Интервју со Лидија Зорба, драма: Дијагноза
Медицината одамна не е само лекување на луѓе. Таа е многу профитабилен бизнис. Стопанска гранка. Услужна дејност... лекарите и психолозите се луѓе. Некои од нив со текот на времето стануваат алчни, забораваат дека пациентот е човек кој е болен и исплашен а треба да плати. Моментот кога некому му се соопштува дијагнозата рак претставува голем стрес.
Лидија Зорба е активна личност која е присутна во повеќе општествени и професионални области во Македонија но и во бивша Југославија. Имено, магистер Зорба е вицешампион во боди билдинг на тогашната СФРЈ. Златните медали и освоените награди ја претставуваат како активен спортист, личност со многу енергија. Од тие причини таа е, денес, член на Олимписки комитет и државен судија за боди-билдинг.
Во полето на новинартството автор е на повеќе видео-аудио проекти кои биле финансирани од Советот за радиодифузија меѓу кои вредат да се споменат „Боксот во Македонија„ „Развојот на боди-билдингот во Македонија„ „Невербална комуникација„ „И ние можеме„ „Радио Преспа – прво македонско радио во Албанија„ и други.
Но нејзиното авторство не завршува тука, туку, таа продолжува со пишување на книги: ,,Мачка“ и ,,Поблиску до себе“.
По професија е магистер по Психологија која обрнува внимание на квалитетот на животот кај луѓе кои практикуваат и на практикуваат изокинетички и аеробни спортски активности. Всушност тоа беше и темата на нејзината магистерска дисертација. Нејзините знаења ги применува во секојдневниот живот за да им помогне на луѓето што ќе побараат помош од нејзе во центарот за Психологија ,,Зорба Консалтинг“. Покрај луѓето м-р Лидија Зорба е љубител и на животни, активно е вклучена во здруженија за заштита на животните.
Поводот за интервјуто е нејзиното авторско дело во форма на драма, со жанр криминалстичка траги-комедија, со наслов ,,Криминалец“.
Игор Манев: Комедијата во почетокот меѓу другото започнува со телефонски повици, Лиле со нејзините другарки. Зошто музиката ,,Долина на волците, доктор Дулитл и медитација„ се спомнуваат, зошто тие ринг тонови се значајни?
Лидија Зорба: „Дијагноза„ е една од збирката драми со заеднички наслов „Криминалец„ а тоа значи дека е криминалистичко траги-комедија. Сите драми во збирката имаат автобиографски елементи. Има детали кои треба да ја заскокоткаат љубопитноста на читателот. Секој ринг-тон (музика) го симболизира карактерот на ликот во драмата. Се надевам дека наскоро ќе можам да ја ставам на сцена. Мислам дека добар режисер би можел да направи одлична представа дури и со глумци аматери. Всушност, тоа е мојата намера, публиката да може да се препознае во ликовите, да сака и самата да заигра во сопствена режија во својот сопствен живот.
Сеанса, Психолог и лице во униформа, фото: интернет
Игор Манев: Главниот лик Лиле е пациент и психолог. Во психијатрија и психологија психосоматските болести се манифестираат поради настани кои предизвикале психички трауми. Дали преку главниот лик сакаш да ја опишеш немоќта на психологот во борбата со канцерот, да се справи со сопствената психосоматика која се развила во канцер?
Лидија Зорба: Да. И многу повеќе од тоа. Сакам да покажам дека во реалниот живот професионалните улоги кои ги играме не не прават имуни на животните настани. Многу психолози, лекари и други професионалци од областа на здравството се разболуваат од различни болести, па и од оние најстрашните. Токму затоа, ниту еден професионалец додека работи не треба да заборави дека и тој/таа е човек и дека со секоја дијагноза и терапија повеќе или помалку станува дел од животот на пациентот. Познато е дека лекарите се „најлоши„ пациенти исто како што лекарите кои и самите почувствувале како е да се биде пациент. По оздравувањето значително го менуваат односот кон луѓето кои ги лекуваат. Психолозите го достигнуваат зенитот во својата професија не тогаш кога имаат најмногу академски титули, туку тогаш кога имаат најмногу животно искуство зад себе и најдобар контакт со себе.
Игор Манев: Канцерот е дијагностициран но, Лиле тешко го прифаќа тоа и влегува во вербален конфликт со
д-р Ќоркрпев. Што треба да ни каже тој разговор дека докторот можеби се фолира и кажува цена за операција на медицински начин или пак, дека Лиле се плаши?
