битни гулабите кога со корупција може да пројде и вол?

Игнорантниот однос, на испекторите кои работат во рамките на Агенцијата за храна и
ветеринарство (АХВ), е тотално во спротивност со доказите на една научна студија
која всушност докажува дека домашните гулаби се главен резервоар на вирусот на
Западен Нил во урбани средини, каква што е во Скопје главниот град на Македонија.
Имено, насловот на студијата е:

Experimental infection of rock pigeons (Columba livia) with three West Nile virus
lineage 1 strains isolated in Italy between 2009 and 2012
а нејзините автори се:
M Spedicato, I Carmine, A L Bellacicco, G Marruchella, V Marini, M Pisciella, G Di
Francesco, A Lorusso, F Monaco, G Savini.

„Динамиката на циркулација на вирусот на Западен Нил (WNV) во урбана средина сè
уште не е целосно разјаснета. Во таа насока, три групи од по осум карпести гулаби
(Columba livia) беа инокулирани со три соеви на WNV од линијата 1, изолирани во
Италија во периодот помеѓу 2009 и 2012 година. Кај гулабите не се појавија клинички
знаци карактеристични за акутна инфекција со WNV. Сите животни развија
имунолошки одговор (сероконверзија) и го исфрлаа вирусот до 15 дена по
инфекцијата, преку оралниот или клоакалниот пат. Во сите инфицирани групи,
виремијата траеше 4 дена по инфекцијата. Кај инфицираните птици не беа утврдени
макроскопски или хистолошки лезии специфични за WNV во споредба со
контролните птици а резултатите од имунохистохемиската анализа на сите ткива беа
постојано негативни. Исто така, беше проценет и индексот на компетентност како
резервоар, кој се движеше помеѓу 0,11 и 0,14. Оваа студија покажува дека гулабите се
компетентни домаќини-резервоари за италијанските соеви на WNV од линијата 1, со
што потенцијално претставуваат ризик за системот за јавно здравје.“ (PUBMED)

Клиничка слика

Повеќето луѓе немаат симптоми, но кај некои може да се јават треска, главоболка,
болки во телото или осип. Ретки, но сериозни случаи можат да вклучуваат воспаление
на мозокот или на мозочните обвивки, посебно кај постари лица или оние со ослабен
имунитет.
Вирусот Западен Нил не напаѓа само еден одреден дел од мозокот. Кај тешките случаи
може да предизвика енцефалитис и да зафати повеќе региони од централниот нервен
систем. Најчесто може да бидат зафатени мозочното стебло, малиот мозок или
големите мозочни кори, што може да доведе до збунетост, поспаност или тешкотии со
координацијата.
Ако навистина Западнонилска треска и вирусот го зафатил малиот мозок, тогаш
можат да се појават такви симптоми со вртоглавица при кој пациентот не е во
можност да стане самостојно од кревет. Но, важно е да се нагласи дека ова се јавува
кај мал број од заразените, обично кај оние со потешка форма. Повеќето луѓе со
Западнонилски вирус никогаш не развиваат зафатеност на мозокот. Значи, ако е
зафатен малиот мозок, нестабилноста и нарушената рамнотежа можат да бидат дел од симптомите, сепак, најдобро е лекар да го процени тоа или пак специјалист Невролог, Инфектолог.

Вестибулокохлеарниот нерв е одговорен за рамнотежа и за слухот. Кај потешки случаи
на Западнонилска треска, може да има симптоми поврзани со балансот, но директно
воспаление на самиот вестибулокохлеарен нерв од Западен Нил не е типично. Можно
е, но тоа е ретко. Почесто проблемите со рамнотежа доаѓаат од зафатеност на
Cerebellum a не директно на тој нерв CN VIII.

Период на инкубација
Периодот на инкубација од каснувањето од комарец до појавата на симптоми на
болеста предизвикана од вирусот на Западен Нил (WNV) обично изнесува 2–6 дена,
но може да варира од 2 до 14 дена, па и подолго кај пациенти со ослабен имунитет.
Асимптоматска инфекција
Се проценува дека 80% од инфекциите со вирусот на Западен Нил кај луѓето се
субклинички или асимптоматски.
Болест без зафаќање на нервниот систем (не-невроинвазивна болест)
Доколку се појават симптоми, повеќето луѓе развиваат акутна системска фебрилна
болест, позната како не-невроинвазивна болест или треска од Западен Нил. Оваа
форма често вклучува треска, замор, главоболка, болки во мускулите (мијалгија) и
зглобовите (артралгија), минлив макулопапуларен осип или гастроинтестинални
симптоми како повраќање или дијареја.
Невроинвазивна болест
Помалку од 1% од заразените пациенти развиваат невроинвазивна болест, која обично
се манифестира како менингитис, енцефалитис или акутен флакциден миелитис.
Ризикот од невроинвазивна болест е поголем кај постарите лица и кај оние со состојби
што го ослабуваат имунолошкиот систем.
Менингитис
Менингитисот предизвикан од вирусот на Западен Нил клинички не се разликува од
другите вирусни менингитиси и обично се манифестира со треска, главоболка,
фотофобија и менингизам.

