Македонскиот вентилатор создава торнадо

Што се однесува до дизајнот на сегашното македонско знаме иако е запишано дека зраците се вкрстуваат сепак, не е доволно јасно како тие се вкрстуваат?
  Многумина немаат повеќе намера сопственото време да си го губат на следење политички новости преку Вести на телевизиите или дневните печатени весници. Еден од тие сум и јас. Но бидејќи се работи за Македонија сепак, изгледа дека мнозинството македонци понекогаш ги спуштаат сопствените штитови за одбрана од медиумски партиски пропаганди. И така првичната сопствената одлука и намера ја менуваме со оправдување дека само уште сега, само малку да слушнеме и да чуеме што е тоа што ја повредува нашата нација? А потоа повторно политиката ќе ја оставиме како споредна работа.
 
  Веднаш по Новогодишните празници во Јануари се појави една споредна информација која можевме слободно да ја оцениме како неважна и небитна затоа што изборите завршија во Декември а резултатот беше фифти/фифти 50/50. И бидејќи исходот остана нерешен мнозинството граѓани, барем според неврзани разговори со пријатели и тоа што го слушавме од медиуми, сметаа дека сега е ситуација која треба да си ја решат политичарите, нивна битка што треба самите да си ја извојуваат за партиска доминација во македонскиот парламент.
  Таа информација беше објавена само еднаш и кој прочитал, прочитал. Затоа најголемиот број македонци останаа неинформирани па понатаму истата информација усмено се пренесуваше меѓу народот како преку „расипан телефон“ а тоа не беше доволно аргументирано и верно на вистината. Штитовите за одбрана од политичка пропаганда беа подигнати и тие спречуваа разни варијанти и сопствени толкувања за тековната политичка состојба да допрат до нас и да не вознемират.

  Како да се протолкуваат сопствените штитови? Тоа се субјективни начини на одбрана во тек на разговор кои се манифестираат со вртење на главата или рацете во правец лево-десно. Или пак вербално се изразуваме па велиме: „Не ме интересира политика, дај кажи нешто друго...знам за тоа...незнам што е тоа..!“ ит.н. На овој начин ние свесно одбиваме информации кои не ни се потребни во секојдневниот живот и затоа се однесуваме одбрамбено секој на свој начин. Свесно селектираме и ги одбиваме споредните работи.
  Но македонските политичари не би биле манипуланти ако на силен и агресивен начин не го пробијат нашиот штит и го привлечат нашето внимание кон нив. Тие се луѓе на кои повеќе им е важно да бидат во топ светло на сцена за сите да ги гледаат и слушаат отколку да се занимаваат со сопствените работи за кои се платени и избрани од народот. Тие се луѓето кои во изминативе пар месеци успееја повторно да ја уловат нашата радозналост.
  Имено, сите тие информации кои на почеток изгледаа како неважни денес секојдневно се топ тема и не тераат да размислуваме и разговараме. Тоа е т.н. Албанска платформа! 
Ќе се задржам само на еден дел, од истата, а тоа е барањето на албанските туристи за отпочнување разговор и дебата за знамето запишано под првата точка на следниов начин:

1. Постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и
уставот
- Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.

  Новото знаме на Република Македонија со закон е усвоено и објавено во службен весник од 06.10.1995 година. И стапувајќи веднаш на сила ја прекина важноста на предходното знаме, сонцето од Вергина со 16 зраци, кое во службен весник беше објавено во 1992 година.
  Според член 2, македонското знаме се опишува како сончев диск со 8 сончеви зраци кои се простираат до рабовите на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето.   Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Знамето на Република Македонија е црвено со златно - жолто сонце.
 
