Сонцето на фамилија Билински позади црни облаци (втор дел 2)
Синот на Перса и Стево Билински учел во ,,Здравко Цветковски“ гимназија, втора година прво полугодие. Со неговите пријатели П.П. во средно медицинско и Т.Д. во „Ѓорѓи Димитров“ решиле да се прошетаат и на пешачкиот премин на улица Теодосиј Гологанов се случила сообраќајна несреќа во која настрадал само Иван. Во продолжение на разговорот со неговата мајка Перса таа ни открива дека пријателката Т.Д. се познавала со Иван дури од основно школо во кое учеле во исти клас.
Иако судењето за докажување на вината, во овој случај, сеуште трае и понатаму исходот не е извесен. Постојат многу интриги, игри кои за родителите се дополнително многу тешки за издржување бидејќи кај нив предизвикува психичко оптоварување. Тие сакаат судењето да добие завршен исход и конечно да се донесе дефинитивна пресуда. Доказите се очигледно на нивна страна.
Игор Манев: Што велат судиите на првите судења, за материјалната штета, кој е финансискиот износ што тие треба судски да ви го доделат?
Перса Билинска: Тоа уште не е заклучено, на Апелација сме, не се согласуваме со финансиите што треба да ни ги исплатат. Туарегот е осигуран во осигурителна компанија „Еуролинк“ на Трифун Костовски.
Игор Манев: Овие судии кажаа одреден паричен износ да ви се исплати како материјална штета. Дали вие се согласувате со тој финансиски износ?
Перса Билинска: Не, не, не се согласуваме.
Перса Билинска во музејот св.Спас, фото Игор Манев
Игор Манев: Другите судии кои треба да одлучат и изречат казна, која е висината на казнената мерка заради сообраќајната незгода? Перса Билинска: Сеуште не е одредена казна, се препираат ова она, дали била црвената Хонда што го удрила Иван па летал, Иван летал од горе од Господа па паѓа на Туарегот. Уште бараат сведоци, нови сослушувања, оти некои ги поткупуваат со пари. Сè е поткупено овде во Македонија! Јас си зборам ако сум Историчар. Нема кај мене едно – две. Игор Манев: Дали се согласувате со изјавите на првиот сведок П.П.(2) , што тој изјави на судењето?
Перса Билинска: Тој доаѓаше на почетокот на судењето ама потоа се одложуваше судењето, поради Бошњациве плаќаа пари. Во судскиот записник има негова изјава на П.П.(2)
Игор Манев: Што пишува во записникот?
Перса Билинска: Сега не можам да се сетам…
Навалена Терезија на една страна е симбол за неправда
Игор Манев: Велиш дека има и лажен сведок, што тој вели во судницата?
Перса Билинска: Лажен сведок од другата страна, за обвинетиот не за нас. Тој вели дека работел во кафуле меѓу Работнички клуб за карате и една фирма за миење коли. Таму во тој дел, работел како келнер, во тој момент бил излезен и само го слушнал ударот јак и толку.
Игор Манев: Тој само слушнал?
Перса Билинска: Тој само слушнал и како да видел, така нешто збореше. Ама не видел.
Игор Манев: Дали отишол на лице место да види што се случило?
Перса Билинска: Не отишол, не!
Игор Манев: Зошто сметаш дека е лажен сведок?
Перса Билинска: Затоа што по една година и толку месеци тие го земаат како сведок. Не може така.
Игор Манев: Дали сведочи нешто што е спротивно на записникот?
Перса Билинска: Сведочи, кажува дека Иван како да не одел по пешачкиот премин, туку понатака бил. Како може понатака кога децата кажуваат дека на пешачки премин бил, сите тројца биле.
Игор Манев: Што вели тој, кој го удрил Иван?
Перса Билинска: Е наводно, тој вели дека црвената Хонда го удрила.
Игор Манев: Дали има некакви оштетувања на Хондата?
Перса Билинска: Нема ништо на Хондата само на Туарегот има напред, на Туарегот. Обвинетиот вели дека Хондата го удрила Иван во левата нога и затоа тој имал лонгета на ногата. Со маж ми ние видовме дека ногата на Иван беше во лонгета и на вратот од левата страна имаше Хематом, внатрешно крварење. Во лежечка состојба беше, не знаеме.
Џипот марка Туарег за кој сведоците велат дека го удрил Иван, фотошоп Игор Манев
Игор Манев: Што очекувате од судот, каква треба да биде казната?
