Пожарите во Македонија 2021-2024

Ако веќе во подолг временски период се даваат напори да се згаснат сите пожари а резултатите се минорни тогаш, заклучокот е дека решението е несоодветно.
Во изминатиов период Мај/Август 2024 вестите од националните телевизии и пишаните медиуми нѝ пласираат константно информации за состојбите од локации кои се опожарени, во најголемиот дел се работи за шумите во Македонија.
Ако за нешто можевме да се пофалиме од нашата златна природа дадена од Господ тоа секако беа шумите. Ама човекот може да биде жив ѓавол, антихрист инаку, кој нормален би палел наоколу?

Шумски пожар во Пехчево 2024 фото: Марјан од Пехчево

Па така, според информациите од македонските медиуми се работи за човечки фактор, група на луѓе кои намерно ги палат сувите треви и дрвја на различни места во Македонија.
А што се однесува за тие што ги подметнуваат огновите, за да дојде до пожар, Психијатријата е јасна! Се работи за психички пореметени луѓе на кои затвор не им помага! Без разлика на должината на затворската казна, еве, се најавуваат мерки во траење од 2-3-5 години затвор и под обвинение обид за убиство сепак, оваа мерка е половична ако не и ништовна.
Психичките болести се дијагностицираат од Психијатри а не од судии и адвокати, полицајци од МВР и членови на ЦУК! Затоа што Пироманијата е болест која се опишува како психичко пореметување при кое личноста не може да се воздржи а да не запали некаков предмет. Пристапот приоритетно треба да биде од медицински а потоа правен, полициски или пожарникарен аспект а не обратно! Бидејќи, пироманите треба најпрвин да се дијагностицираат а потоа да се лекуваат и регистрираат во регистер со листа на имиња за пиромани.
Нерегистрирани пиромани во својот почеток на болеста палат помали предмети како хартија, ќеса пластична, картонски кутии, контејнери со ѓубре ама како поминува времето апетитот да запали нешто поголемо од претходниот предмет се зголемува без сопствената душевна сила да се контролира себе си во своите постапки. И така еден ден, тој нерегистриран и недијагностициран пироман стигнува до желбата да запали поголема површина на сува трева, шума, автомобил или автобус… Сите локации и предмети, за кои ви пишувам, веќе некој ги запалил на територија во Македонија и тоа само во изминатиов период од 6 месеци и затоа е неопходно да се води евиденција за тоа кој пали картонски кутии, контејнери, автомобили... за да може превентивно да се делува во случај овие личности да добијат желба да запалат стан, зграда или шума. Треба да се следи нивното однесување-бихејвиор кое е исполнето со негативни емоции.

Имено, во моментот кога националните телевизии ги објавуваат снимките на опожарени локации или предмети, од една страна се појавуваат емоции на гнев и омраза кај обичните граѓани гледајќи ги ударните вести а другата страна во душата на пироманот растат емоции на задоволство и среќа. Но истовремено расте и неговата самодоверба дека тој лично може да запали повеќе.
Накратко сакав само да ви опишам за душевната состојба кај здрави и болни луѓе кои во иста ситуација се чувствуваат емотивно различно, колку за да можете вие да направите разлика во однос на психопатолошката состојба на пироманите и здравите луѓе.

Шумски пожар на Илинска планина 2024 фото: Охридпрес

Но, прашањето ми е всушност, како реагираат лицата кои се носители на политички функции и носат одлуки за да се сопрат и згаснат пожарите. Дали реагираат соодветно на големината на проблемот? Дали реагираат професионално затоа што се искусни полицајци, искусни пожарникари, искусни адвокати, искусни психијатри или пак ниту едното од тоа? Дали делуваат аматерски и непрофисионално е можеби вистинското прашање на кое треба да се одговори.