  Интересно е да се спомене дека на сличен начин се опишува и јапонското фашистичко бродско знаме на воената морнарица од времето на втора светска војна. Па, се спомнува дека знамето е илустрирано со осум црвени сончеви зраци кои произлегуваат од црвениот круг во средина и го симболизираат изгрејсонцето. Военото знаме се употребувало во воената морнарица на империјалната Јапонија.
За разлика од оваа варијанта на морнарицата, примарно знамето на империјалната јапонска копнена армија било со 16 зраци и истото потекнува од 1870 година за време Мејџи период. Сличен дизајн бил прифатен во 1889 г. како знаме на империјалната јапонска морнарица со 8 сончеви зраци.
Војската на Јапонија во времето на втора светска војна имала 2 знамиња, едно со 8 сончеви зраци за морнарицата и едно со 16 сончеви зраци за копнената армија.

  Уште по блиску до дизајнот на јапонското фашистичко знаме со 8 сончеви зраци бил Американскиот Дикал - Decal кој бил дизајн припремен на специјална хартија за трансфер на друга површина како стакло, порцелан или метал.
  За американските воени авиони од втора светска војна, Авио Корпорација Боинг го обезбедила овој Дикал врз кој американските пилоти запишувале колку јапонски авиони срушиле во Пацификот. Дикалот бил стилизација на јапонското знаме а американските пилоти го залепувале надворешно на металните лимови или внатрешно во кабината на авионот. Пораката на Дикалот за пилотите била: „Комплименти од Боинг“.
Македонско знаме објавено во службен весник од 06.10.1995 година, фото: pravo.org.mk
Боинг авијација јапонско знаме “Воздушна победа дикал”, фото: flagcollection
  Бидејќи Јапонија беше во оската заедно со Германија и Италија често нивните знамиња се вееле на исто место. Доказ за тоа е фотографијата во црно-бела техника на која јасно се гледаат јапонското и германското фашистичко знаме високо закачени на задниот ѕид од еден хангар за време на еден нивни заеднички собир.
  Под знамето на фашистичка Јапонија, Италија и Наци Германија со т.н. Свастика знаме настрадаа околу 50 милиони луѓе ширум светот, од кои само 6 милиони Евреи по концентрациони логори.
Јапонско и Германско знаме се вееја на исто место, фото: anti-sunriseflag
  Што се однесува до дизајнот на сегашното македонско знаме иако е запишано дека зраците се вкрстуваат сепак, не е доволно јасно како тие се вкрстуваат? Тоа што е очигледно е дека зраците со златно-жолта боја не се вкрстуваат бидејќи така не се нацртани. Но најверојатно авторот си замислил дека тие се вкрстуваат во централниот диск иако така не изгледа. Не е видливо! Значи, останува ние да го прифатиме сликовитото толкување за изгледот на знамето со мала доза на имагинација дека зраците се вкрстуваат во централниот диск.
  Како е прифатен дизајнот на ова знаме? Што се однесува до транспарентноста, пред да се прифати било каква уметничка понуда за дизајн, во минатото беше објавен јавен конкурс за ново македонско знаме од една државна институција. Потоа беше даден извесен рок до кој граѓаните можеа да размислуваат и да креираат дизајн со кој Република Македонија би требало да се презентира на целата наша територија и ширум светот.
  Но тоа што не беше доволно транспарентно е токму одлуката за новиот дизајн, со сончев диск и 8 сончеви зраци, да биде нашето ново знаме. Се сеќавам дека имаше многу коментари пред сè од луѓето во уметничката фела кои јавно ги изразуваа своите незадоволства и чувства дека дизајнот не ја презентира во целост Македонија и дека се излажани. Затоа, новото официјално знаме на Македонија покрај новата позиција високо на јарбол го доби и прекарот „вентилатор“.
 
  Барањата за дебата, читај промена на знамето, во т.н. албанска платформа е всушност зрела птица Кукавица чие јајце беше вметнато во македонското гнездо во 1995 година. Толкувањата дека предходното знаме со сонцето од Вергина никаде не се веело во последните 100 години низ македонската историја, исто толку важат и за сегашниот „вентилатор“ од Скопје.
 
