Адамовото „бегство“ од Бела Чума (втор дел)
Црквата св.Кузман и Дамјан е бисер во целата околина на Сопиште. Нејзиниот сјај ги засенува овие пагански дела и ги привлекува сите христијани на Собир. Оваа црква е вистински апдејт update, духовна надоградба на фигуринката Адам од Говрлево.
Продолживме по патот надолу, така како ни советуваше пензионерот и по кратко време возење излеговме од новиот дел на с. Говрлево. Упатствата на стариот човек беа точни и затоа почна да не обзема чувство на задоволство бидејќи одговорот што ни го даде се покажа како точна и вистинска дестинација. По некои 5 минути почнавме да здогледуваме нови сообраќајни табли а една од нив беше онаа на која пишуваше Манастирски комплекс. Стариот чичко не нè излажа. Иако бевме упатени кон црквата св. Кузман и Дамјан сепак, решивме да скршнеме десно и да го посетиме Манастирскиот комплекс.
Во тоа пространство, на врвот од ридот, на ачик прва е црквата св. Трипун која се гледа дека е нова и обоена со јасни и чисти фасадни бои од сите страни. Овој религиски објект веднаш ви предизвикува радозналост и желба да откриете што има внатре а потоа во мир да си запалите свеќа и да си спомнете на некого.
Пред влезот се прекрстуваме, потоа уште еднаш пред пултот на кој лежи икона на светец а потоа уште еднаш пред олтарот и така неколку пати. Толку пати колку мислиме дека е доволно. Додека ни дојде вистинската мисла која планираме да си ја спомнеме пред некоја наша омилена икона. „Немам мисла“ си велиме и со мали, скромни чекори се движиме низ црквата и повторно доаѓаме до истото место од каде се влегува. Спонтано ни доаѓа мисла „Еве, сега знам што да си кажам!“ Се приближуваме повторно до пултот и овојпат подобро забележуваме дека тука лежи икона на св. Богородица. Се прекрстуваме и си ги спомнуваме нашите мисли со кои бараме утешение од Господ.
И само што успешно сме помислиле кога види што има на пултот. Веднаш над иконата на св.Богородица лежат 1 пар црни, памучни, машки чорапи.
Не оставаме еден мал детал да не дефокусира и да ни ги расипе убавите мисли па, затоа разгледуваме низ црквата и гледаме кон убавите ѕидни икони а потоа полека кон излез. При крајот обесен, врамен документ за црквата на кој пишува село Говрљево со буквата „Љ“.
св.Марина, параклис во Манастирски комплекс; фото: Игор Манев
Иако официјален документ кој треба да означува некаква фактичка состојба на него имаше и добри работи да се прочитаат меѓу кои и тоа дека црквата била изградена уште во времето на Римското царство во 1000 година а потоа реновирана во 1446г. Со доаѓањето на Турците таа била срушена и повторно изградена во 1936 врз старите темели.
Со оглед на тоа каква историја имала св.Трипун оваа црква е навистина во целост убава и пристојно место за посета. Вреди повторно да се дојде. На излезот се прекрстуваме а потоа се упатуваме кон останатите цркви од комплексот.
Меѓутоа, одејќи нагоре почнавме да се прашуваме, кој ги оставил бре овие чорапи овде на само 2-3 метра од олтарот? Иако со чувство на одбивност, репулсивност сепак, ги погледнав убаво тие беа со големина 40 и произведени од Кина. Евтини се, на пазарче се наоѓаат 3 за 100ден. Ама зошто, зошто, кое е значењето на чорапите во црква? Дали молитвата ќе биде поуспешна ако оставиме волнени чорапи сплетени во Македонија? Или што доколку тие се со бела боја наместо црна?
За првпат приметив во Велес пред околу 15 години на закоп, масовно се делеа чорапи на сите присутни. Тогаш не слушнав и не прашав но, до денес навистина не знам што е значењето на чорапите во однос на православието? Чорапите во изминатава декада се проширија во многу цркви и во Скопје.
Што се однесува до Говрљево повторно слични прашања: „Па добро бре кој е овој неписмен што така запишал со Љ?“
Официјален документ за фактичка состојба на св.Трипун, с. Говрљево, Манастирски комплекс;
фото: Игор Манев
И така прашувајќи се оставивме многу прашања неодговорени ама и покрај тоа продолживме да ги бараме останатите цркви. Но колку што дознавме останатите не се во добра состојба и тие религиозни објекти чекаат спонзор за да се изградат комплетно, да бидат функционални.