Перса Билинска: Од судот чекам што побрзо, да не се закажува 11-то, 12-то, 50-то рочиште. Јас очекувам да биде осуден возачот на Туарегот, ако не сме го виделе јас и сопругот Стево.
Игор Манев: Каква казна очекувате за возачот на Туарегот?
Перса Билинска: Со најголема казна!
Игор Манев: Што е тоа најголема казна?
Перса Билинска: Најголема казна каква што има. Да усмртиш човек и да, како Зврлевски што рекол тогаш од 1-4 години, тоа не може да биде.
Игор Манев: Колку очекувате казна, ако не се согласувате со 1-4 години, колкава казна?
Перса Билинска: 30 години казна. Јас ќе возам, јас ќе усмртам човек и ајде да видиме дали мене ќе ме стават во затвор! Јас ќе усмртам еве…
Игор Манев: Што вели сопругот Стево, што очекува тој од судот?
Перса Билинска: Од судот, што побргу да се реши оваа ситуација. Што побргу, доста веќе се влечкаме. Доста, доста!
Игор Манев: Зошто ви смета што толку трае судењето, веќе една година и половина?
Перса Билинска: Ми смета, зошто се одолговлекува? Ситуацијата во Македонија е таква што судството е корумпирано. И судии и адвокати, сè ќе зборувам како што ми доаѓа од овде. Сè се потплатени, луѓе што имаат пари финансиски јаки, роднини ваму-таму. Ние што да правиме? Ние со што, со една моја плата? Јас да поткупувам да онадам? Не! Одма да се реши, десетто рочиште ако не се реши јас одам во Стразбур. Ќе ги носам судиите од Стразбур што пред една година ги пречекав во црквава св.Спас по повод 70 години од врховниот суд на Македонија. Претседателката Лидија Неделковска, така мислам, цело време на француски јазик им зборев за св.Спас, за Гоце Делчев. Ако не ги донесам судиите од Стразбур тука во Македонија за да им судат на нашите судии па потоа да им се суди на овие што вака прават, јас да не се викам Перса Билинска.
Игор Манев: Ако судот одлучи казната да биде 3 или 4 години затвор, вие нема ли да бидете задоволни?
Перса Билинска: Да, да.
Игор Манев: Ако казната е 3-4 години затвор дали ќе барате судењето да се префрли во Стразбур.
Перса Билинска: Ќе барам јас, ќе барам одма.
Влезот на Основен суд Скопје
Игор Манев: Очекувате ли дека во Стразбур ќе го решат овој случај?
Перса Билинска: Ако го решат добро, ако не го решат здравје. Има Господ. Има повеќе кои отишле во Стразбур некои велат им се реши, некои велат не им се реши. Не знам.
Игор Манев: Дали сте разговарале со возачот, со обвинетиот Мекиќ? И дали сте разговарале со родителите на Мекиќ? Дали сте имале средба со нив?
Перса Билинска: Еднаш со родителите, наводно вака-така, ова-она...Не, не, одма, одма да се реши. Нема тука едно-две! Вие ако сакате префрлајте црвена Хонда, бела Хонда ова-она. Ние со Стево не сме биле на лице место. Нас двајцата не интересира кој го усмрти нашиот син да биде казнет со затвор. И материјално највисока сума да се исплати за казната. Толку. Јасно вие е, велам јас, или не?
Игор Манев: Каде беше таа средба со родителите?
Перса Билинска: Тука надвор од музејот, беа дојдени жена му и тој. Тука надвор бевме седнати.
Игор Манев: Што бараат тие од вас?
Перса Билинска: Ако детето нивно е виновно, ние да се откажеме од тоа. Тоа бараат. За пари не сакам ниту милијарди да ми давате, ме разбирате или не? Милијарди не сакам!
Игор Манев: Кој треба да ги плати тие финансии откако ќе одлучи судот за висината на материјалната штета?
Перса Билинска: Треба да ги плати осигурителната компанија. И да ни ги исплатат на нас.
Игор Манев: Според тебе, колку би требало да исплатат финансиски?
Перса Билинска: Колку што им исплатија на фамилијата на загинатите во Куманово, при терористичкиот напад. Мислам дека беше по 7 милиони денари.
Игор Манев: Последното што вие ќе го направите, дали е Стразбур?
Перса Билинска: Стразбур
(Втор дел интервју со Перса Билинска, мајката на Иван Билински. Продолжува…)
Пишува: Игор Манев
датум: 18 Мај 2016