  Нејсе, од тој период па наваму македонското ново знаме почна масовно да се произведува и на тој начин стана достапно во сите варијанти, од знаменциња за канцелариски маси, беџови, пенкала, нотеси, налепници, маици, обувки, везени амблеми за облека, знаме во вистинска големина…                                                                                     
  Под ова знаме нашите професионални спортисти постигнаа најголеми успеси во кошарката и ракометот а во исто време македонските фанови верно ги вееја двете знамиња, едното со сонцето од Вергина и второто со сонцето од Скопје.
  Сличноста во дизајнот на знамињата е толку голема што мислам дека кога некој би го развеал јапонското фашистичко бродско знаме со 8 зраци во публика, на некој спортски натпревар во кој учествува македонската репрезентација, може да се случи никој да не примети. Или пак, јапонското бродско знаме на изгрејсонцето да се вее во публика подолго време а потоа некој би приметил дека нешто не е во ред со македонското знаме.
  Земајќи го фактот дека такви натпревари од национален карактер скоро секогаш се пренесуваат на телевизија во живо, веењето на јапонското бродско знаме со 8 сончеви зраци во публика би предизвикало големо незадоволство кај македонските гледачи кои би го следеле тој спортски натпревар. Ништо не би било чудно доколку се случи и некаков инцидент.
Музеј на авијација во Дејтон, Охајо, УСА, 2002 година, фото: Игор Манев 
Јапонско фашистичко знаме од втора светска војна, фото: anti-sunriseflag
  Фактите од историјата треба да се почитуваат за да не ни се повторат истите настани, е правило кое често го слушаме и читаме. Во оваа насока ќе спомнам едно мое искуство од 2002 година при една моја посета на аеро музејот во Дејтон Охајо, УСА.
  Видов извонредна колекција на оригинални експонати кои беа изложени со датуми од огромен временски период почнувајќи од самиот почеток на раѓање на авијацијата. Со летечката машина конструирана од браќата Рајт, 17 декември 1903 година, до капсулите-модули од серијата вселенски мисии Аполо на НАСА и воените авиони од серија Стелт F117.
  Сепак, еден посебен момент ми привлече внимание а тоа беше јапонското фашистичко знаме кое е исто така експонат во музејот. Сличноста на ова знаме со нашето сегашно македонско знаме беше толку голема што веднаш се запрашав зошто двете знамиња толку си наликуваат едно со друго?
  И токму кога си помислив дека само јас така размислувам бидејќи сум од Македонија, моите постари роднини ми го поставија истото прашање: „Why the Japan flag looks so much alike to Macedonian flag?” Мојот одговор беше: „I do not know”. Не знаев тогаш а верувајте ми дека дури ниту до денешен ден јас не успеав да најдам одговор на прашањето зошто македонското знаме толку многу наликува на јапонското фашистичко знаме?

  Во музејот на Дејтон Охајо посетителите постојано си поставуваат прашања од кои многу остануваат неодговорени. Но затоа американските историчари се на располагање да ви ги кажат одговорите кои заедно со оригиналните експонати од минатото на нашата цивилизација се непобитен факт.
Што се однесува до прашањето, за сличноста на македонското знаме со јапонското фашистичко знаме, одговорот треба да го кажат нашите историчари во нашите музеи за македонската историја. Имаме ли одговор за тоа?

  Прошетката во американскиот музеј продолжи со восхитување предизвикано од несекојдневните глетки. Заедно со моите роднини често пати покажувавме со показалец кон многуте аеро експонати или пак ги допиравме со дланка. Допирот со нашите раце овозможуваше директен контакт со минатото време и тоа е незаборавно искуство. Со мојот фотоапарат и Кодак филм постојано сликав одлични кадри а фотките од тоа време ги чувам до денешен ден. Толку многу оригинални експонати што сликајќи потрошив неколку филмови и повторно не успеав вечно да ги уловам и оние експонати изложени при крајот на нашата посета во музејот.
 
Пишува: Игор Манев
26 Март 2017г