Една од тие е св. Марина параклис, мала црква во која не се врши литургија бидејќи нема финансии за да се изгради и да се вклопи во т.н. Манастириски комплекс. Од таа причина би рекол дека сегашната состојба може слободно да се нарече како Манастирски моноплекс или дуплекс, бидејќи има само една или две цркви во кои се врши литургија. Дали е комплекс Манастирски?
Кога разбрав дека дури и црквите чекаат со години на спонзор си помислив: „Што останува за нас кои се обидуваме исто така да најдеме некое мало спонзорство? Ако нема за црква како ќе има за веб страници во доменот на новинарството?“
Средишен дел од имотот во Манастирски комплекс, гостилница; фото: Игор Манев
Во средишниот дел на т.н. Манастириски комплекс има гостилница и тоа е право место за починка, за да си к`снете нешто малку и да се напиете вода, кафе, чајче пред да си заминете.
Ние туристички: Може ли да седнеме на масата?
Женичка од гостилница: Може, може слободно повелете
Ние: Благодариме
Седнавме, фативме празно место иако на маса немаше друг. Распославме нешто ситно за јадење ама предходно си поставивме хартија над масата.
Женичката: Да ви дадам по едно чинивче?
Ние: Благодариме имаме, еве, ставивме хартија.
По кратко време додека јадевме, се појави еден постар човек пензионер носејќи ќеса со јадење и пијалоци па и тој не праша:
Пензионер: Добар ден, како сте?
Ние: Арни сме, арни.
Пензионер: Сакате малку ракичка?
Ние: Не, благодариме имаме сокче. Јас возам и треба да се враќаме до Скопје.
Не помина многу време кога ете ја женичката повторно и носи парче од погача.
Женичка: Земете си погача, денес е празник св. Кузман и Дамјан, лебчето е од попот.
Ние: Благодариме ќе земеме.
Тоа беше лебче што го раздаде локалниот поп, не успеавме да дознаеме како му е името. Најверојатно тој служеше во комплексот.
На крајот се појави уште еден пензионер мустаклија кој изрази желба да седне до нас и да поразговара. Најпрвин мене ме понуди со пиво и откако го одбив тој седна на дрвената клупа на која седевме и ние.
Ме зачуди тоа што двајца не понудија со алкохол. Иако, бевме во гостилницата сепак и овој објект беше во рамките на Манастирскиот комплекс.
Тоа што ни го кажа мустаклијата се однесуваше на него, по потекло од с.Говрлево и земјоделец кој сега во пензија го крепи сопственото здравје.
Бил сопственик на нива кај стариот дел од с.Говрлево, во близина на Неолитската населба. Ни раскажа дека токму таму, пред неколку години, додека орал со трактор одеднаш осетил дека закачил нешто со металниот плуг. Погледнал назад ама не можел да види јасно. Затоа се симнал од тракторот и приметил нешто налик на еден голем глинен ќуп.
Се израдувал и си помислил: „Сега е готово сè ќе фрлам, злато е!“ Кога се доближил до ќупот го фатил со раце и го завртел неколку пати за да го откопа целосно а потоа убаво погледнал во внатрешноста. Арно, ама ќупот бил полн со земја а желбата да се збогати за кратко време не му се остварила.
Раскажуваше така и сеуште му се гледаше некаков сјај во очите и зениците му беа раширени. Сеуште го држеше надеж дека еден ден нешто вредно ќе откопа во неговата нива. Не покажуваше тој никакво чувство на разочарување од празниот ќуп.
Времето брзо минува со убави муабети. Нашето исто така, време беше да се поздравиме со сите во гостилницата и да продолжиме со нашата туристичка прошетка.
Се упативме кон последната дестинација за тој ден, црквата св. Кузман и Дамјан. Место каде на 14 Јули се случи Собир на верници од православието.
Веднаш по мовчето и со остра кривина в лево излеговме од главниот асфалтен коловоз и се приклучивме кон спореден макадам пат кон црквата. Патот за никаде, потсетуваше на оној пред стариот дел од с. Говрлево. Таму каде ниту куче немаше да залае.
За среќа немаше ниту километар и веднаш стигнавме до нашата дестинација. Тоа е најубавиот објект во околината, црквата св. Кузман и Дамјан.