Домашен гулаб Columba livia, фото: Википедиа

Церебрална хеморагија во мозок предизвикана од вирусот на Западен Нил, фото: Спрингер

Енцефалитис
Енцефалитисот предизвикан од вирусот на Западен Нил е потежок клинички синдром
кој често се манифестира со треска, променета ментална состојба и нарушувања на
движењето, како што се тремор, миоклонус, паркинсонизам и церебеларна атаксија.
Акутен флакциден миелитис
Акутниот флакциден миелитис предизвикан од вирусот на Западен Нил може да се
развие истовремено со менингитис или енцефалитис и може да предизвика слабост на
екстремитетите, парализа, арефлексија, кранијални невропатии и невромускулна
респираторна инсуфициенција. Оваа состојба обично се развива во рок од 24–48 часа
од почетокот на болеста и е клинички и патолошки идентична со полиомиелитисот
предизвикан од полиовирус, при што доаѓа до оштетување на клетките на предните
рогови на 'рбетниот мозок.
Гилен-Бареовиот синдром (акутна демијелинизирачка полирадикулоневропатија) поврзан со вирусот на Западен Нил може да се појави 1–8 недели по акутната инфекција и се карактеризира со прогресивна (нагорна),
симетрична слабост, како и со сензорна и автономна дисфункција. Тој може да се
разликува од акутниот флакциден миелитис предизвикан од вирусот на Западен Нил
врз основа на клиничките манифестации, времето на појава и електрофизиолошките
испитувања.“(CDC)

Клиничко тестирање и дијагноза на болеста предизвикана од вирусот на Западен
Нил
Кај пациенти со сомнение за болест предизвикана од вирусот на Западен Нил (WNV),
најпрво треба да се изврши тестирање за присуство на специфични IgM-антитела во
серумот и во цереброспиналната течност (CSF).
Во одредени случаи, позитивните резултати за IgM-антитела треба да се потврдат со
тестирање за неутрализирачки антитела во државна лабораторија за јавно здравје или
во Центарот за контрола и превенција на болести (CDC).
Кај пациенти со состојби што го компромитираат имунолошкиот систем, треба да се
разгледа можноста за примена на методот RT-PCR (верижна реакција на полимераза
со реверзна транскрипција).

Клиничкото лекување

Третманот е супортивен. Не се достапни лекови за лекување на болеста од Западен
Нил вирусот. Различни лекови се „евалуирани или емпириски користени“
за болеста од вирусот Западен Нил. Сепак, досега ниту еден не покажал
убедливи резултати.
Блага болест
Пациентите можат да земаат лекови без рецепт за треска, болка и главоболки, да
останат хидрирани и да се одмораат.
Тешки менингеални симптоми
Пациентите често имаат потреба од контрола на болката за главоболки, антиеметичка
терапија и рехидратација во ситуација на придружно гадење и повраќање.
Енцефалитис
На пациентитете им треба внимателно следење за развој на покачен интракранијален
притисок, напади или неможност за заштита на дишните патишта.
Акутен флакциден миелитис
Пациентите треба внимателно да се следат за акутна невромускулна респираторна
инсуфициенција која може брзо да се развие и да бара продолжена вентилаторна
поддршка.

Исход на болеста и компликации

Закрепнувањето од тешки компликации може да трае неколку недели или месеци. Некои последици може да бидат трајни.
Околу 10% од луѓето кај кои ќе се развијат тешки компликации од болеста, при што го зафаќа централниот нервен систем, умираат.
Кај Западнонилскиот вирус, по прележана инфекција најчесто се развива долготраен,
веројатно доживотен имунитет. CDC наведува дека повеќето луѓе кои биле
инфицирани се смета дека имаат заштита од повторно заболување. Кај лица со
ослабен имунитет, заштитата може да биде послаба или со текот на времето да се
намали.

Превенција

Не се достапни лиценцирани вакцини или лекови за спречување на заболувањето од
Западен НВ кај луѓето. Во отсуство на вакцина, превенцијата на заболувањето од
Западен НВ зависи од програми за контрола на комарци на ниво на заедницата за
намалување на густината на векторите, мерки за лична заштита за намалување на
изложеноста на заразени комарци и скрининг на донори на крв и органи.
Советувајте ги пациентите да спречат каснувања од комарци на начин:
- Користете средство за одбивање на инсекти регистрирано од Агенцијата за заштита
на животната средина.
- Носете долги, широки кошули и панталони.
- Избегнувајте престој надвор помеѓу самрак и зора.
- Држете ги комарците надвор од сопствениот дом или канцеларија.

Автор:
Игор Манев
датум:18 август 2026