Секој студент
Студентите се идните водачи. Тие ќе го променуваат светот во согласност со нивните убедувања, верувања, вредности, морал, креативни идеи, знаења и вештини, кои во голема мера ќе ги стекнат за време на студирањето.
Јас користам еден слоган (променет карактер, променето општество).
„Секој Студент“ е студентско движење. Ние сме свесни дека знаењето е сила и моќ. Токму затоа е од суштинска важност за општеството таа сила и моќ да биде сконцентрирана во луѓе кои се изградени личности и карактери. Ако знаењето, а со тоа и силата и моќта, бидат во рацете на луѓе кои сето тоа ќе го злоупотребат тогаш тоа е еднакво на општествено самоубиство. Поради тоа „Секој Студент“ се стреми кон изградба на личноста и карактерот на идните водачи (студентите). Стивен Кови, авторот на „Седумте навики на најефективните луѓе“ објаснува дека ние како индивидуи треба да се изградуваме во четири основни области:
- Физичка добросостојба
- Емотивна/социјална зрелост
- Интелект
- Духовност
Наша желба е студентите да бидат изградени во сите споменати четири области, тоа е како еден автомобил што се движи на четири тркала.
Особено сметаме дека треба да се посвети внимание на духовниот и интелектуалниот аспект бидејќи тоа е од суштинска важност за развој на личноста. Тоа што личноста го верува и како размислува, во најголема мера ќе ги обликува нејзиниот карактер, вредности и приоритети. Од тоа ќе зависи и какво ќе биде нејзиното влијание во и на општеството.
Стефан Блажевски – едукатор и ментор на студенти
„Секој Студент“ е студентско движење кое е комплементарно со универзитетите. Зошто? Студирањето на некој универзитет самото по себе не нуди одговор на најсуштинските животни прашања, не ги припрема доволно за животот во реалниот свет после дипломирање и не може да обезбеди квалитетна изградба на личноста и карактерот. Универзитетите преку наставните програми не се обидуваат да дадат одговор на најважните животни прашања како: „Што значи да се биде човек?“, „Како да ги поставам вистинските цели во животот?“, „Зошто има зло и страдање?“, „Дали животот има некоја смисла?“, „Што по смртта?“ „Што значи да се има квалитетен, успешен и исполнет живот?
Поради игнорирањето на овие прашања од страна на универзитетите тие не успеваат за студентите да создадат целосен, кохерентен, поглед на светот. Затоа, за многу студенти е тешко да го интегрираат нивното академско знаење со реалниот живот.
„Секој Студент“ ја пополнува оваа празнина. Ние сакаме да создадеме средина во која ќе се истражува живот кој е вреден за живеење. Сакаме студентите да излезат од студии со јасност за животот и со надежна визија за нашиот свет.
„Секој Студент“ е студентско христијанско движење кое работи во цел свет. Основано е на Универзитетот UCLA во САД 1951 година под името Campus Crusade for Christ. Моментално има над 25 000 вработени и уште илјадници волонтери и студенти кои помагаат во работата. Делува во над 195 земји во светот, а во Македонија почна со работа во 1997 година.
За остварување на целите организираме повеќе активности:
- семинари (за ефективно учење, за емоционална интелигенција, лидерство за успех)
- кафе дискусии
- трибини
- форуми
- спортски активности
- истражувања на Библијата (со цел да се разбере нејзината основна порака и да се согледаат принципите на кои се темели здрава личност и водач)
- лични менторства (правење на план за лична изградба и следење на прогресот)
- студентски викенди
- летни проекти
- Студентски самит
- интернационални проекти, конференции Пишува: Стефан Блажевски, едукатор и ментор на студенти, вработен 7 години во студентската организација Секој Студент. Датум: 7 декември 2016