Со Таттиле за брзо возење на денот на СИДА-та
Вечерва околу 1900ч застанав на бензиска пумпа ОКТА да ставам гориво за 500ден.
И додека чекав надвор од колата да излезе вработениот и тој да наточи во Матизот, уште еден господин се појави и застана во моја близина ама не видов негова кола да пристапи покрај пумпите.
И така, ќутевме и двајцата некоја минута а потоа господинот почна да се смешка, не додржа и почна да ми зборува како возел со камионот од граница со Србија и некаде пред влезот во Скопје го стопирала полиција на автопатот. Зборуваше и нешто друго, неразбирливо па, таман помислив дека е малку пивнат кога ете, говорот му се прочисти и тој така со кисела насмевка продолжи да ми објаснува дека полицијата го запрела затоа што возел побрзо од дозволената брзина.
Ме погледна во очи како да бараше некој одговор од мене, со израз на лицето што не можев да го дефинирам за тоа дали беше расположено пивнат или тажен?
По кратка пауза тој продолжи да ми раскажува велејќи дека конверзацијата со сообраќајците била кратка а потоа тие му дозволиле повторно да се качи во камионот и да си продолжи со возењето. Немало никаков алко тест.
Полиција на раскрсница нас. Автокоманда, Скопје, фото: Игор Манев
Во меѓувреме дојде пумпашот од бензиската пумпа и не погледна нас двајцата но кога се сврте кон господинот испадна дека се познаваат. Веднаш се поздравија со шаблон прашања:
Пумпашот: ,,кај си беее?“
Шоферот: ,,еве, како си ти?“
Пумпашот: „добар, на работа“ а потоа тој го зема цревото од пумпата и го стави пиштолот во резервоарот од Матизот, го вклучи и почна да точи бензин.
А шоферот без промена на неговиот лик продолжи со приказната ама овој пат го гледаше неговиот познаник, пумпашот.
И вели: „гледај брат ме казнија за брзо возење, види ми пратиле порака.“
Пумпашот: „што му се секираш бе брат јас имам седум такви!“
Шоферот: „аман бе, па ти за тоа ли работиш платата да ја трошиш на казни“.
Пумпашот: „мали се казните и сега изгледа прават експерименти. Имаш на мобилниот?“
Шоферот: „да“
Пумпашот: „дај да видам“. И во еден момент го остави пиштолот сам да полни гориво а со истата десна рака го зема мобилниот на шоферот. Почна да скролува негоре-надоле со прстите по дисплејот а потоа со задоволство викна: „Еве ти, најдов! Гледај казната ти е 10 евра во против вредност и ти пишува дека си возел 52км на час. “
Шоферот и пумпашот се погледнаа во очи и почнаа да се смеат а заедно со нив двајацата почнав и јас да се смеам. Никој ништо не коментираше со зборови но, јасно ни беше на сите тројца дека се работи за обична глупост, затоа јас се вклучив во нивниот разговор.
Јас: „ Нели ќе казнуваат од 1-ви јануари, зошто сега?“
Пумпашот: „Така зборуваа ама порано почнале, сега казнуваат.“
Јас: „Колку мене ми е познато во Европа има толеранција од 5км/час плус.“
Пумпашот: „Нема толеранција брат, тоа е тоа. Извини што ме чекаше за бензиот.“
Јас: „Нема проблем“ му одговорив. Ме изненади што се извини бидејќи со шоферот не чекавме повеќе од 3 минути. Му платив 500 ден. за бензин а потоа сите се разотидовме, секој на своја страна.
Полиција на раскрсница нас. Аеродром, Скопје. Фото: Игор Манев
Лимит на брзина 50км на час во населено место. Турирање со мотор-Караџица и брзо возење над дозволено е казниво со закон. Фото: тхе поинт ман
Мојата дестинација беше Автокоманда во едно локално ресторанче и додека возев по булеварот до таму постојано ми се врткаше во мислите муабетот со шоферот и пумпашот. Си барав некое рационално објаснување и си поставував прашања за таа необична ситуација при која шоферот бил казнет за смешни 3 км/ч повеќе од 50км/час. А пумпашот веќе бил казнет дури седум пати!
Морам да признам дека муабетот, иако за други и непознати луѓе, ми одржуваше блага тензија и од тие причини возејќи постојано гледав на брзинометарот стрелката да биде под 50 км/час.
Почнав да му ја думам:
Зарем почнале од полиција да казнуваат пред Нова година?
Како тоа казнуваат без толеранција од 5 км/ч?
Зошто толку ниска цена па, нели казните се околу 100 евра и повеќе за брзо возење?
Многу нелогични работи?
Хммм, со такви мисли стигнав до кафе барот „Боними“ и си велам толку бргу стигнав како да сум возел 100 км/час а всушност се работи за најбрзата работа на светот, мисла.
Откако си помуабетивме со еден мој пријател од детството, иначе специјалист хирург, си заминавме дома и некаде после полноќ во 01:15ч добив порака смс со прецизни податоци за мене и мојот Матиз Даеву од 2000г. Информации читко напишани на компјутер во формулар на МВР со наслов: Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
„Каков прекршок, што е ова?“ си велев тивко јас во ноќта 3 декември рано наутро. Побрзав да ја симнам пораката download и да прочитам, да видам за што се работи? А на формуларчето испратено од МВР пишува дека сум возел 53 км/час на потегот од ОКТА кон Автокоманда и затоа следува казна од 10 евра во против вредност. Време на прекршок 19:08ч на датум 30.ноември 2025г. Измерено со баждарен инструмент за мерење брзина Таттиле – Tattile. Казна за брзина 53 км/час односно повисока од само 1 км/час во споредба со онаа на шоферот кој возел на автопатот со 52 км/час. А мојата и неговата казна имаат ист износ од 610 денари по курс на Народна Банка евро/денар.
Од толку прецизности на крајот излезе дека датумот е погрешен па, си велам:
Aко е казна со паушален износ во Записник кој има погрешен датум а сепак се бара истата да се плати тогаш, тешко ни се пишува на сите нас. Бидејќи имавме сите мака со таквите паушални сметки на ЕВН!
Возилото може да се злоупотреби како оружје! Во сообраќајот навистина има „драјвери“ на кои не им е местото во било кое возило без разлика дали е луксузна, средна или ниска класа.
Но, ако е тест период како Опомена - предупредување за мене а исто така и за сите возачи во Македонија тогаш, ок прифаќам шала.
Ако е честитка со позитивна намера, пред Католички Божиќ и Среќна Нова 2026 година тогаш, Ви благодарам МВР.
Опомена од МВР за брзо возење, без да се земат во предвид толеранција од +5км/час. Фото: Игор Манев
Автор:
Игор Манев
датум: 3 декември, 2025г
час: 04:07ч