Дали смртната поплава во Скопје е ,,Божја работа“?
Македонија може да се пофали со неколку случаи каде водата се акумулира во брани и создавање на вештачки езера а во околината на Скопје тоа се браните Матка и големите насипи по должината на реката Вардар во градот Скопје и 20 км надвор од градот. По излевањето на водата од речното корито во 1962г. а посебно по земјотресот, кој следеше во 1963г. во Скопје, инженерите почнаа сериозно да размислуваат за начини како да се стави под контрола водата на реката Вардар. Решението беше големи насипи кои се изградија со натрупана земја, песок, камења и друг градежен материјал. Од тогаш па до денес овој проект од бивша Југославија одлично си ја врши својата работа.
Неколку години подоцна слични градежни работи се превземаа во подрачјето на Пелагонија, најголемата житница во Македонија, која во далечно минато всушност било место каде имало езеро. Потфатот во 1965г. беше создавање на инфраструктура и систем од канали кои го пренасочуваа текот на водите во огромни количества собрани од обилни врнежи. Тоа беше превенција за излевање на Црна река.
Во последните 10 години, за жал, тоа подрачје околу Пелагонија и системот од канали не се одржуваше редовно туку се запоставуваше. И токму од тие причини минатата година во Февруари 2015г таму се случи поплава со страотни последици поради излевање на водата од коритото на река Црна или поточно пробивањето на насипот кај 10-от канал. Водата во движење уништи голем дел од индивидуалното земјиште и во сопственост на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Општината Новаци прогласи вонредна состојба а истовремено се пресметуваа и штетите од поплавените 1780 хектари посеана површина во Новаци, Могила и Битола. Под вода беа 400 хектари посеана пченица, 250 хектари маслена репка, 230 хектари пченка зрно и 900 хектари пролетни култури или вкупно околу 1780 хектари.
Максималниот капацитет на протокот на водата е 160 м³/секунда а за време на обилните дождови во Февруари 2015г. протокот на река Црна достигнал 155 м³/секунда што беше причина за пукање на насипот кај 10-от канал и излевање на огромно количество вода.
Населението беше евакуирано по општинските згради или во домови каде имаа роднини и пријатели. Оштетени патишта и мостови беа дел од ерозивната моќ на водата од река Црна чие корито во последната деценија не се чистело. Иако имаше ветувања дека сите штети врз стока, живина, посеани површини, механизација, како и патишта и мостови ќе се компензираат финансиски од Владата на Македонија сепак, муабетите пренесуваат дека финансии се доделиле на неколкумина со приоритет за членови на партија.
Насипот изграден во с. Слатино - Охридско пред неколку години ја доживеа сличната судбина како и насипот на река Црна. Пред тв камерите се пренесуваше парцијално одронување на насипот од притисокот на водата од Охридско езеро. Насипот беше запуштен и претеше да направи огромна штета во тоа подрачје. За среќа се интервенираше во последен момент пред да се случи хаварија.
Во град Скопје секоја година сме сведоци на заглавени коли во вода, кај клучката во близина на хотел Континентал или подвозникот кај бивша стоковна мост во нас. Центар. Другите градски општини се исто така во постојан ризик од поплави, населба Ченто е пример за тоа. Значи, во било кој дел од државата, без разлика дали е урбан или рурален, се случуваат поплави за кои нашите политичари често изјавуваат дека се работи за елементарна непогода и притоа ги отфрлаат сите обвинувања насочени кон нив. Дека инфраструктурата во Македонија и главниот град Скопје не се одржува ниту пак обновува со поголеми одводни цевки или канали за да одговори на потребите од зголемениот број нови висококатници, куќи или трговски објекти. Колку за споредба во Белград постојат канали кои се толку големи што во нив влегуваат цели камиони. Огромни канали од овој тип има во Парис и Лондон изградени да се носат со реките Сена и Темза. Одржувањето и функционирањето на овие големи канали беше прикажано во една документарна емисија на Национална Географија.
Деновиве можевме да слушнеме од медиумите коментари за последните настани со поплавата, дека лошото време било ,,водена бомба“. Таков термин во метеорологијата не постои и употребата на оваа терминологија само ја докажува нестручноста на раководните кадри. Терминот ,,водена бомба“ се употребува доколку наполните обичен балон со вода а потоа го прободете со остар предмет, тој секако ќе пукне и водата ќе удри на патос. Доколку имате видео камера можете да го снимите моментот кога по пукањето на балонот водата сеуште има форма на елипса. Но тоа се детски експерименти за играње и занимација на најмладите а нема врска со метеорологија.
