Поплавените подрачја во фатаморгана (Интервју со д-р Ставре Грамов спец. Невропсихијатар)
Влагата е навлезена низ куќите во поплавените подрачја и не само тоа, влагата навлегува и во организмот на луѓето. Навлегува преку вдишување и предизвикува иритација на дишните органи која се манифестира со често кашлање. Се шири и подлабоко во белите дробови и продира во длабочина кај постарите, со по слаб имунитет, за да потоа се појави белодробно заболување, со воспаленија, висока телесна температура.
За жал, немаме никаква официјална евиденција што се случува со здравјето на жителите во с.Стајковци, с.Арачиново… Министерството за здравство покажуваше некаква иницијатива во првите денови по 6 Август но подоцна, како изминуваше времето, граѓаните беа оставени самите на себе. Колку жители од поплавените подрачја се заболени од белодробни заболувања, ревматски артритис, нервни растројства? Со сигурност се знае дека веднаш по поплавата имаше луѓе кои добија мозочен удар и починале но не се водат како жртви директно од водата! Со сигурност се знае за луѓе кои од стрес доживеале срцев удар! Зошто на официјалната страница од Министерството не постои било каква евиденција за овие заболувања во бројки, зошто се крие?
Куќите во с. Стајковци сеуште не се спремни за зимата која доаѓа и затоа голем број од жителите сеуште престојуваат во привремени прифатилишта, домови одредени од државни институции - Црвен крст на Македонија.
Луѓето кои ја преживееја поплавата во с.Стајковци живеат навидум нормален живот но на хоризонтот тие гледаат „замаглување“. Тешко им оди да си замислат и се прашуваат како ли ќе ја преживеат зимата која чука на нивните врати, во нивните оштетени домови?
Реставрација на нивните куќи, во кои сеуште живеат, е започната уште оддамна 15-30 денови од 6 Август но резултатите одат многу бавно. Имено, ѕидовите и подовите се сеуште влажни, не се суви и затоа имаме вистински случаи каде и покрај ставање на т.н. подна кошулица таа и по 20 денови сеуште не е сува. А ако кошулицата не се суши тоа значи дека не може врз таа да се стави паркет, ламинат, плочки или било каков материјал за подна изолација.
Куќа во с.Инџиково со влажен ѕид, фото: Игор Манев
Неизвесноста трае и навистина постои реална состојба за која логиката ни ја толкува како ситуација за која не се знае колку време ќе биде непроменлива. До кога треба да се чека за да нивните домови се оспособат за нормален живот? Не постојат мерливи параметри преку кои може да се пресмета, предвиди кога последиците од поплавата ќе се санираат. Затоа настраданите жители не го гледаат хоризонтот од каде треба да излезе сонцето.
Во продолжение на разговорот со д-р Ставре Грамов спец. Невропсихијатар, откриваме дел од тешкотиите на жителите од с.Стајковци, с.Арачиново...
Игор Манев: Граѓаните од поплавените подрачја, покрај тоа што се во стресна состојба, дали работните обврски им претставуваат дополнителна тешкотија, какви се нивните реакции на работно место?
д-р Ставре Грамов: Овие пациенти се мала бројка за да можам да дадам одговор на таа комплетна слика за тоа што се случува на теренот, но од овие 4-5 случаи само двајца се во работен однос. Некои земаа слободни денови, одмор или беа ослободени од работни обврски и тоа беше период само од околу 2 седмици. Овие случаи беа водени преку ФЗОМ така да беа ослободени од партиципација, а постоеше договор и меѓу лекарите да пациентите не бидат дополнително изложени на материјални трошоци за да не се отежнува економската состојба.
Боловање не се отвори кај овие пациенти но мислам дека дел од нив имаат потреба и од такво нешто. Особено специфична ситуација е тоа што тие луѓе сеуште треба да учествуваат во санација на нивните домови. Нивните услови дома треба да се адаптираат за да можат зимата да ја поминат таму. Иако мислам дека не ќе можат да ја презимат Нова година таму. Веројатно ќе треба реновирање од поголем зафат.
Како се спроведува психотерапијата, тие што побараа помош од вас. Покрај разговорот следува и препишување на лекови. За каква терапија се работи, дали оди комбинирано?