Бели алишта заврзани на гранка од дрво надвор од црквата; фото: Игор Манев
Надвор од дворот на црквата имаше многу разеленети дрва, некои од тие со широки стебла ама само едно од сите се издвојуваше. Не е заради природната старост на дрвото од неколку стотици години па, за да можеме да се восхитуваме на широката крошна и дебелата кора на стеблото кое прави голема сенка. Туку е заради човечки фактор.
Имено, некои луѓе си земале за право да врзат облека на само една гранка од тоа дрво. Бели алишта наредени едно до друго во низа по целата должина на гранката. Бели гаќи машки и женски, бели маици, бели кошули, мантили и што ли уште не.
Веќе беше сосема јасно!
Тоа е пагански фетиш кој претставува еден вид верување во маѓична моќ на објекти, во овој случај облека, за подобра сексуална моќ односно маѓична потенција. Паганска традиција која за жал, сеуште се провлекува и одржува во некои места низ Македонија.
Употребата на облеката асоцира на бајачи и гледачи кои ги има многу низ државата и доколку истите ги прашате, од каде им е таква моќ да гледаат и да пророкуваат тогаш, тие за себе зборуваат и тврдат дека се поврзани со Господ.
Луѓето што ги посетуваат нив, во бајачките соби, велат дека со себе носат предмет или најчесто облека па, така бајачот може преку парталчето да прогледа и да каже нешто во корист на пациентот.
Факт е дека градските власти во градот Скопје досега направија голема сеча на дрва во парковите и по уличните дрвореди. Но, се прашувам како успеале да ја промашат со моторна пила токму оваа фетиш гранка од дрвото?
Црквата св.Кузман и Дамјан е бисер во целата околина на Сопиште. Нејзиниот сјај ги засенува овие пагански дела и ги привлекува сите христијани на Собир. Оваа црква е вистински апдејт update, духовна надоградба на фигуринката Адам од Говрлево.
Значењето на статуетката, објаснето според специјалистите за Неолит е дека Адам претставува предтекст на библијата. Како уметничко дело направено во позиција на длабок инспириум и со акцент на Адамовото торзо со јасно испактнат р`бет.
црква св.Кузман и Дамјан, с. Говрлево, општина Сопиште, фото: Игор Манев
Откако ќе ја поминете портата на св.Кузман и Дамјан ве води кратка патека директно кон храмот. Наспроти влезот се наоѓа свеќарник со многу свеќи, некои сеуште горат.
Ентериерот на црквата фасцинира со несекојдневен мурал чија композиција е составена од 8 луѓе. Во горниот дел се наоѓа мајка Богородица со широко раширени раце, со дланките насочени кон нас посетителите. Нејзиниот поглед е смирен и насочен кон една мајка со бебе која стои во долната лева страна од муралот.
Во скутот на мајка Богородица седи нејзиниот син Исус Христос со раширени раце но, со поглед насочен централно кон влезот во црквата. Двата библиски лика седат во една голема фонтана од која со 3 млаза истекува вода за пиење и се собира во сад во форма на крст. Водата за пиење е наменета за луѓето кои ѝ пристапуваат од двете страни, тројца од лево и тројца од десно.
На левата страна од муралот се наоѓа мајка со бебе во нејзината прегратка а вториот човек е постар со брада држејќи глинен сад во раце и приоѓа одејќи кон водата. Третиот е помлада девојка која со наведнато тело и со крената глава гледа кон Богородица и Исус. Со нејзината лева рака нешто бара, некаква помош а во десната рака држи некаков неидентифуван предмет.
На десната страна има исто така три човечки фигури од кои една девојка и двајца мажи. Девојката во раце држи вазна во висина под нејзиниот папок. Таа нема бебе но со тоа што вазната ја држи во линија на нејзината матка покажува дека посакува да има пород. Вазната е празна но има намера да ја наполни од водата за пиење.
Вториот човек е помлад но со бела коса, со рацете насочени кон Богородица и Исус бара некаква помош. Третиот човек е најмлад и тој најпонизно од сите клечи на колена и со едната рака исто така бара помош а со левата држи некаков предмет, не е јасно што.
Муралот и мермерен сад за собирање на водата од изворот во црква св.Кузман и Дамјан; видео: Игор Манев
Изворот Источник кој истекува од висина на мајка Богородица и синот божји Исус Христос, според муралот, има лековито дејство и помага на жените и девојките да добијат плод. Водата за пиење ја заситува човечката жед доволно за да го продолжи поколението на тие што бараат помош. Сите се прифатени со раширени раце.