Лидија Зорба: Медицината одамна не е само лекување на луѓе. Таа е многу профитабилен бизнис. Стопанска гранка. Услужна дејност... лекарите и психолозите се луѓе. Некои од нив со текот на времето стануваат алчни, забораваат дека пациентот е човек кој е болен и исплашен а треба да плати. Моментот кога некому му се соопштува дијагнозата рак претставува голем стрес. Лиле е психолог знае што е тоа и се справува на свој начин. Но, повеќето пациенти тешко се справуваат со стресот од дијагнозите. Тие безмалку никогаш не се прашуваат дали навистина дијагнозата е точна? (Им велат дека не се компетентни, дека мора да го слушаат лекарот) Дури и да го постават тоа прашање, веднаш им се дава друга „дијагноза„ и минуваат низ фаза на неприфаќање на болеста (реалноста). Тоа е уште поголем товар за некој кој е во улога на пациент, сите без двоумење му веруваат на лекарот и лабораториските анализи. Никој не му верува на пациентот.
Девојка со депримирано расположение бара спас во алкохол
Игор Манев: Во ходникот на болницата се одвива разговор меѓу Лиле и Божо. Иако се интелектуално различни, дали оставаш место да се развие блиска интимна врска, иако за тоа не пишува во комедијата?
Лидија Зорба: Врската е интимна уште од самиот почеток. Тие и двајцата се на некој начин свесни за тоа и прават комедија од она од што за повеќето луѓе е девастирачко, трагично дури очајно. Ниту еден од нив не прифаќа да биде жртва. Тука има силна емпатија, па и покрај разликите и двата лика имаат синергиска интеракција која има свој развој. Но, драмата е криминалистичка и многу детали и се препуштени на фантазијата читателот. Тој, читателот има слобода да си избере каков развој на релацијата помеѓу двата главни лика сака.
Игор Манев: Божо постојано ја убедува Лиле дека дијагнозата не е точна, погрешна, дека не ѝ е ништо. На свој начин ама Божо влијае на расположението на Лиле, само за да ја разведри. Лиле го прифаќа тоа иако е лажна надеж, дали Лиле е давеник која се фаќа за сламка?
Лидија Зора: Не знаеме дали надежта е лажна. Божо го прави она што најдобро го знае. Тој е војник, специјалец, трениран да преживее во најтешки животни услови, но и со највисоки морални особини, да не си ги остави соборците на милост и немилост на непријателот. Божо е професионален борец. Таква е и Лиле. Тие се исти, само фронтовите на кои се бореле се различни. Во оваа драма и двајцата се наоѓаат на боиштето на животот и немаат никакви дилеми дека сакаат да преживеат.
Игор Манев: Што ќе одлучи Јане по разговорот со Лиле, ќе остане кај швалерките или ќе се врати кај жената и детето?
Лидија Зорба: Тоа е покажано во епилогот. Јане е млад. Темпераментен и избувлив, но не е бесчувствителен и не е без респект кон семејството. Тој е на друг животен крстопат на кој безмалку го изгубил животот. И нему му е потребен лекар, но и поддршка да донесе сопствена одлука и да го продолжи животот на начин кој самиот ќе го избере. Јане е борец кој изгубил една битка, но преживеал.
Игор Манев: Пријателките на Лиле реагираат многу возбудено откако дознаваат за дијагнозата канцер на дојка. Зошто нема средба меѓу другарките и разговор околу здравствената состојба на Лиле?
Лидија Зорба: Лиле не е жена што многу зборува. Таа повеќе слуша. Таква и е и професијата. Таа е терапевт. Таа прашува, слуша и потоа самата донесува одлуки за својот живот.
Игор Манев: Иако Лиле е силна физички, вежба кик-бокс, сепак нејзината психа е типично женска. Во смисла дека тешко одлучува. Но и дејствието на комедијата, на крај, остава голема неизвесност што ќе биде понатаму. Тоа ли е тоа?
Фитнес тренинг, жена по операција на дојка
Лидија Зорба: Животот е неизвесен. Милиони жени и мажи секојдневно донесуваат одлуки од кои зависи нивниот живот и животот на нивните семејства, само врз основа на некакво лабoраториско испитување или мислење на лекари и психолози. Малкумина се прашуваат што навистина чувствуваат и што сакаат за себе. Лиле сепак прави избор. Таа не заминува на операција или друго лекување. Таа пие дупла вотка во кафеана и заминува на излет со другарките и другарите на Божо... Тоа е тоа.
Пишува: Игор Манев
датум: 15 Април 2016г.