Покрај психотерапија следува и фармакотерапија, за смирување на анксиозноста понекогаш препишуваме антидепресиви, но најчесто применувам терапија т.н. од „сфера на клиентот“
или Роџерсова терапија, терапија на подршка или супортивна терапија. Тоа значи храбрење, бодрење и отворање на хоризонтите дека оваа состојба е надминлива и подигање на нивото на оптимизам при која се користи и сугестијата. Сите стимули за да се надмине овој стрес затоа што низ разговорот пациентот проаѓа низ една вентилација и интерпсихички конфликти и има добар ефект. Би било добро вакви терапии да се спроведуваат во групи бидејќи се работи за една специфична популација од рурална средина која реагира подобро за разлика од тие од урбана средина која реагира со поголема, подрастична ракција. Во рурална средина луѓето се под наводници „по здрави“ и ми се чини дека тоа беше еден протективен заштитен фактор.
За разлика стресната состојба, во Психијатрија, депресијата се опишува сосема поинаку. Тие пореметување се потешки за разлика од стресните кои можат да бидат акутни, хронични. Депресивните пациенти имаат едно постојано негативни чувства, дали пациентите кај вас имале предходна нарушена психичка состојба или пак, поплавата била тригер за премин од стресна во депресивна состојба?
Едниот пациент беше веќе на лекување од депресивно растројство и кое се реактуализира депресивната состојба како резултат на последната стресна ситуација-поплавата. Така да кај нив се пристапи со санација на оваа состојба која покажуваше депресивни симтоми. Посебно морам да кажам дека имаше една интезивна депресивна реакција кај пациент во чија фамилија имаше смртен случај од поплавата. Имаше реакција на тага и интезивни реакции. Останатите пациенти немаа знаци на депресија затоа што тоа е сеуште краток период за да можеме ние да увидиме дали ќе се јави таква реакција. Значи претежно беше анксиозна реакција со класични симптоми на општа затегнатост на телото, Тахикардија, несоници, тешко дишење кои се вегетативни симптоми но не значи дека и кај нив нема да се јават симптоми на Депресија. Најголемиот дел од нив се санираат во рок од 6-7 седмици и очекуваме дека до средината на Септември ќе имаме консолидација кај најголемиот дел од нив.
За разлика од овие, кај пациентот кој изгуби близок човек имаме класични симптоми на Депресија реакциите се интезивни со тага, обжалување, феномени кои се јавуваат периодично. Поминува од фаза неверување до фаза на укоченост и осудување и т.н. Кај овој пациент давам посериозна медикаментозна терапија.
Негативните чувства се доминанти кај депресивни луѓе но тоа што е карактеристично кај нив е дека тие исто така помислуваат и на самоубиство. Дали некои од овие пациенти имаат такви мисли?
Генерално велам дека кај овие 4-5 пациенти со Анксиозност немаше такви мисли со самоубиство. Но кај лицето што се лекува немаше предходно ама затоа по реактивирањето на депресијата, заради поплавата и губитокот на близок човек, нормално се јавуваа суицидни мисли но за среќа кај овие случаи што ги имав јас обиди за самоубиство немаше. Тоа беше една реактивна состојба на Депресија и не беше проследена со такви… Повеќе беше со чувства на безнадежност, немање сигурност за иднината, чувство на револт, на осуда и барање виновници а понекогаш вината ја пронаоѓаа и во себе. Така да тоа се типични депресивни симптоми и беа застапени кај овие два случаи за кои кажувам.
Дали чувствата им се подобруваат во моменти кога добиваат помош во форма на донации, финансиски средства и слична материјална помош?
Апсолутно, ефектот на донациите, ефектот на првата помош преку донации со вода, храна, топлиот збор, чувството на солидарност имаат неверојатен позитивен ефект. Мислам дека тоа беше круцијално и дека тоа беше суштинско особено кога знаат дека некој за нив размислува.
Инаку, без тоа тие се немоќни, изгубени и не го гледаат хоризонтот. Овие донации и помош предизвикуваат чувства на надеж дека сепак неој размислува, не се сами на овој свет. Дека и покрај тоа што несреќата ги погодила има некој кој размислува за нив. Особено тоа што имавме и меѓународна помош, сето тоа направи заедно со сите институции, НВО, волонтери сите тие направија добра клима и атмосфера.