Единствените места на целата планета Земја кои не се ранливи на поплави се пустини и суви предели каде бројот на врнежи во текот на една година се едвај 2-3 пати и со минорни литри на М². Но сепак дождот не е главниот фактор за поплава.
Поплавите се случуваат кога водата ќе ја засити земјата која впива и нормално е сува. Тоа се случува на неколку начини. Кога вода од река ќе го преплави сопственото речно корито потоа, кога распукува брана или насип кои не ја задржуваат повеќе водата во огромни количества или вода која се создава поради топење на поголемо количество снег во планините.
Поплавите најчесто се случуваат во траење од неколку саати но постојат и такви кои се случуваат многу брзо, за само неколку минути и затоа претставуваат голема опасност по животот на граѓаните доколку се во близина. Овие флеш поплави веднаш се претворуваат од поток со меури во громогласен ѕид од вода кој буквално брише сè што ќе се најде на нејзиниот пат надолу. Таков беше случајот со поплавата кај автопатот ,,Обиколница“ во близина на с.Стајковци, с.Арачиново и околните села.
Водата во движење има огромна деструктивна сила. Кога реката ќе го преплави речното корито, сите структури кои не се изградени за таква намена немаат шанси во споредба со силата на водата. Мостови, куќи, дрва и коли можат да се поместат и однесат од едно на друго место. Ерозивната моќ на водата во движење може да ја ископа земјата од темелите на секакви градби предизвикувајќи пукнатини и рушење.
Откако водата ќе се повлече од поплавените подрачја тие често се покриени со муљ. Граѓаните може да останат без електрична енергија-струја и чиста вода за пиење со денови. Затоа помошта од институции и поединци во храна, вода и облека е од голема важност за настраданите во првите денови по секоја поголема поплава.
Катастрофите се случуваат поради желбата на луѓето да живеат покрај водени површини и да уживаат во убавините на природата наоколу. Но доколку не се знае капацитетот на едно речно корито многу лесно водата може да прелее и да направи поплава. Затоа најдоброто решение, според Национална Географија National Geographic, е вештачки пренасочување на водените површини и контрола на нивниот тек. Во денешно време науката се соочува со вистински предизвик во намалување на штетите од поплавите сепак, постојат неколку вистински примери каде научниците триумфираат во натпревар со водата a таков е случајот со браните во Холандија.
Модерни брани во Холандија
Водена бомба, фото: photo posts blog
Во населба Ченто повеќето граѓани живеат во страв при најава за дожд. Лошото искуство со преплавување на улиците натера многумина да ги дадат куќите на оглас за продажба. Борбата со водата е навистина тешка а негрижата на градоначалникот само ја поткопува надежта за тоа дека следниот пат нема да се случи поплава од вода која почна многу често да влегува во нашите домови во последно време.
Поплава еден ден подоцна, 7 Август 2016, вода во двор на улица Финска, фото: Игор Манев
Улица Финска е најпогодена и при најмал дожд бидејќи се наоѓа најниско во однос на останатите улици. Иако минатата година се изгради т.н. колектор кој овоможува природен пад на атмосферска вода сепак на 6 август 2016г, покрај големата поплава во околината и улицата Финска не беше поштедена. Новиот колектор се влева во поголем Главен канал за одлевање на атмосферска вода. Овој т.н. Главен канал започнува од Железарското езеро, минува низ целата населба Ченто потоа, паралелно со Хиподром, автопат Обиколница и продолжува во општина Арачиново каде завршува во близина на хотелот Белви-Bellvue, покрај автопатот Александар Македонски.
Главниот канал е единствениот во населба Ченто кој во случај на обилен дожд треба да ја акумулира целата водена количина и да ја одведе подалеку од населените подрачја. Сите споредни помали каналчиња се влеваат во овој Голем канал. Иако се нарекува Голем канал тоа ниту приближно не е така бидејќи неговата ширина е нешто повеќе од 2 метри а длабочината исто така. При поголеми врнежи каналот често потполно се исполнува и фалат само 10-15см до негово излевање, кое доколку се случи ќе ги поплави сите куќи во негова близина и пошироко во с.Инџиково.
