Адамовото ,,бегство“ од Бела чума
Големото археолошко откритие пронајдено во 2000г. на една парцела во близина на селото предизвика големо внимание кај македонската јавност. Фигуринката од глина беше пронајдена од г-дин Милош Билбија кој ја откопа од под земја, во неолитското место во с.Говрлево а потоа се погрижи таа да се однесе во градот Кил, Германија, за да се одреди точно нејзината старост и вредност.
Испитувањата беа финансирани од Универзитетотот во Љубљана под раководство на проф.Митја Густин со чии средства се спроведоа лабораториски Радио-Изотопски испитувања во период од 6 месеци. Резултатите објавени на 6 Февруари 2004г. покажаа дека фигуринката Адам од с.Говрлево датира од 5.478 година пред Христос.
Од тој момент Адам од Говрлево добива светска вредност за која без сомневање потврдуваа и специјалисти за Неолит како французинката Катерина Комањ која изјави дека фигуринката од глина е „Споменик за човештвото“.
Потполна тишина, не можеше да се слушне ниту човечки шепот. Само шумолење на листовите од дрвјата наоколу, мало ветре дувкаше и го ширеше чистиот планински воздух. Кислородот ни ги ширеше белите дробови и не охрабруваше да продолжиме со нашата љубопитност низ селото Говрлево.
Адам од Говрлево статуетка, фото: Сортол
Да бидам искрен посетата на музејот на Град Скопје, во кој сега е поставена фигуринката, ја направив неколку години по нејзиното изложување за македонската јавност. А посетата на локацијата во с. Говрлево ја направив дури 10 години подоцна во 2017г.
По толку години шетање во околината на Скопје село Говрлево беше единствена локација што не сум ја посетил и затоа се одлучив, во овој летен месец Јули, мојата следна викенд дестинација да биде токму Неолитската населба, одалечена само 21км.
Што знаеме за Адам од Говрлево?
Доколку побарате информации на интернет единствените фотографии што можете да ги најдете се токму од статуетката и од црквата св. Никола во селото. Текстуалните информации се исто така достапни и тоа што можете да го прочитате всушност се наоѓа во првите 2 пасоса од овој текст.
Со мобилна апликација за GPRS можете точно да одредите локација на с. Говрлево, оддалечено 21км и време за патување од 45 мин. Овие параметри се сосема доволни за да решите да го посетите местото со светска слава и впрочем, како Скопјани би требало сите ние да направиме една кратка викенд прошетка. Водно може да се посети во некоја друга прилика „Водно не ни бега“.
Следејќи ги насоките преку GPRS по правило секогаш се добива барем една погрешна инструкција што мобилната апликација ви ја дава. Овој пат грешката беше пред кругчето при крајот на бул. Србија и доколку го игнорирате овој податок тогаш патот ќе во однесе по бул. Борис Трајковски во населба Кисела Вода а не кон с. Говрлево.
GPRS апликација на релација Скопје-Говрлево, фото: Игор Манев
Колку повеќе се доближувате до Неолитската населба толку повеќе забележувате вегетација која е потполна иста со онаа од другата страна на Водно. Листопадни растенија како Бреза, див Костен и Даб додека од зимзелени растенија најчесто се гледа шума од Бор.
с. Говрлево се наоѓа токму од спротивната страна во правец Југо-Западно од планината, во општина Сопиште. Покрај патот поставени се неколку сообраќајни табли на кои пишува Горно Соње, Долно Соње и така по ред до селото.
На околу 1-2км пред селото состојбата на патот се менува од асфалт во макадам, симптом кој обично ви најавува дека местото е запустено. Со оглед на тоа дека постојат информации на интернет за статуетката и с. Говрлево никој не би помислил дека локацијата е навистина како во времето на Втора Светска војна. Но во тоа време барем имало жители.
При самиот влез во селото има само една рамна и мала површина, со ниска трева, на која можат да се паркираат 3-4 коли. Баш на ова место GPRS вели „You have reached your destination – Вие стигнавте на вашата дестинација“.
Меморијална табла од сојузот на борците од НОБ, фото: Игор Манев
Тука, пред вас, веднаш се приметува единствена меморијална табла во чест на паднатите борци од НОБ. Во 1944г. тие се бореле против балистичките банди за ослободување на градот Скопје.
Има ли денес некој во селото?
Патот низ селото Говрлево, фото: Игор Манев
Нагоре по патот од двете страни се гледаат куќи кои се направени во комбинација со кал и клесани камења, дрвени греди и дизајн карактеристичен за тоа време. Скоро сите куќи имаат два спрата и тераса што докажува дека жителите биле имотни.
Меѓутоа, сегашната состојба на тие предходно убави куќи е како да гледате хорор филм. Запустени се куќите, никој не живее во нив и затоа во најголемиот број тие се со скршени прозорски стакла. Гледате преку прозор внатре, во внатрешноста, црна темнина и не влегува ниту еден сончев зрак. Не можете да видите дали има таван, ѕид од соба или било каков предмет, мебел.
Наоколу куќите високи дрва и треви кои држат дебела сенка врз куќите.
Темнината е чудна во куќите! Се обидов да погледнам од разни позиции и да забележам било каков предмет внатре во собите но не видов ништо. Гледав од дистанца на далечина од 4-5 метри и повторно ништо не видов. Темнината изгледаше како црна завеса раширена по целата големина на прозорците, иако немаше џам стакло.