Ако веќе во подолг временски период се даваат напори да се згаснат сите пожари а резултатите се минорни тогаш, заклучокот е дека решението е несоодветно. Инаку, како да се сфати ситуацијата во која со хеликоптери и мали авиончиња-Цесна се прска со вода а пожарите и понатаму траат и се шират на нови локации?
Во изминатите неколку години нашата држава веќе се соочи со пожари од големи размери и бараше помош од странски држави. И тогаш видовме многу иновативни начини токму од екипите кои ни беа испратени преку соодветните дипломатски тела! Како за пример ќе ја спомнам Австрија чија екипа во близина на опожарените шуми во Македонија правеше вештачки базени со вода која понатаму се дистрибуираше за гаснење на огновите. Но годинава не видовме ниту една Македонска пожарникарска екипа да го направи истото што и нивните колеги од Австрија. Што треба сега, повторно ли да ги повикаме Австријците да нѝ направат пластични базени? Или можеби толку е црпката, кратка меморија која не трае повеќе од една година. Ако Австријската екипа јавно ја фалеа во Македонија за нивниот иновативен пристап со кој се гаснеа огновите тогаш, како е можно од истите луѓе во Македонија да си ги заборават сопствените зборови, честитките кои ги упатуваа кон Австријските пожарникари во август 2021 година? Од истите луѓе кои сега 2024г повторно се соочуваат со пожари скоро во потполно ист летен временски период како и во годината 2021г.

Противпожарни возила од Австрија 6 август 2021 фото: Нетпрес

И од Словенија видовме пожртвувани пожарникари кои исто како и Австријците се бореа со нивните противпожарни екипи. Замислете си тоа? Во околината на Берово/Пехчево најмладиот Словенец се бори и влегува во оган не размислувајќи за сопствениот живот а на крајот пред да си замине со целата негова екипа, тие им ја донираат сопствената опрема на Македонските пожарникари. Заслужено Словенечките пожарникари беа испратени со аплауз од месното население во Берово. За жал во септември истата година 2021 Словенечкиот пожарникар Жан Кофол загина во сообраќајна несреќа во родната Нова Горица и затоа во негова чест една улица во Берово е именувана во негово сеќавање, улица „Жан Кофол“. Слава му.

Словенечка противпожарна екипа во околината на Берово/Пехчево фото: Дојче Веле август 2021

Тешко е да се гаснат пожари. Од сведоштвата во 2021 дознавме дека некои учесници психички си го нарушиле здравјето како последица од стресните ситуации во гаснењето на големите огнови. Ако е толку тешко да се изгасне оган кој зафатил шума од масовни размери тогаш баш такви решенија треба и соодветно да се бараат. Против чудовиште од едната страна може да се бори само друго чудовиште од спротивната страна а не џуџиња. Ламјата кога ќе почне да блуе оган од устата само друга ламја може да ја победи или пак да ѝ се пресече главата од јунак со сабја, како во Руските бајки. Или како примерот во Христијанството кога св. Ѓорѓија јавајќи коњ ја убива ламјата со копје. Ех, кога беше св. Ѓорѓија, кога се славеше?
Приказните и бајките треба да се раскажуваат за да постојано нѐ инспирираат како да се соочуваме соодветно со модерните чудовишта, луѓе опседнати од демони. Луѓе кои се инспирирани од ѓаволот и сатаната. Затоа велам антихристи.

Во спротивно, сè ќе се заборави и сè ќе ни се повторува во нови варијанти.
Што заборавивме досега дали знаете?
Дали ги заборавивте настаните од септември 2021 со запалената мобилна болница во која изгореа пациентите заболени од Ковид19 во Тетово? Од оганот умреа 14 а повредени беа уште 12 пациенти. Зошто сеуште се кријат резултатите од Германската лабораторија во која детално се опишуваат причините за пожарот?
Дали ја заборавивте Универзалната сала годинава април 2024г? Зошто сеуште нема резултати од истрагата за тоа како се случил пожарот и кои беа сведоштвата на градежните работници кои експресно беа приведени во МВР?

Универзална сала гори, април 2024

Мобилната болница во Тетово изгоре до темел, септември 2021 фото: Слободна Европа

Калабалак
Песната од „Леб и сол“ во моменти на тешкотии исто така може да нѐ инспирира ама прашање е кој колку се сеќава и колку си ја пее оваа песна, сам на себе си за разонода на сопствената душа. Бидејќи ако вистински се бара решение во тешки ситуации тогаш, примери за инспирација можат да се најдат во изобилие.

