Градежна дозвола за 150 денови со мултишалтерски систем

  Без разлика дали живеете во стан или куќа под кирија, или со вашите родители, доаѓа момент кога времето одбројува, и доколку имате план, прашање е само кога и како ќе се решите да направите еден чекор повеќе во вашиот живот. Го чувствувате времето за промена по која ќе живеете со сопствена куќа или стан, самостојно или со вашата сопруга и деца, фамилија.
  Плановите за новиот дом започнуваат со познати шеми и скици кои ние си ги цртаме, најчесто во слободно време, релаксирано и навалени во длабока удобна фотеља. Со молив или пенкало почнуваме да цртаме прави линии преку кои се формираат коцки и правоаголници. Геометриски фигури чии линии ги повлекуваме со рака низ белата хартија од А4. Фантазираме дека едната коцка ќе биде салон, правоаголникот спална, уште една коцка за детска соба и уште две мали квадратчиња за тоалет и бања. Убаво си замислуваме но со време сваќаме дека за конечна реализација потребен е архитект кој нашиот план ќе го доведе, низ институциите, до конечна реализација.

Нацрт план, шема за куќа, фото: sherwood-less

  Разговорот со архитектот започнува со прашањето како сакате да изгледа вашата куќа? А потоа на маса се ставаат сите наши ливчиња, листови од тетратки и нотеси на кои веќе сме нацртале како треба да изгледа внатрешноста и надворешниот изглед на новата куќа. Заедничка ревизија со архитектот кој ги следи нашите желби преку цртежи нацртани со молив и слободна рака. Откако се разгледани сите опции и сугестии понатаму, архитектот самостојно продолжува со создавање на проект за кој треба да се добие дозвола за градба.
Оваа дозвола владините политичари ја промовираа преку т.н. Едношалтерски систем кој требаше да го скрати времето за добивање на дозволата за градба на само 15 денови од денот на поднесување на било која планска документација за проект. Но дали навистина е така во реалноста?

  Барањето за дозвола за градба се поднесува електронски, е-одобрение за градење, преку ЗЕЛС – Заедница на единиците на локална самоуправа на РМ, која е во соработка со Владата и Министерство за сообраќај и врски.
  Најпрвин физичкото или правно лице мора да се регистрира на истиот линк, со сопствен мејл и лозинка. Информацискиот систем му испраќа код за верификација на мејлот од новиот корисник и од тој момент Барањето за одобрение за градење може електронски да се пополни и испрати. Постојат две јазични можности Македонски и Албански јазик.
  Откако ќе се креира барањето се отвора нова страна на која треба да се запишат основните информации. Доколку сакате да градите куќа тогаш таа спаѓа во втора категорија на градба во надлежност на општината каде се наоѓа локацијата. Следуваат и други информации но тоа што зачудува е дека на овој сајт на ЗЕЛС е-одобрение, под ставка Катастарска општина не постои населбата Ченто.
Заведени се Синѓелиќ, Сенѓелиќ 2 и Општина Гази Баба. На терен постои село Синѓелиќ но зачудува постоење на Синѓелиќ 2. Што е што? Што спаѓа пак под Катастарска општина Гази Баба? Интересно е да се спомене дека постојат Инџиково и Инџиково-вгр за кои се знае дека се села. Понатаму, постои населба Маџари но, населба Методија Андонов Ченто не постои како Катастерска општина која би означувала куќи, адреси во реонот на населба Ченто. Како е можно селата да бидат носители на Катастерски општини а цела една населба која е дел од градот Скопје да не постои?

ЗЕЛС, Е-одобрение, фото: Игор Манев

  По којзнае кој пат, да се потсетиме дека населбата М.А.Ченто го замени предходното име на населбата по Србскиот Бан Синѓелиќ, неколку години по одвојувањето на Македонија од Југославија. А според пописот од 2002г. Ченто броеше околу 73.000 жители. Било каква манипулација со името на населбата ја става во нечиј „џеб“ целата популација, најверојатно за изборни цели.
  Онлајн страницата на избирачкиот список покажува во 99% сличност во податоците ЗЕЛС е-одобрение за градба кога се работи за населбата М.А.Ченто. Од околината повторно постојат на список селата Инџиково, Стајковци, Идризово, населбата Маџари ама никаде нема опција за населбата М.А.Ченто.

Населбата Методија Андонов Ченто не постои на списокот, фото: Игор Манев

  Ако тешко се пронаоѓаме ние жителите на Ченто во овој онлајн јавашлук, чии адреси на домување постојат од 1963г., тогаш како ли се снаоѓаат жителите кои се по селата? Една од претпоставките е дека името на населбата Ченто крие огромен број диви градби и доградби, локации за бизнис, процес кој сеуште трае. Куќи и доградби кои се градат без градежна дозвола и чии адреси се водат на улици само со бројки, a исто и за ќуќните броеви. Дозволите за градба се добиваат на „жими мајка“ усмено во разговор со „човек од доверба“ кој бара пари за услугата. Значи, сопственикот може да почне со градба и тоа не се крие ама предходно мора да се платат извесни суми, финансии. Инаку доаѓа булдожер!

  Бидејќи се работи за информациски систем кој содржи информации, дата, кои постојано се додаваат со новите легални градби, се поставува прашање кој има одобрен влез и излез во целиот електронски систем? Одобрен access односно влез и излез овозможува опција за бришење или додавање на податоци и затоа 73.000 жители на населбата не постојат под опцијата нас. Ченто. Ако не постои во Архивата на информацискиот систем тогаш не постои друго место каде можат да се бараат адресите на живеење. Сè останато се квази називи и имиња кои вистински не кореспондираат со адресите па, затоа имаме Синѓелиќ и Синѓелиќ 2, потоа Инџиково и Инџиково-вгр... Единствените кои имаат можност да бришат податоци или да додаваат, освен вработените, се градоначалниците на општините и членови на Влада на Македонија.

