Ерван Фуере
Амбасадор на ЕУ
во Република Македонија

                                                   Европскиот модел го издржа тестот на времето

  Тоа е Декларацијата создадена од тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман, на 9 Мај 1950 година, со која се роди Европската заедница. Оттогаш 9 Мај го славиме секоја година. А причината е јасна. Тоа е поради визионерската моќ на Шуман кој, заедно со останатите основачи на европскиот интегративен процес, го пушти бродот на нации да заплови кон разбрануваното и мирно море.

  „Европа не може да се изгради за еден ден, ниту може да се изгради во еден чекор. Таа ќе се потпре на конкретните достигнувања создавајќи фактичка солидарност“

  И покрај огромните и сложени предизвици со кои ЕУ се соочуваше досега, а кои ни самиот Шуман не можел да ги предвиди, европскиот интеграциски модел го издржа тестот на времето. Можеби најдобар одраз на овој успех е тоа што Унијата од стартните шест се прошири на 27 членки а уште неколку се подготвуваат да влезат во неа. Шуман е првиот кој ќе нагласи дека што побрзо земјите од Балканот влезат во ЕУ толку побрзо ќе се елиминмира процесот на болните поделби наметнати од минатото. Тој го покажа прогресивниот пат и ја промовираше заедничката визија за широка унија на европски нации каде што надежта ќе го замени очајот а помирувањето ќе го замени непријателството.

                                                                                 * * *
Бернар Валеро
Амбасадор на Република Франција
во Република Македонија

                                                                Шумановата визија се оствари

  Исто толку визионер колку и човек на својот век, тој 20 век што ќе остане во колективното паметење како век на „европските граѓански војни“, Роберт Шуман е еден од татковците на Европа покрај Алсид де Гаспери, Жан Моне и Конрад Аденауер.

  Текстовите што ни ги остави во наследство сведочат за волјата на еден човек кој не ја прифаќа фаталноста на историјата и кој со своето дејствување и резултатите што произлегоа од него докажа дека силата на интелигенцијата може да и се спротивстави на апсурдноста на поделбата на варварството, мрачните сили и на резигнацијата на песимизмот. Со мала група храбри луѓе Роберт Шуман се издигна наспроти фаталноста на историјата и градеше врз урнатините на раздорот и соперништвото. Централен настан на тој чин на верба, со што се устоличи победата на интелигенцијта и визијата за една поинаква иднина, беше декларацијата од 9 Мај 1950 година што беше темел на изградбата на Европа.

„Европа нема да се направи ниту за еден ден ниту без судири. Ништо трајно не може да се остварува со леснотија. Сепак, таа е во движење...но, пред се, над институциите и како одговор на една длабока аспирација на народите, европската идеја и тој дух на заедница фатија корен“.

  Педесет години подоцна, овие зборови, овие мисли и ова дело на Роберт Шуман имаат особен одзив и значење тука, на Балканот. Во времето кога, после толку предизвици, народите на овој регион посакуваат мир и развој и не гледаат друг пат освој оној на Европската Унија. 

За Европа – Pour L’Europe/Robert Schuman

                                                                                 * * *

Владо Камбовски
член на МАНУ

                                                            Обединета Европа-епоха на разумот

  Европа, тоа историско легло на движењата за човековите права, не случајно денес е главниот полигон на кој се одвива цивилизацискиот пресврт, од асолутна, авторитарна држава кон демократска правна држава, од национален суверенитет кон суверенитет на граѓанинот, од супремација на невидливите отуѓени политички фактори – кон природните и неприкосновени слободи и права на поединецот. Оттука, сваќањето за обединета Европа нужно ја претполага универзалната димензија на човековите слободи и права и претставува израз на вековната борба на човекот против политичките, верските и други поделби меѓу луѓето. Поради тоа, Шуман со право ја истакнува политичката мисија на ЕУ, што може да се разбере како дефинитивно раскрстување со долговековната историја на насилтсво и како потрага по идеалите на мирот, просперитетот, солидарност и заедништвото што го потиснуваат екстремниот национализам и ја афирмираат неа како заедница на сите нејзини граѓани.

  Во светлината на основниот, човечки фактор, европското обединување може да се објасни како процес на создавање на заедница заснована врз правото а не врз присилбата и моќта. Современа Европа не е крената врз воени освојувања и победи, туку врз двомилениумската традиција на ius commmune, втемелена врз дамнешното римско право, чијшто врв на развитокотот е Јустинијановиот corpus iuris civilis од 533 – 534 година.

  Со потпишувањето на Договорот за заедницата за јаглен и челик меѓу Франција и Германија во 1951 година во Париз е родена „Малата Европа“ и е почнат процесот на европската интеграција кој на својот денешен степен на развој има блескав цивилизациски резултат, Европа без гранции, без војни, без диктатури, заедница заснована врз мир и мирно решавање на конфликтите, солидарност, взаемно почитување и почитување на националните, културните, религиозните и други разлики, правда и природни човекови права и плурализам, демократија и владеење на правото.

                                                                                  * * *

Роберт Шуман
еден од татковците на Европа

  Сепак, ми се чини дека размислувањата на еден политичар, чија најважна задача е да ги набљудува постојаните односи меѓу луѓето како членови на една заедница и меѓу самите заедници, а дејствува врз тие односи во правец на поголемо разбирање и соработка, ја содржа во себе силата на порака кога тие размислувања водат кон императивот од изградбата на Европа.
  Токму со таа цел, на страниците што следуваат, ги обединив главните идеи што потекнуваат од многубројните конференциски белешки, статии од печатот, обраќања во Парламентот итн, кои во текот на мојот политички живот ги насочуваа превземените активности во полза на обединета Европа.

  Во време кога во текот на само една генерација се случија судири меѓу луѓето со дотогаш невидена жестокост и опсег и кога заканата од нови судири како зла судбина и понатаму го обременува целиот човечки род, кога ново-пронајдените средства за уништување повеќе не им даваат на идните колежи карактер на натпревар на сопернички сили, туку на воопштено самоубиство, почуствувавме дека се наоѓаме на крстопат.

  На 9 Мај 1950 француската Влада, во својата свечена изјава, ја избра Европа. Европа спасена од хитлеризмот со нескротливата енергија на Винстон Черчил, од комунизмот преку видовитата иницијатива на Џ.Маршал, ослободена од нејзините братоубиствени и бесплодни борби, која одлучно зачекоруваше по патот на заедништвото, залогот за напредок, безбедност и за мир.                                                                                                                                
Одбрани политички ракописи:
Датум: 5 Јуни 2016

Книга: За Европа - Роберт Шуман, политички ракописи