Ѕидното сликарство во црквата св.Кузман и Дамјан има интересно наративно објаснување, раскажување кое може лесно да се протолкува доколку имате барем малку прочитано од библија.
На реален начин изворот со вода за пиење е достапен за верниците и посетителите. Не треба да се кажува многу, тие што бараат самите се препознаваат себеси и веднаш во раце ја земаат металната чаша со долга дршка. Ја потопуваат во водата на изворот Источник и си налеваат во шишенце или пак веднаш пијат. Прекрасно доживување, на овие летни горештини водата во црквата св.Кузман и Дамјан навистина веднаш ви ја гаси жедта.
Излеговме надвор и таму покрај свеќарникот си седеше една постара женичка. Не изгледаше дека сака пород но, водата за пиење изгледа како да ѝ даде свежина на нејзиниот лик. Не гледаше љубопитно и желна беше за разговор. Затоа ја прашав:
Игор Манев: Се напивте и вие од водата?
Женичка: Да, да се напив и јас. Многу е убава водата.
Игор Манев: Ладна и чиста.
Женичката: Ладна и чиста да, да. (се насмевна)
Игор Манев: Лековита ли е водата?
Женичката: Лековита е, лековита. Помага за женски проблеми и на жени и девојки кои немаат деца. Помага и на тие што имаат очни проблеми. Така вели баба Рада.
Ех, таа баба Рада. Во текот на денот ја слушнавме 3 пати до сега. А замислете си никој не ги спомнува свештените лица. Што велат тие за лековитоста на водата?
Муралот на црквата кажува дека водата ги лекува сите жени, девојки и мажи кои бараат помош од Богородица и Исус Христос. А симболика за лекување на очи никаде не видов во црквата, мурал кој би требало да е насликан со некој светец или светица, простете ми ако не забележав појасно.
За крај само ќе ви пренесам едно размислување на мои роднини од Америка кои беа во посета на Македонија. Сите Македонци во странство а не само моите роднини, се како сув сунѓер кој во допир со вода впива максимално.
Водејќи ги до разни интересни места во Скопје и низ Македонија јас лично забележав дека моите роднини се многу љубопитни да впијат што е можно повеќе информации за нивните корени од Егејска и секако овој дел Вардарска Македонија.
Имено, тоа што се издвојува за разлика од другите историски локалитети во Македонија е музејот на Град Скопје во кој се експонира фигуринката Адам од с.Говрлево. Се сеќавам кога им пренесов на роднините дека статуетката датира 5000г. пред раѓањето на Исус Христос тоа кај нив предизвика големо чудење и реагираа со зборовите: „Wow that is so deep!” а други со чудење прашуваа: „7000 thousand years back in the history?”
Американците не можат да сватат колкава историја имаме сите ние заедно овде во Македонија. За нив 7000 години е толку голема временска дистанца што во прв момент се збунуваат. Дури можете да приметите на нивните лица како јасно се појавува израз на чудење, со високо подигнати веѓи и заокружени усни а потоа израз на восхитување кој се гледа со пријатна насмевка и очите светкаат, некава блажина се приметува целосно на нивните ликови. Горди се на нивните Македонски корени.
Адам од с.Говрлево е голем светски туристички потенцијал. Кога можат во Америка да прават туристички атракции од локалитети во кои се пронајдени коски од праисториски животни како Диносауруси, Тираносауруси, Апатосауруси тогаш, зошто Македонците да не можат да привлечат туристи за глинено дело направено од Неолитски човек?
На интернационалниот аеродром во Чикаго, Илиноис, при една моја посета во 2001г. во една хала низ која минував на самиот почеток од десната страна забележав некакви големи коски кои во првиот момент не можев да сватам за што се работи. Тоа беа две огромни стопала со канџи. Со поглед ги следев нагоре коските над стопалата кои беа споени по редослед и тоа почнувајќи од подколеница, колено, бутни коски, карлица, `рбет, ребра, градна коска, коски на мали раце со канџи, вратни пршлени и на крајот глава со огромни заби и силни вилици. Верувале или не, тоа беше целосен скелет на Тираносаурус кој во висина беше некаде околу 10 метри. Незнам како успеале да ги спојат сите коски така цврсто за да Тираносаурусот стои исправено но, знам дека јас лично во тој момент се почуствував многу малечок. Навистина беше фасцинантно и незаборавно.
Пишува: Игор Манев
дата: 14 Август, 2017