Ако оганот од масовни размери во Македонија си го замислиме како големо чудовиште ламја која блуе оган од устата тогаш, кое друго чудовиште треба да го повикаме на помош?
Антонов AN-32P е едно од Руските чудовишта кое лета во воздухот и се нарекува „убиец на оган“ затоа што има капацитет во еден лет да носи 8 тона вода. Ако Русите чекаат оганот во нивните степи и шуми да се изгаси со хеликоптери и мали Цесни тешко на нив! Тие сигурно не чекаат да заврне дожд или да падне снег.
Колку вода носат малите Цесни и Хеликоптери и колку вода носат странските Канадери додека летаат над Македонија? И дали овие мали летала можат да летаат во ситуација кога има посилни ветрови во близина на опожарените места? Лесните летала не се стабилни во воздух кога има неповолни временски услови во споредба со потешките летала - Антонов AN-32P. Лесните летала во неповолни услови мораат да се вратат или воопшто не полетуваат од аеродром а во исто време тоа значи шанса за оганот уште повеќе да се разгори и да се прошири на нова локација. Овие се тактички пристапи за подобра ефикасност кои јас лично ги научив уште од времето на ЈНА во Словенија. Сигурен сум дека професионалните пилоти знаат многу повеќе ама прашање е дали се слуша нивниот глас во моменти на донесување на одлуките како да се пристапи кон гаснење на пожарите и од кого да се побара помош. Колку за потсетување во август 2021 се повикуваа пензионирани пилоти за да гаснат пожари со авиони на ист начин како што се повикуваат и годинава во јули/август 2024.
Не велам дека лесните летала се лоши но сепак, тоа не е соодветно решение и затоа резултатите се минорни а масовните пожари и понатаму се појавуваат на сите страни во Македонија. Споредбата на овие летала со Антонов AN-32P е како џуџе и чудовиште и затоа ламјата што блуе оган и понатаму распалува низ нашите шуми и национални паркови.
А медиумите и понатаму ќе ни испраќаат снимки и фотографии од запалените подрачја додека ние граѓаните ќе се молиме да заврне дожд и температурата да се намали барем до 35С за да Бог не спаси од оваа несреќа.

Руски канадер „убиец на оган“ Антонов AN-32P фото: Владимир Калинин

Еден аспект за кој многу малку се говори во јавноста е политичкиот аспект и нивните решенија кои се носат од луѓе кои се повеќе заентересирани да стекнат популарност во моменти на криза или да заработат пари во тековнава нѝ ситуација отколку да пристапат сериозно кон вистинска солуција. Колку повеќе траат пожарите толку повеќе се зборува за нив и за нивната работа а во суштина е „тресење празна слама“ со цел да се задржи сопствената позиција-фотеља.
Како поинаку да се сфати барањето помош од странските амбасади за да ни помогнат во гаснењето на пожарите, од било која само не од Руската амбасада? Зошто се прескокнува Руската амбасада во ситуација кога во Македонија има масовни пожари?
Во претходниот политички систем сериозни критики се упатуваа кон нашето министерство за надворешни работи ама сега тој политички состав повеќе не постои. Зошто сега не се комуницира со Руската амбасада?
Што е битна државата од која бараш помош ако дома имаш масовни пожари? Ако се знае дека Русија има огромни авиони кои имаат капацитет да носат огромно количество вода и со чии канадери може многу побрзо да се изгаснат пожарите во Македонија, зошто толку воздржување? Уште колку ли куќи треба да се запалат од пожарите за да се сфати дека и Русија е нашиот пријател?
Во ситуација кога не слушаме одговори на овие прашање јас лично се прашувам дали вистинското чудовиште е Русија или можеби поголемото чудовиште е дома кај нас во Македонија?
Сè додека се бара селективна помош „ти сакам да ми помогнеш а не сакам ти!“ сè до тогаш работите ќе ни бидат „на врат на нос“ – Калабалак
автор
Игор Манев
датум: 5 август 2024, понеделник