Дали се чувствуваат подобро кога разговараат со вас, какви сугестии им кажувате вие?
Преку прераскажување на настанот, доживувањето на чувствата, споделувањето, тие се растеретуваат и настанува ослободување на таа негативна енергија. Кога има внимание, кога има чувство на емпатија тоа тие го чувствуваат. И тогаш психотерапијата има делување во комбинација со малку лекчиња. Генерално кај сите случаи состојбата е стабилна освен кај оној пациент кој имаше загуба на член од семејството, тоа и ќе потрае најверојатно до 6 седмици таа реакција на тага заради нешто што е незаменливо. За разлика кај другите случаи каде можеме да направиме санација на нивните домови ама за жал човечката загуба е незаменлива. Тука сме немоќни да ги вратиме назад нивните човечки загуби но можеме да ги направиме што е можно помали тие трауми.
Пациентите кои се јавија кај вас, со симптоми на Анксиозност и Депресија, колку време треба да помине за да исчезнат симптомите, да се стабилизираат нивните психички состојби?
Кај анксиозноста мислам дека треба да помине 4-6 седмици и најголем дел од нив ќе се консолидираат. Над 90% ќе се рехабилитираат и ќе се вратат во нормалните токови на животот. Еден мал процент 10% ќе имаат некои консеквенции особено оние кои веќе имале некој психолошки проблем. А овие што се со загуба на членови на семејство кај нив секако посерозна е состојбата. Особено тие треба да се следат во оваа наредна фаза со тенденција дополнително да им се помогне на тие лица особено сè што може од наша страна како психијатри. И нормално сè што може да се помогне од државата Македонија, како солидарна помош и т.н. Не можеме да го вратиме човечкиот живот но можеме да им помогнеме да ги надминат тие страотни тегоби. Човек кој е во тага и во жалост ако е во лоша финансиска состојба тој не може ниту лекови да си земе, ниту пак, да отиде некаде и да се релаксира. Значи ако им помогнеме материјално, со лекови или да им се помогне да отидат некаде да се релаксираат тоа многу ќе им биде во корист. Особено страдаа млади луѓе, јас не знам што покажуваат статистичките податоци но мислам дека во голем дел беа млади луѓе.
Како се спроведува психо и фармакотерапија кај депресивни пациенти?
Задолжително даваме анксиолитици, лекови за намалување на таа Анскиозност и да се смири тој психички тремор и немир во нозете, напнатост. Даваме лекови за спиење бидејќи несоницата е најчест симптом. Кај Тахикардија даваме исто така лекови анксиолитици бидејќи тие ги смируваат сите вегетативни симптоми. Се даваат кратко време додека кај посериозни состојби особено кај депресиите даваме антидепресиви и нормално психотерапијата како придружен елемент кој навистина има делотворност. (КРАЈ)
Интервју со д-р Ставре Грамов спец. Невропсихијатар, кликни на видео
Мислењето на жителите од настраданите подрачја, кога се работи за хуманитарната помош, е дека таа е селективна. Велат дека некаде се давале апарати за домаќинство машини за перење, фрижидер, шпорети и слично но не добиле сите исто. Некои добиваат помош во бела техника а некои не! Дали е тоа правилно и кој ги донира тие апарати?
Помош во градежни материјали како лепак за плочки и по 12 вреќи цементо за настраданите донираше црквата св.Спас од населба Драчево, најверојатно по иницијатива на тамошен поп Оливер.
СОС Детско село, нас. М.А.Ченто, фото: Игор Манев
Хуманитарната помош пристигнува и понатаму за Македонија, затоа мора да се спомнат овие светли настани кои секако ги охрабруваат луѓето да ги издржат последиците од поплавата. Нашите иселеници од Канада донираа околу 150.000 долари а Русија донираше 14 кутии со храна и вода за жителите од настраданите подрачја во Скопје и Тетово. Во помош се приклучи дури и ,,Детското село“ во нас. Ченто со донации од прибор за храна, ранци и облека.
Пишува Игор Манев
29 септември 2016г