Не сум видел такво село до сега во мојот живот. За првпат ми се јави мисла како да сме во некој научно фантастичен филм, како да сме ние научно истражувачка екипа и еве, доаѓаме како ослободители на село во кое се случила голема катастрофа. Некаква страшна епидемија уништила сè живо наоколу. Тоа е болест на македонското општество т.н. „Бела чума.“
Запуштени куќи во с.Говрлево, фото: Игор Манев
Малку погоре кај друга куќа приметивме голем катанец на метална врата во приземниот дел. Што би можел да чува тука овој сопственик во вакво запустено место?
„Има ли некој!?“
Потполна тишина, не можеше да се слушне ниту човечки шепот. Само шумолење на листовите од дрвјата наоколу, мало ветре дувкаше и го ширеше чистиот планински воздух. Кислородот ни ги ширеше белите дробови и не охрабруваше да продолжиме со нашата љубопитност низ селото Говрлево.
„Има ли некој!?“ викнав силно неколку пати.
Се слушна лаење на куче некаде далеку, толку далеку што не можевме да лоцираме од каде доаѓа тој лаеж. Сега разбирам што значи „Село без кучиња“ позната македонска изрека.
Сакавме да прашаме било кој, да не упати, каде е пронајден Адам од Говрлево и каде се наоѓа црквата св. Никола?
Уште малку погоре покрај патот видовме диви сливи со црвена боја а на истата гранка полжав. Единственото живо суштество на ова место. Ако полжавот се карактеризира со многу мала брзина на движење и мекотел на кој времето воопшто не му е важно тогаш, ова е вистинското место за него. Селото Говрлево е назад во времето или можеби уште поназад во времето на Неолитот.
Куќи на сред село Говрлево, дрво од дива слива, полжав, фото: Игор Манев
Во ова запустено село има околу 20 куќи и како се движевме нагоре бргу стигнавме до последната. Тука некој почнал да прави тераса со покрив, 4-5 греди и неколку бетонски столбчиња. Минијатурна градежна работа, најверојатно за некој пензионер.
И токму од овде, од највисокото место во селото ја видовме црквата кон спротивната страна на планината. Се симнавме пеш до колата а потоа возевме по патот кон св.Никола. Не бевме сигурни дали е таа но, наликуваше многу на онаа што ја видовме на фотката од интернет и затоа претпоставуваме со голема веројатност.
Пред портата на црквата пишуваше св.Никола но вратата беше заврзана со дебела врвка, што би значело дека не смееме да влегуваме. Погледнавме наоколу и освен кокошарник со живи кокошки и неколку куќи во истиот стил, друго не видовме. Повторно истата глетка, запустено место и тишина.
Се слушаше некакво глодање, тоа беше некој коњ или магаре кое со своите заби глодаше нешто. Не можевме да го видиме животното но звукот беше јасен.
Црквата беше обиколена со камен ѕид и освен прерипување немаше друг начин како да се влезе внатре во дворот. А таму стари гробишта. Изгледаше како жителите на целото село да се тука закопани.
Тргнавме кон ова место со намера да видиме туристичко место со светско значење но реалноста беше сосема друга. Последната човечка дестинација не може да се лоцира ниту со GPRS мобилна апликација.
Црквата св. Никола беше убава наизглед со бела фасадна боја и камбанарија но, прашање е колку е активна.
Видео, патот и околу црквата св.Никола во село Говрлево, фото: Игор Манев
Тргнавме назад кон Скопје, тука повеќе немаше што да се види но сепак, бевме во исчекување дека по патот надолу ќе сретнеме барем еден жител. Изминавме 3-4км и веќе почнаа повторно да се појавуваат обработливи површини од кои најчести беа лозјата а потоа, пиперки и патлиџани. Лево и десно од асфалтот поминавме покрај неколку куќи карабини и убави викеднички. Овој предел беше населен во новоизградени домови и токму тука сретнавме еден пензионер кој одеше пеш.
Игор Манев: Добар ден
Пензионер: Добар ден, кажете
Ја бараме локацијата од каде беше ископан Адам статуетката од Говрлево, дали знаете каде е
тоа место?
Да, знам ама таму нема што да се види, местото е обраснато со висока трева и повеќе не се
одржува. Еве, тука е блиску ќе ви покажам ако сакате да одите таму ама ќе морате пеш не
може да се оди со кола!
Ако е толку запустена Неолитската населба тогаш нема потреба да одиме и да бараме, ние мислевме дека се одржува и дека е достапно за туристи.
Не, не, ви велам дека е обраснато со трева. Од таму ја ископаа статуетката и од тогаш не е направено ништо тука.
Што има во близина нешто друго интересно да се види?
Можете да ја посетите црквата св.Кузман и Дамјан таа се наоѓа веднаш по мовчето лево, надолу по патот. Денес е празник и има луѓе. Одат луѓе кои сакаат вода да наполнат за проблеми со очи и за жени кои немаат деца. Така вели Баба Рада. (се смешка)
Му се заблагодаривме за упатствата и се поздравивме со човекот кој само што се вратил пеш од истото место в црква. Додека возевме кон таа насока во кола се прашувавме која е Баба Рада и зошто човекот ни пренесува што таа кажала а не свештено лице од црквата.
Текстот продолжува во втор дел….
Пишува Игор Манев
Датум: 21 Јули, петок, 2017