  Во информацискиот систем за Е-одобрение за градба се испраќа Upload проектна документација во PDF или DWG формат (2D, 3D за тие кои работеле во auto CAD) но работата во оваа фаза ниту од далеку не е завршена. Бидејќи мора да се испратат Нацрт плановите за градба до ИЗИС каде професионалците прават ревизија на техничката документација за ново дизајнираните структури на објекти, анализа на градежната структура Статика и Сеизмика. ИЗИС дава финално одобрение за завршените работи на новите конструирани структури за објекти, куќа… Одобрението од ИЗИС се добива во просек од 20-40 денови.

  Приклучување на електрична енергија за новата градба е исто така дел од Нацрт планот. ЕВН бара одобрение за градба или решение за легализација на бесправно изграден имот.
ЕВН потенцира ,,бесправно изграден имот“ бидејќи тие многу добро знаат од сопствено искуство за ,,диви градби“ кои сеуште постојат во цела Македонија и на кои нелегално се правеа приклучувања кон Електрификациската мрежа. Односно, нелегално приклучување овомозможува и бесплатна струја, потрошувачка на електрична енергија.
  За сите легални градби се бараат лична карта и доказ за сопственост на објектот кои се во рамките на Закон за градење на РМ. Сите потребни информации се пополнуваат во БСП-1 образец кој може да се симне од сајтот на ЕВН. Барањето за Одобрение за приклучок на дистрибутивната мрежа не се испраќа преку интернет туку, мора на шалтер да се однесе во А4 формат на хартија. Одобрението се добива во просек од 20-40 денови.
  Водовод и Канализација исто така издава решенија за Приклучок на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација. Но и тука поднесувањето на документите оди шалтерски во форма А4 формат на хартија, откако ќе се превземе образецот од интернет. Документите се поднесуваат во Општина Гази Баба или единиците на локална самоуправа а потоа, службениците испраќаат до Водовод и Канализација. Одобрение се добива во просек од 20-40 денови. Овој просек во денови може да биде и повеќе од 40 денови во зависност од ажурноста на службениците во општината.

  Правилникот за начин на спроведување на постапка за добивање одобрение за градење на Електронски начин е смешен. Промовирањето на едношалтерски систем е ширење магла бидејќи истиот не функционира. Има многу шалтери, на кои мора во форма А4 на хартија да се поднесат Барања за решенија.
  Ниту пак истиот Правилник на Министерство за транспорт и врски не дефинира дека ќе добиете дозвола за само 15 денови, туку од денот на поднесување на документацијата започнува да „тече“ рокот на успешно испратена електронска порака. Еве пример за тоа: 
                                                                                                                                                        
                                                              
                                                              Член 10,  Засметување на рокови                                                                                                                           
  По поднесеното барање за одобрение за градење роковите при размената на податоци
започнуваат да течат од датумот и часот на успешно испратена електронска порака,
регистрирани во информацискиот систем е-одобрение за градење.

  Според добро упатените во градежните работи, професионалци и тие кои секојдневно ја работат оваа работа, вистинскиот просек за добивање дозвола за градба е околу 150 денови или околу 5-6 месеци чекање.

  Не се знае како „течат“ роковите за т.н.  „Типски куќи“ на пример за Едносемејна куќа – тип 1 . Дали таму функционира едношалтерски систем за 15 денови? Како главна фирма за инженеринг и проектирање, на сајтот на Министерството, е „Тиминг“ од Прилеп. Дали тие успеваат да стигнат за 15 денови?

Извештај за проект Едносемејна куќа тип1, фото: Игор Манев

  За изградба на „Типски куќи“ не се знае кој е инвеститор но изработувач е приватно Друштво за архитектура и градежништво чие име е „ЛЕЛЕЛЕЛЕ“ ДОО од Скопје. Можеби превод на странски јазик за Англичаните, Французите, Германците, Русите нема да значи ништо но во Македонија секој Македонец знае што значи Лелелеле. Тоа е извик за изразување чудење, болка и страв! Па имаме примери: Леле, ја скрши ногата! Леле, колку врне! ...Може ли да се верува на таква фирма или на основачите на фирмата кои ставиле толку несериозно име? А згора на тоа тие се овластени од државата. Колку за потсетување г-ѓа Чочоровска исто така предизвикуваше чудење со нејзините фирми. Денес, многу добро познати на МВР и ДЕА од УСА.
  Односот кон градење на нови градби, куќи, станови, доградби и т.н. мора да биде многу сериозен бидејќи тука се основаат многу македонски фамилии кои се основни клетки на Македонското општество.
  За позитивен пример во стимулација на нови бракови ќе ја земам Австралија, земја за која со сигурност знам дека се организираат наградни игри во кои учествуваат многу брачни парови штотуку венчани. На сите им се нуди еден голем сад во кој се наоѓаат куп клучеви но само еден е вистинскиот. Секој нововенчан пар зема по еден клуч и си ја пробува среќата. Приоѓаат кон влезната врата на новоизградена куќа и го ставаат клучот што го одбрале. Ако бравата се отклучи тие се среќните добитници и куќата е нивна, поклон од државата.
датум 9 Септември 2016г

Од веб страница на ЕВН