Пред некоја година овој канал, со механизација од општина Гази Баба, се расчистуваше од растенија и шут. Ама вистинската причина за таа акција беше поплавувањето на црквата Св. Архангел Гаврил која е на само неколку метри веднаш до каналот, како и на куќите во близина. Нејсе, каналот се чистеше и кога акцијата заврши сите мислевме дека на поплавите им дојде крај. Но еден ден по страшната поплава во Скопје, на 7 август 2016г се виде дека Главниот канал воопшто не бил исчистен во делот кај Инџиково. Таму и сега има многу вегетација која достигнува висина и до 2 метра. Колку повеќе одите кон Хиподром можете да видите дека Главниот канал е повеќе и повеќе стеснет со секакви растенија и наноси од земја. Причините за излевање на Црна река се повторуваат со Главниот канал во Ченто како и многу други канали и цевки во Скопје и околината. Причината е запуштање на одводните канали и речните корита.
Во споредба со поплавата во 2006 г. овој пат нивото на водата на улица Финска и наоколу беше за 5см повисоко и затоа општата проценка на граѓаните е дека сегашнава поплава во 2016г е по голема, по лоша, од предходната. Новите количества вода во висина од 5см на целата територија од нас.Ченто изнесуваат илјадници тони изразени во литри водена површина. Никој не ја пресметал точната бројка и затоа треба сериозно да се пристапи кон овој проблем бидејќи во иднина, во следните 10 години, новите количества вода можат да бидат уште поголеми и со поголеми човечки жртви и материјална штета.
Несекојдневните случувањата и деструкцијата што ни ја нанесуваат овие поплави во големи, поголеми и најголеми размери во Македонија се всушност ,,ѓаволска работа“ а смртта коси ли коси со нејзината коса.
Евангелие според Јован, Добриот пастир, 10:10 –
Исус им рече:
... Крадецот влегува само да украде, да заколе
и да погуби. Јас дојдов за да имаат
живот и да го имаат изобилно“.
Убиствената и чудна поплава што го погоди Скопје, близина на Смилковско езеро, автопатот Обиколница и најпогодените села Стајковци и Арачиново се последната капка која ја прелеа чашата на трпението на граѓаните. Смртта на 22 лица изгледа дека не е дефинитивна и се говори дека во нивите имало земјоделци кои, во тоа кобно време, работеле на своите парцели. Се претпоставува дека во муљот донесен од огромното количество вода од силниот дожд се наоѓаат уште околу 40-тина луѓе, кои засега се водат како исчезнати.
Еден дел од Обиколницата во близина на с.Стајковци и с.Арачиново и предходно им бил познат на македонските експерти како предел во кој имало вода, влажен предел. Некои од нив професори предупредувале дека изградбата на насипи по должината на автопатот Обиколница може да биде опасно а некои дека изградбата е погрешна. Како и да е лошите предвидувања, за жал, станаа реалност и тоа со смртни последици. Искуствата со насипите кај с.Слатино и Црна река во Пелагонија се неразбирливи за политичарите и нивните „стручни лица“.
Во деновите кои следеа по 6 август слушаме дека ниту еден од актуелните политичари не чувствува одговорност и не си поднесува оставка. Нивното однесување кое директно можеме да го следиме на ТВ екраните е чудно и претставува вистинска трагикомедија, Од една страна се појавуваат на места погодени од поплавата а од друга страна не чувствуваат никаква професионална и морална одговорност. Згора на тоа нивните одговори се дека тоа што се случило е „Божја работа“.
Но во Библија никаде не пишува дека Господ ги казнува луѓето на таков суров начин, никаде не пишува дека Тој си ги „јаде“ сопствените бебиња и деца за да го казни човечкиот род. Меѓу загинатите 22 луѓе имаше млади и стари, машки и женски, Христијани и Муслимани. Не знам како казнува Алах ама верувам дека ниту во Коран не пишува дека Тој си ги „јаде“ сопствените на таков свиреп начин.
При една посета на Бискуп, претставник на Католичка црква од Ватикан, во Скопје поводот беше некакво свечено одбележување на делата на мајка Тереза. Се сеќавам како да беше вчера кога Бискупот зборуваше на микрофон, на сцена, дека: „Креативноста е дело на Господ а деструкцијата е дело на ѓаволот“.